До мојот помал брат: Научи се да пливаш на разбранети води

Се сеќавате на ветувањата кои ги дававме додека бевме мали, споени малечки прсти и искрени детски зборови кои посакувате да траат засекогаш...

nauci-se-da-plivas-na-razbraneti-vodi-01

Тогаш не бевме свесни, но како што растевме сфаќавме дека во тешките моменти од животот тие беа единствените кои ни беа потребни. Присуството на оној кој се заколнал на вечно пријателство и утешен збор на оној кој тогаш ја држел вашата рака.

Беше сабота наутро, пиев горко кафе и се потпирав на прозорецот. Се чувствував потиштено, немаше конкретна причина, тоа беше едноставно оној период кој доаѓа како чувството на грижа после цела изедена чоколада. Се чувствував осамено и зјапав во природата која го одземаше здивот.

Во главата ми се вртеа сите работи кои не сум ги направил, сите случки кои не требало да се случат, сите гневни разговори кои не требале да излезат од мојата уста, постапките кои не биле правилни, никогаш претходно не се случило тоа, но тој ден се случуваше и јас немав конкретна причина да објаснам зошто.

Ми недостигаа луѓето кои на некој начин заминаа од мојот живот, ми недостигаат времињата кога заедно седевме на тремот на нашата куќа и разговаравме, заборавајќи на сите проблеми кои се околу нас.

Тој ден конкретно ми недостигаше една личност, мојата сестра која многу одамна го спакува куферот и го напушти семејниот дом, градот и државата кои мене полека ме гушеа. Замина да го следи својот сон, со огромна храброст која ете на некој начин јас не ја пронајдов.

Додека дремев на прозорецот слушнав тропање на клучеви, се зачудив бидејќи моите беа на работа, не очекував некој да дојде. Се симнав по скалите и како што симнував ја гледав личноста која се појави на вратата.

Го испуштив кафето и се насолзив во очите. Тоа беше сестра ми, со куфер, без да ме извести, сакајќи да ме изненади дојде кога најмногу ми требаше. Но, не ми кажа, лудача, не можев тоа да и го простам.

„По законите на телепатијата, слушнав дека ти требам, за да не најдеш причина да кажеш дека твојата сестра е за никаде, ете ме тука сум да ти ја оперирам душата. Јас твојата сестра која учи за докторка“ - рече таа, додека јас несвесно сум се залепил на нејзиното тело како ненаситен паразит, во прегратка која ме лечеше.

„Тогаш идна докторке спреми се бидејќи ќе имаш полни раце работа. Имам многу да ти кажувам, но пред сè сакам да ми помогнеш со едно чувство кое ме мачи. Се чувствувам растргнато, без да знам зошто. Едноставно се чувствувам празно, кажи дадичке, ти си го видела светот пред мене, треба ли тоа да ме плаши?“.

„Депресијата е чувство кое ќе те напаѓа сè почесто додека растеш, без да сакаш, без причина. Единствено нешто што треба да научиш е да пливаш во води со големи бранови. И ќе голташ вода, но сети се заедно голтавме, кога едниот ќе голтнеше се смеевме, но веднаш трчавме да си помогнеме, исплашени од давење.

Но, тоа не направи бестрашни, сега можеме да пливаме маратони. Не сакам да ти солам памет, но тоа е истото и во животот. Брановите ќе доаѓаат и ќе ти ја полнат устата, како што раснеш сè почесто. Можеби досега си бил на демо верзија и си пливал на мирни води. Но, животот е еден рингишпил кој знае многу добро како да ги направи работите сложени.

Сети се на моето ветување, во дворот под старата цреша, јас секогаш ќе бидам покрај тебе. Но, не можам да те носам на мојот грб, ниту да пливам за тебе бидејќи така двајцата ќе се удавиме.

Тешко е и ќе ти се наполнат градите со вода, но ќе се навикнеш и во тој процес сè подобро и подобро ќе се справуваш голтајќи сè помалку и помалку вода. Сети се дека јас сама заминав, немој да мислиш дека не се изнапив и не се изнакашлав, можеби никогаш не го видовте тоа, но зад завесата сето тоа се случуваше.

А сега исчисти го кафето кое го истури и свари ново, каква прекрасна глетка, какво прекрасно утро, добро е да го тешиш малото братче, се чувствувам попаметна“ - заврши со својот говор и го исплази јазикот, зајадливо, исто како некогаш.

Варев ново кафе и се чувствував исполнето, можеби затоа што таа ми требаше или едноставно требаше да ме потсети на фактот дека врската која ние ја имаме никогаш нема да прекине.

Ја обожавав бидејќи секогаш доаѓаше со докази, беше конкретна и никогаш не застрануваше. Се врати, можеби не со таа цел, но ми докажа дека ветувањата кои се дадени на времетраење засекогаш, навистина траат толку долго и уште нешто што беше поважно за мене, таа ме потсети дека јас можам да пливам на разбранети води самостојно...

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Син ми (2) ме удри со глава, речиси ќе завршев со скршеница во Државна болница - Мајки, вака тешко ... Во животот никој ме нема „малтретирано“ како моето дете. Добро, јасно е и дека н...
„Може да танцувате до зори, па во 8 да одите на работа и не, не мора да пиете мача - само уживајте в... „Мора да водите сметка за храната. Мора да пиете 2 литрa вода дневно. Мора да сп...
„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“ Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додек...
„Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Немав ни 1.000 денари во џеб, но почувствував мир“ „Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Баба ми ми испрати џем. Првпат им...
„Син ми инаку прозборе на 10 месеци“ - Во ред мамичке, гледам, сега личи на иден претседател на држа... „Леле Лука мој вака, леле Лена моја онака“... Деца се, не сакам да коментирам, н...
Откако станав мајка, многу работи ми се пеколно тешки, но никогаш повеќе не сум се смеела до солзи Откако станав мајка добив таков огромен товар на неочекувани обврски и незамисли...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg