Откако станав мајка, многу работи ми се пеколно тешки, но никогаш повеќе не сум се смеела до солзи

Откако станав мајка добив таков огромен товар на неочекувани обврски и незамисливи главоболки, што сум дури изненадена.
Апел - мајките малку повеќе да ја споделуваат реалната слика како изгледа мајчинството и малку помалку да сервираат сценарија од романтични комедии пред другарките што немаат деца.
Од каква формула за млеко до адаптација во градинка и вируси, навистина нема потреба да навлегувам – сите мајки добро знаат за што зборувам за во првите години од животот на детето.
И тоа се толку здодевни обврски и толку мали, но сепак големи проблеми и една сосема поинаква динамика на функционирање.
Но... едно големо НО. Клише, ама ќе кажам ВРЕДИ! И за секоја непроспиена ноќ и за секое седо влакно.
И не дека животот и пред тоа не ми беше убав и исполнет. Ми беше, искрено ми беше прекрасен.
Но, сега? Сега е чудно обоен во поинтензивни нијанси. Не знам како, но чувствувам посилно, сакам побезрезервно и можеби и за првпат дозволувам некој да ме предизвикува на мал милион начини и на моменти да ми игра по нервите и притоа да останам смирена.
А тоа? Тоа ме гради како личност! Карактеристиките кои некогаш ми недостигаа, како трпение, толеранција, промислување на кажанато и направеното, сега сами си дојдоа на моја адреса.
Сега, јас импулсивецот, дури одвојувам време во ноќите да читам како е правилно да изреагирам во одредени ситуации кога станува збор за моето дете.
Колку простор треба да му дадам, колку слобода, колку граници. И ме очекува тука тешка мисија и што би рекле моите пријателки со постари деца: „Назад ти е орото“.
И така е... Но, цела оваа мисија од мало беспомошно бебенце да се создаде голем и самостоен човек, кој притоа нема да биде анксиозен, ќе биде самоуверен, ќе слуша, а нема да биде полтрон и што уште не, колку и да ме плаши, сметам дека е најзначајното нешто што ќе го направам во животот.
И рано е за сето тоа и не ми се зборува пред рака.
Но, од оваа перспектива ќе споделам само зошто вреди.
Вреди затоа што никогаш почесто во животот се немам смеено до солзи.
Смеење онакво искрено од срце, кога душата ви се радува, а емоциите сами се тркалаат во форма на капки по вашето лице.
И тоа смеење за најглупавите работи на светот, за тоа како моето дете се смее, за начинот на кој ја држи боицата и мисли создава уметност, за триковите кои ги смислува за да ме надмудри, за насмевката што му ја мами на мојот партнер така лесно, за бебешките радосни звуци што ги испушта горд што прескокнал некое обично прагче, за рачињата кои сакаат да ме галат пред спиење и за мирот на неговото лице кога заспива, а кога ќе почувствува дека јас сум тука до него. Јас сум му доволна, моето присуство му е доволно.
И така магично, јас непреемотивната, ги пронајдов емоциите во себе.
И честопати исцрпена од обврските, трудејќи се паралелно да го водам животот кој го водев и претходно, затоа што лично јас го сметам детето за збогатување на животот, а не за крај на истиот, ќе кажам искрено и од срце ВРЕДИ.
И морав ова да го напишам затоа што често по навика ние мајките си ги споделуваме само маките за децата, затоа што некако како да сметаме дека се подразбира кои се радостите, но сепак убаво е вака да си кажеме, споделиме, напишеме, нагласиме...
Има радости, буквално секојдневно, и не се мерат ниту во тони!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело
