5 нови технологии од коишто треба да се плашиме

Верувале или не, има пострашни работи од уништување на универзумот коишто можеби ќе ги дочекаме во нашиот животен век.

5-novi-tehnologii-od-koisto-treba-da-se-plasime-01.jpg

Иако голем дел од новите технологии имаат потенцијал во голема мера да ни го подобрат животот, доколку истите не ги контролираме може да се доведеме во ситуација во која треба да се плашиме од нив. 

Секако, тука се очигледните технологии од коишто веќе имаме всаден страв, како што се воените дронови, беспилотните летала, роботите-убијци и хакирање на беспилотните автомобили. 

Но, има и други иновации, за кои доколку не сме внимателни може да станат исто толку опасни:

Вештачка интелигенција за креирање лажни вести

Заборавете на сценаријата каде во земјата удира метеор и сите умираме. Вештачката интелигенција има потенцијал за пострашни сценарија од тоа, а тоа е креирање и ширење на лажни информации. 

Вештачката интелигенција има потенцијал лажните вести да ги направи на повисоко ниво од само пишан текст, односно може да  се стават и слики и видео како лажни вести. 

Така може еден ден сите да се најдеме во т.н. „фалсификувана реалност“.

Тим на истражувачи на Универзитетот Вашингтон демонстрираа дека е возможно да се истренира неврална мрежа така што ќе ги препознава формите на усните и звуците, а потоа таа информација да ја искористи за да креира фотореалистични вештачки видеа со личност којашто зборува текст од друга аудио снимка. 

Дури имало и демонстрација, така што бил направен клип во којшто Барак Обама кажува текст од негови претходни говори. Јасно е која е опасноста, со добра продукција на аудио снимките и доволно видео материјал, можете да креирате видео со моќни луѓе кои го кажуваат она што вие го сакате.

Експертите велат дека како што може вештачката интелигенција да биде користена за креирање на лажни видеа, така може да биде користена и за детектирање на истите. 

Сепак, технологијата за детектирање на лажните вести е поназад во развојот од онаа за креирање на истите и се наоѓаме во опасност да бидеме преплавени со лажни вести.

5-novi-tehnologii-od-koisto-treba-da-se-plasime (5).jpg

Виртуелно подобрена реалност

Виртуелно подобрената реалност има многу голем потенцијал, особено во претприемништвото. Но, ако сега ви пречат поп-ап рекламите кога ги посетувате вашите омилени веб страни, тогаш почекајте да видите како ќе ви биде кога ќе почнат истите реклами да ви се појавуваат во виртуелно подобрената реалност. 

Несреќите коишто се случуваа како резултат на играње Покемон-Го се само врвот на сантата мраз која се крие под површината на виртуелно подобрената реалност.

Не верувате? Само замислете, она што треба да биде корисен интерфејс којшто ќе ви помага во секое време да добиете информации, може многу лесно да се претвори во хаос од непрегледност исполнета со непотребни и досадни реклами.

5-novi-tehnologii-od-koisto-treba-da-se-plasime (2).jpg

Компјутерски интерфејс поврзан со вашиот мозок

Компјутерските интерфејси поврзани директно со мозокот ветуваат многу во развојот на технологијата, производството и контролата на уредите. Тоа може да води кон свет каде немате потреба од глувче и тастатура или екран на допир. 

Ова е особено полезен развој на технологијата во област на медицинската технологија каде може да се користи од инвалиди и луѓе со попречен развој, па дури и при сложени операции.

Сега се отвора ново поле во развојот на оваа технологија каде веќе таа не е еднонасочна. Поточно не испраќа само вашиот мозок сигнали до машината, туку може и машината да испраќа сигнали до вашиот мозок. 

Ова може да доведе до нови сознанија на можностите на човековиот мозок и третирање на пациенти со разни невролошки нарушувања. Но, исто така креира и директна линија во човечкиот мозок, а таа линија веројатно во иднина ќе може и да се хакира, како што можевме да видиме во популарното аниме „Ghost in the Shell“. Така ќе може да се креираат светови од илузија околу жртвите на хакерскиот напад.

Секако, сега сме уште далеку од тоа, но штом веќе се започнати истражувањата треба и да почнеме да размислуваме за последиците коишто може да произлезат од нив. 

Што ќе се случи кога ќе реши машината со помош на вештачка интелигенција да почне нас да нѐ програмира?

