За сите кои растеа со „Златно славејче“ и „Дајте музика“, ги пееја „Никола, Никола“ и „Сакам кола убава“ - Сеќавање на детството

Во мое време, пред околу 30 години, детските песни беа невини и искрени, се пееше за првата симпатија, за другарството, се пееше за учителките и градот убав, а пред сè се пееше од срце и љубов за децата.

sekjavanje-so-oci-polni-sozli-za-site-onie-koi-rastea-so-zlatno-slavejce-sido-kalinka-i-gi-peeja-nikola-nikola-sakam-kola-ubava-zaljubena-01.jpg

Нема некој од мојата генерација, кој растеше во '90-тите и раните 2000-ти години, а да не го знае рефренот од „Сакам кола убава“ или „Боби, баш ми е гајле“ - песнички од нашето детство кои и денес ни измамуваат носталгија.

Се сеќавам на детството кога растевме со неколку телевизиски програми, цртани филмови преснимени на видеокасети и чекавме на радио да ги слушнеме своите омилени песни.

Тоа време, пред околу две-три децении, беше време на безгрижно детство, игри на улица. Тогаш верувавме во бајки и смислуввме кореографии за патрониот празник на училиштето на хитовите од „Златно славејче“ и „Си-До“.

sekjavanje-so-oci-polni-sozli-za-site-onie-koi-rastea-so-zlatno-slavejce-sido-kalinka-i-gi-peeja-nikola-nikola-sakam-kola-ubava-zaljubena-03.jpg

Во тоа време, тие беа нашите Тик-Ток и Јутујуб. Иако сега со само еден клик можеме да стигнеме до омилената песна и да ја слушнеме веднаш, во тоа време чекавме цела година за новиот фестивал.

А кога имаше репризи на телевизија, тие беа нешто што не смеевме да го пропуштиме.

Во тоа време, во моето време, детските песни беа невини и искрени, се пееше за првата симпатија, за другарство, за „визба стара и гитара“, се пееше за учителките и градот убав, а пред сè се пееше од срце и љубов за децата.

sekjavanje-so-oci-polni-sozli-za-site-onie-koi-rastea-so-zlatno-slavejce-sido-kalinka-i-gi-peeja-nikola-nikola-sakam-kola-ubava-zaljubena-040.jpg

Златно славејче – симбол за музичка детска магија

„Златно славејче“ бил, е и засекогаш ќе остане синоним за детска магија на сцената, песни кои никогаш нема да се заборават. Овие сеќавања се врежани во срцата на малите пејачи и пејачки кои ги освоија сите со својот талент.

Фестивалот постои 50 години и во овие пет децении многу детски таленти застанаа на сцената на фестивалот, а уште повеќе деца силно аплаудираа од публика и ги учеа рефрените од песничките.

И иако фестивалот е за деца, дури ни постарите не можеа да одолеат и да не ги запеат „заразните“ строфи.

Под диригентската палка на маестро Александар Џамбазов, хорот од педесетина златни славејчиња секоја година ги маѓепсуваше детските срца желни за забава и нови хитови за роденденските забави.

Од сцената на „Златното славејче“ излегоа песни кои се и денес вистинско богатство, не само за децата, туку и за нас возрасните, кои со очи полни солзи и душа полна носталгија, се сеќаваме на нив.

Фестивалот „Златно славејче“ е вистинска ризница која брои многу автори, композитори, пејачи кои секоја година беа сè поуспешни.

Познатите македонски музички ѕвезди Тоше Проески, Калиопи, Ана Дурловски, Симон Трпчески, „Некст тајм“, Влатко Илиевски, Давид Темелков, Маја Гроздановска Панчева беа златни славејчиња и пееја на фестивалот додека беа деца.

Во сите овие години испеани се многу хитови на кои и денес им ги знаеме зборовите: „За сите деца“, „Сакам кола убава“, „Дувна ветре развигорче“, „Ах, тој крокодил“, „Рингишпил“, „Слончето Бимбо“, „Кап, кап“, „Никола, Никола“.

„Си-До“ – безвременски детски хитови

Некои безвременски детски хитови, на кои носталгично се сеќаваме и денес, беа испеани на битолски детски фестивал „Си-До“.

Незаборавните: „Наташа од трето три“, „Како ли јас да пораснам“, „Боби, баш ми е гајле“, „Визба стара и гитара“, „Марија на Бундеви“, „Анушка“, „Метро и жилет“, „Прва љубов“, „Заљубена“, „Огледалце“ и многу други, кои нè враќаат назад во едно убаво време.

Некои од денешните македонски музички ѕвезди, како Каролина Гочева, Ристо Самарџиев, Драган Каранфиловски-Бојс, Димитар Андоновски, Христијан Спировски и други, своите музички таленти ги покажаа токму на сцената на „Си-До“.

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Носталгија по детство – игравме џамлии, правевме шатори, повикувавме духови и се натпреварувавме во ... Пред неколку седмици, во домашна атмосфера, се собравме неколку пријатели – сите...
Некогаш на учителките им носевме каранфили, денес ваучери за шопинг: Дали претеруваме за 8 Март? „Се сеќавам, кога бев во основноо, немаше натпревар кој ќе ѝ купи поубав или пос...
Гледаме туторијали на YouTube, бараме совети на Фејсбук - Колку се промени мајчинството во последнит... За секој проблем со децата, бараме совет на интернет. Имаме модерни виртуелни се...
Дел од омилените парови меѓу македонските актери – вљубени и приватно и на сцената Љубов и приватно, но и на театарската сцена. Кои македонски актерки биле и сѐ уш...
Кире Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Кошарка ми е омилен спорт, обожавам македонска народна музика“ „Многу сакав да играм џамлии и фудбал на улица со другарите. А бев голем бељаџиј...
Тоше ми пееше „Happy Birthday“ среде Истанбул на Евровизија 2004 – Никогаш нема да го заборавам овој... „Андријана“ – го слушам гласот на Тоше од зад мене. Се свртев, а тој качен на вр...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg