„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“
Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додека јаде, додека оди, кога разговара. И сфаќам дека веќе не е истата жена од пред некоја година. Сфаќам дека годините си го прават своето и дека таа полека ми „венее“ пред очи.

Мајка ми за некој месец ќе полни 71 година. Порано, луѓето со 71 ми беа стари... денес, веќе не. Таа не личи на баба каква што имав јас - со побелена коса, со шамија на главата... се облекува класично (и модерно), секогаш е со фризура, не излегува од дома без малку шминка.
И иако многу работи се исти, многу и не се. И тоа ме плаши, ме лути...
И сфаќам дека кога ќе ѝ се развикам за некоја баналност, тоа не е затоа што сум и вистински лута, не, туку затоа што полека ја стасуваат годините.
Додека јаде, рацете почнуваат да ѝ се тресат. Не секогаш, но често.
Додека оди по улица, на моменти како да е робот, оди само право без да гледа што се случува околу неа, како да ѝ е страв дека ако сврти поглед ќе го загуби фокусот.
Многу брзо почнува да заборава. Тоа за што сме зборувале сега, по половина час е пак тема на разговор, зашто не се сеќава дека сме разговарале за тоа.
Некогаш знам да викнам „Дај фокусирај се“, другпат смирено разговараме од почеток на истата тема како да ни е првпат, ја ислушувам што има да каже.

Да, пие терапија за „заборавеноста“, за потхранување на мозокот, за фокусирање на мислите, ама некогаш како ни тоа да не помага, ни малку.
Знам дека некои работи се неизбежни со годините, јас стареам и заборавам, не само таа, но ете... тешко ги прифаќам. И често, лошо се справувам со нив.
Од друга страна, приметувам дека не ја изгуби „меката“ страна, па сака да нè гушне сите дома - татко ми, сестра ми, мене, сака да си поразговара со внуката тинејџерка (за оценки и дечко).
И сака да готви, секој ден, и по два ручека ако треба, не ѝ е тешко.
Што да кажам, освен дека често свесно се трудам да се воздржам од повишување тон и да ѝ ја пружам целата љубов што ја заслужува.
А мојата лутина поради тоа што мајка ми старее? Ќе мора да ја потиснам, нели?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
