Даниел со светски Х – фактор, а кои се последните кои продолжуваат во „Х – фактор Адриа“?

Во втората емисија од фазата во куќата на судиите ги видовме групата „Бендови“ на Кристина Ковач и нејзиниот помошник судија, Леонтина Вукомановиќ и групата „Натпреварувачи над 27 години“ на Жељко Јоксимовиќ и неговиот помошник судија Тони Цетински..

daniel-so-svetski-x-faktor-a-koi-se-poslednite-koi-prodolzuvaat-vo-x-faktor-adria-01

Во Белград се случуваше аудицијата на Кристина каде први кои настапија беа Јана Вуковиќ и Лука Грумиќ, како прекрасен хармоничен дует со одлично согласени и балансирани вокали, но за жал не поминаа во следната фаза.

Втори од бендовите се претставија победникот на македонскиот Идол и неговиот брат, Иван и Кико Раденови. Коректно испеаја, но не доволно воодушевувачки за да се издвојат во силната конкуренција, поради што не продолжија во следната фаза.

Третиот бенд е еден од новоформираните бендови во оваа фаза, од оние натпреварувачки кои не поминаа на првите аудиции како соло пејачки. Веројатно многу подобро звучат како бенд „4U“, бидејќи со својата изведба покажаа дека навистина може да функционираат како женски бенд и продолжија во следната фаза во натпреварувањето.

Ромската група „Рома Сијам“, како четврти кои настапија повторно се издвоија со својата оригиналност и различност. Комбинацијата на ромскиот јазик и американскиот рап беа одлична комбинација, но не доволна за да поминат во следната фаза.

Вистинско уживање и освежување беше вториот новоформиран бенд од момците кои не поминаа како соло изведувачи. Како boy band „Доктори“ функционираат дури и многу подобро, поради што ако не поминеа сега беа решени и сами да продолжат со кариерата како група.

Последниот шести бенд можеби најмногу се очекуваше за да се слушне како ќе звучи комбинацијата од нашата Фифи и Маринела Џогани. Според она што го покажаа, името „H2O“ им е сосема соодветно, бидејќи звучеа навистина моќно и согласено. Ја заслужија шансата што им ја даде Кристина и продолжија во следната фаза.

Тешки беа одлуките со оглед на квалитетот кој сите го покажаа, но само три бендови продолжуваат со натпреварувањето во живо: женскиот бенд 4U“, машкиот бенд „Доктори“ и дуото H2O“, на Фифи и Маринела.

daniel-so-svetski-x-faktor-a-koi-se-poslednite-koi-prodolzuvaat-vo-x-faktor-adria-1

Во Будва, на брегот на Јадранското Море се случуваше аудицијата на Жељко, а во изборот му помагаше Тони Цетински.

Прва од оваа група натпреварувачи над 27 години беше ќерката на починатиот српски пејач Луис, Маја Новаковиќ која испеа премногу емотивна балада и му ја посвети на својот татко. Тони и Жељко беа воодушевени од неа и емоцијата која ја покажува додека ја пее секоја нота. Тоа беше и една од причините поради кои таа продолжува во следната фаза.

Славко Калезиќ настапи втор на оваа аудиција, одлично испеа, но како што би рекол Тони, повеќе одговара на мјузикл, отколку на ова натпреварување. Бидејќи по професија е глумец, веројатно ќе има шанси таму да го покаже својот Х - фактор.

Младен Лукиќ е музичкиот професор и тромбонист кој буквално ги остави наежени и импресионирани и Тони и Жељко. Фантастична изведба на исклучително тешка песна со неверојатна контрола на гласот и со премногу внесени емоции во секој тон, беа повеќе од доволни за да продолжи во следната фаза со настапите во живо.

Маид Хеќимовиќ кој важеше за еден од фаворитите, особено на женската публика, испеа одлично, дури за момент вокалот му беше толку моќен и силен што немаше потреба од микрофон. При соопштувањето на одлуката дека не поминува понатаму, Жељко му призна дека тој лично никогаш го нема достигнато тој волумен на глас.

Петта по ред настапи Бојана Рачиќ со особено силна и тешка песна, но нејзиниот глас беше доволно моќен за да ја испее онака како што звучеше и да успее да ги пренесе своите емоции. Сепак, конкуренцијата беше преголема и таа не продолжи во следната фаза.

На крај, како шести, настапи нашиот Даниел Кајмакоски кој буквално ги воодушеви и можеби немаше потреба да чека до одлуката. Првиот коментар на Тони Цетински беше дека тој има светски Х - фактор и слободно може да го освојува светот. Уште една потврда на претпоставката на Кристина Ковач дека тој може да биде победникот на ова шоу. Точно, прецизно и перфектно пеење кое не беше возможно да не помине во следната фаза на натпреварувањето.

Во оваа група за нијанса можеби беа и потешки одлуките, но, сепак Жељко и Тони се согласија кои тројца ќе продолжат понатаму: Маја Новаковиќ, Младен Лукиќ и Даниел Кајмакоски.

daniel-so-svetski-x-faktor-a-koi-se-poslednite-koi-prodolzuvaat-vo-x-faktor-adria-2

За сите оние кои можеби се малку разочарани ако не продолжил понатаму нивниот фаворит, Raiffesisen Club Serbia им овозможува преку гласање на нивната апликација, да вратат по еден од испаднатите натпреварувачи во двете групи.

После оваа фаза ќе почнат подготовките за настапите во живо каде се очекува вистинска борба, но и вистинско уживање.

Погледнете ги уште еднаш настапите на Фифи и Даниел

Кој е вашиот фаворит?

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg