Александар Митевски за CRNOBELO лексикон: „Малку ми е незгодно кога во кафеана ќе засвират и некоја наша песна“
- Детали
- петок, 06 февруари 2026
„Една работа за која се каам во кариерата се политички кампањи и политика. Со годините и зрелоста сфатив дека мојот свет е музиката и сиот народ како публика“ - напиша Александар Митевски во напиот лексикон.

Александар Митевски е и пејач и композитор, но и музичар кој во својата 30-годишна кариера создаваше песни не само за себе, туку и за бројни изведувачи од домашната естрада.
Последните неколку години активно има и свирки, и тоа како дел од дуото „Дац и Александар“, па со актерот Драган Спасов и пеат за своја душа, но и за душа на публиката која ужива во секој нов хит што ќе го снимат.
Иако во однос на музиката е експониран, приватниот живот го чува за себе. Иако се гордее со сопругата Ана и со ќерките Ања и Мања, за нив зборува само понекогаш, кога сака да сподели нешто убаво поврзано со нив.
Тој се потпиша во нашиот лексикон, па освен што кажа дека специјалитетите што ги готват неговите ќерки му се меѓу омилените, а уметничките слики од сопругата ги обожава, ни откри и каков ученик бил, што си помислил по првиот бакнеж, за најголемиот страв во животот...
Прочитајте што напиша Александар во лексиконот na CRNOBELO.com:
1. Како се викаш и дали имаш прекар?
Александар. Прекар немам, некои другари и соработници знаат да ме викаат „Пејач”, ама се малку на број.
2. Колку години имаш и што си во хороскоп?
На 27 јануари наполнив 48 години, роден сум 1978 и сум Водолија во хороскоп.
3. Која ти е омилена песна? А пејач и пејачка?
Една од тие омилени ми е Bohemian Rhapsody и, секако, Фреди Меркјури.

4. А омилена книга? И слика?
Книгата на животот. И уметничките дела од мојата сопруга Ана.
5. Омилен глумец, глумица, филм, серија?
Обично се тоа стари класици на кои со задоволство се навраќам како Back to the future, Godfather, а инаку на Нетфликс гледам скоро сè, од филмови до серии. Речиси и да нема нешто што не сум гледал.
6. Имаш ли омилен спорт, клуб, спортист? За кого навиваш?
Не следам многу денешен спорт, знам да гледам тенис од време на време, а навивам за Македонија.

7. Имаш ли милениче? Како се вика?
Бишонче, нашиот Боно.
8. Која е најчудната/најсмешната порака што си ја добил на Инстаграм?
Обично покрај многуте пофални зборови има и чудни, смешни, интересни пораки кои стигнуваат на профилите на Дац и Александар. Таму имаме публика од 7 до 77, па има секакви пораки.
9. Што сакаше да бидеш кога ќе пораснеш?
Пливач, цртач, аниматор, пејач, креативец во секој случај. Па. ми велат дека успешно пливам и во тие води.

10. Кој ти е омилениот пијалак? А храна?
Кинеска храна ми е интересна, а многу ми се допаѓаат и специјалитети кои ги прават моите ќерки Ања и Мања.
11. Кој ти е најдобар другар/ка? Колку долго се дружите?
Имам голем круг на пријатели и познаници со кои се дружам со години.
Иако, во последно време сè помалку време имам да одржувам постојани контакти, но гледам да наоѓам време за секој од нив кога можам.
12. Каков ученик беше? Кој ти беше омилен предмет?
Па, бев одличен ученик. Музичко и ликовно ми беа омилени предмети.

13. Кој ти е идол (а да не е позната личност)?
Профил на луѓе што го посветиле животот да помагаат на други луѓе, без разлика од браншата.
14. Кога би можел да си лик од цртаните, кој лик би сакал да бидеш?
Тарзан или Мечето Ушко. Да бидам лик од едно убаво, мирно време, без брз живот и стресови.
Или некој лик од Македонските народни приказни - нив ги гледам и денес и ме одмараат.
15. Кои ти беа најомилени игри во детството?
Фудбал. И стандардни детски маалски игри. Сервис, џамија, криенка.