5-novi-tehnologii-od-koisto-treba-da-se-plasime (3).jpg

Постојано следење преку интернет

Веќе живееме во свет каде што сè е на интернет. Доколку интернетот продолжи со овој развој може да очекуваме уште многу подобрувања и олеснувања во нашите животи. 

Целта на оние коишто се директно замешани во развојот на интернет технологијата е да се покрие целиот свет со милијарди сензори коишто ќе праќаат информации за сè што ни е потребно во реално време.

Сепак, секој од овие сензори ќе собира одреден вид на податоци и за нас, а без претходно регулирање на нивните ограничувања, секој од овие сензори може да стане еден вид на „голем брат“ којшто внимава на секој наш потег. 

Свет во којшто можете сè да следите има голем потенцијал за добрина, но има и голем потенцијал да прејдеме во ерата на филмот „Minority Report“ во којшто владата го следи секој ваш потег.

Мислите дека ова не може да се случи? Веќе се случува во Кина. Таму законите за заштита на приватноста не се толку ригорозни и системот за препознавање на лица веќе се користи во многу камери за обезбедување и сообраќајни камери. Системот за препознавање на лица во Кина е во подем како на ниедно друго место. 

Во рестораните за брза храна системот се користи за да предвиди што ќе нарачаат муштериите, а авиокомпаниите го користат наместо карти за чекирање. Само во изминатиот септември, кинеските власти успеале да уапсат 25 барани криминалци со помош на софтверот за препознавање лица на фестивал на пивото.

Сè ова звучи добро додека се користи против криминалците и терористите, но што ќе се случи доколку земји со корумпирани влади почнат да го користат истиов систем. 

Можно е многу брзо да посакаме да се врати времето кога социјалните мрежи беа нашата најголема грижа.

5-novi-tehnologii-od-koisto-treba-da-se-plasime (1).jpg

Продолжување на животниот век

Здравјето е многу битно за сите нас и сите ние секојдневно се обидуваме да најдеме нови начини за да живееме подобро и подолго, без разлика дали тоа е преку редовно спортување, правилна и здрава исхрана, разни диети, иновации во спиењето или дури некои нови видови на лекови.

Сите овие обиди за подобрување на здравјето се со една цел, а тоа е продолжување на животниот век. Некои теоретичари, коишто се залагаат за теоријата дека стареењето може да се запре, сметаат дека веќе се родени првите луѓе коишто ќе можат да живеат подолго од 1.000 години.

Но, има и темна страна на продолжувањето на животниот век. Ова продолжување на животот може да биде искористено за креирање на построги казни за криминалците. Во случаите каде казната од 30 години затвор ќе се смета за прелесна, ќе се пресудуваат казни од доживотен затвор во согласност со животниот век. 

Па така, може да се соочиме со доживотни казни затвор коишто ќе траат неколку стотици години, наместо како сега неколку десетици години. Секако ова ќе значи дека за општеството ќе биде многу поскапо издржувањето на ваквите казни. Има и добра страна на продолжувањето на животниот век, а тоа е продолжување на векот на работникот и одложување на пензијата, па така ќе се намалат тие трошоци кон државата.

Друг аспект којшто ќе мора да се земе предвид е пренаселеноста на земјата во период кога луѓето ќе имаат подолг животен век, а се продолжи со создавање на нови поколенија. Наталитетот ќе остане ист, можеби и ќе се намали, но морталитетот речиси и ќе го снема па многу брзо Земјата ќе се соочи со пренаселеност и недостаток на храна.

5-novi-tehnologii-od-koisto-treba-da-se-plasime (4).jpg

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Постојат 5 вида „зависници“ од мобилни телефони (и интернет) – На која група ѝ припаѓате вие? Дали се чувствувате изгубено ако во моментот паметниот телефон не ви е при рака ...
Митови за iPhone кои не се точни (и можат да ви го расипат уредот) Ако исклучите Bluetooth ќе заштедите батерија и телефоните се отпорни на вируси ...
Како онлајн предаторите можат да ги злоупотребат фотките што ги објавувате од вашите деца? „Онлајн предаторите можат да ги претворат фотографиите од децата во експлицитни ...
Како да го спречите расипувањето на батеријата и да му го продолжите рокот на траење на смартфонот? Не купувајте евтини полначи и не ги игнорирајте надградбите за софтверот – како ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg