На него мислам и кога мислам дека не мислам

Никогаш претходно не сум имала причина која ќе ме држи будна на перница милувајќи ме со немирот по лицето. Никогаш претходно не сум чувствувала немир, сè додека не го запознав него. Од тогаш мислам на него и кога мислам дека не мислам.

na-nego-mislam-i-koga-mislam-deka-ne-mislam-01.jpg

Слушам тажна песна, мислам на него, се убедувам дека е до песната, не е важен тој.

Пијам кафе сама, мислам на него, се сеќавам дека сме го пиеле заедно, се тешам дека вака е послатко, му ставам повеќе шеќер за да ја разблажам горчината во душата, но не оди.

Тој е од оние кои ги сакаш и кога не ги сакаш, ги сакаш за тоа што се, но не ги сакаш бидејќи знаеш какви се.

Тој е од оние кои ти шетаат низ мислите без дозвола, колку и да ги бркаш, не излегуваат, немаат срам.

Тој е од оние што ти го пецкаат срцето, само за да продолжи да чука, тој е од оние што се всадува во душата и ја прават зависна од него.

Ми тече во крвта, иако мислам дека не останало веќе ништо од него во мене, во тие моменти се прашувам...

na-nego-mislam-i-koga-mislam-deka-ne-mislam-2.jpg

Зарем постои нешто повеќе што може да остане од тоа „НИШТО” со кое се тешам дека не е сè што некогаш сум имала?

Тогаш сфаќам дека покрај тоа што мислам на него и кога мислам дека не мислам, го сакам и кога мислам дека не го сакам!

Го сакам и кога мислам дека го заборавaм. Го сакам и кога бакнувам туѓи усни.

Го сакам и кога се чувствувам среќна, а тагата ме потсетува на него. Го сакам и кога спијам, а најмногу ми недостасува наутро кога се будам сама.

Го сакам во моментите кога ја гледам светилката на мојата улица под која се бакнувавме секоја ноќ, а сега на местото на бакнежите се собрала магла која ми ги заматува очите.

Магла која се испречува помеѓу мене и сеќавањата, магла поради која си мислам дека не го сакам повеќе.

Но, го сакам! Го сакам и кога си мислам дека не го сакам! А самата почнав да се мразам кога ќе сфатам дека го милувам во мислите, го љубам во срцето, засекогаш дури и кога велам никогаш повеќе.


Д.М.| Црнобело

Би можело да ве интересира:

Откако станав мајка, многу работи ми се пеколно тешки, но никогаш повеќе не сум се смеела до солзи Откако станав мајка добив таков огромен товар на неочекувани обврски и незамисли...
„Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Немав ни 1.000 денари во џеб, но почувствував мир“ „Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Баба ми ми испрати џем. Првпат им...
„Некогаш го сакавме снегот. Едвај чекавме да падне. Правевме снешковци, имавме санки“ Некогаш го сакавме снегот. Едвај чекавме да падне. Правевме снешковци, имавме са...
Мајка прави совршени фотки на базен, си зборува на телефон и не ја погледнува ќеркичката што ја моли... Колку е тажно тоа. Пред неколку дена, додека бев на базен, видов млада мајк...
Тијана Скулиќ за CRNOBELO лексикон: „Идол ми е мајка ми - по смртта на татко ми сама нè издигна мене... „Во детството се срамев од презимето и тоа дека сум муслиманка. А тоа се двете р...
Чарна Невзати за CRNOBELO лексикон: „По првиот бакнеж си помислив дека не е баш филмски“ „Здраво, во глава сме заедно веќе 5 месеци. Среќна годишнина! - е најсмешната по...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg