Приказна од просјакот кој ми ги одби парите

Во животот секогаш го одбирав потешкиот пат, некои тоа ми го препишуваа на судбина, некои на мојот тврдоглав карактер, но секогаш беше така.

taznata-prikazna-na-eden-bezdomnik-01

Дури и за наједноставните работи јас ќе го изберев најтешкиот начин, иако функционираше, сепак не беше секогаш потребен, јас инаетливо се решавав да го одберам.

Беше саботно утро, се возев со автобусот во обид да стигнам до центарот за малку саботна разонода. Ми годеше да бидам надвор откако дождот беше наврнал сѐ. Во главата си замислував каква животна приказна крие секој патник во автобусот. Едноставно мојот мозок размислуваше за нивните разговори, семејни односи, сексуални активности, еден хаос кој настануваше во мојата глава, а ни самиот не знаев зошто.

Утрото беше ладно, ниту сите зимски аксесоари не ми помогнаа да се стоплам. Купив врели костени и се упатив крај кејот на реката.

Во главата пробував да го сфатам животот и начинот на кој тој функционира, по кој знае кој пат. Седнав и зјапав во текот на реката, ми беше фасцинантен, ниту за тоа не знаев да кажам зошто ми беше фасцинантно, едноставно уживав во утринскиот тек на реката на отворено. Идилична слика.

Забележав дека до мене седна бездомник, скромно облечен. Изгледаше како да му е удобно и топло и лакомо јадеше од лепчето кое му беше во рацете. Беше постар од мене.

Извадив дваесет денари, како студент толку имав да одвојам и отидов да му ги поддадам, си помислив ќе му се најдат. Човекот го гледаше моето движење љубопитно, а кога стигнав до него, решително ги одби парите.

„Извинете, не мислев да ве навредам, само сакав да ви помогнам,” одговорив збунето.

„Во тоа и е проблемот синко, сите мислат дека проблемите се решаваат со пари, без разлика која е нивната вредност, но не е така. Постојат проблеми кои ниедни пари на светот не може да ги решат. Мене не ми требаат пари, мене ми треба искрен разговор. Ако сакаш да помогнеш, седни и слушај, лекција од бездомник која можеби ќе ти го промени животот.”

Седнав и молчев, интригиран што ќе биде следно.

„Не можам да ти објаснам зошто се чувствував така, но тоа се повторуваше секој ден, едноставно како да бев склон да ги правам истите грешки одново и одново. Премногу проблеми и премногу болка предизвикав во нивните животи, но тие никогаш не ми рекоа, никогаш не побараа од мене да заминам, се додека не уништив сѐ. Мислејќи дека сум безбеден и дека никогаш нема да ме остават, искоцкав сѐ, дозволувајќи тие конечно да ме напуштат. Сега немам каде да одам, но не затоа што немам пари, туку затоа што сум скршен однатре.

Кога би затропал на нивната врата, тие би ме примиле, но јас не сакам да ги видам грчевите на нивните лица повторно предизвикани од мојата болка. Овие солзи не се солзи на сожалување, туку солзи на искрено каење кое сега ништо не менува.

Занеш, родителите треба да бидат огледало на децата, пример, прототип по кој тие треба да растат. А како јас да се вратам знаејќи дека јас не сум нивниот херој, туку приказна која раскажува како не треба во животот. Мене не ми требаат пари, ги имав многу за ден или два, потоа повторно немав ништо, па одново, се додека не изгубив сѐ. Заради својата алчност, во обидот да бидам побогат, јас ги изгубив работите кои веќе ме правеа богат.

Сега немам лице, ниту храброст да ги побарам. Тие нема да ме побараат. Никој не би побарал деструктор, сите бараат некој што гради, но изгледа јас читав од грешна книга кога учев за животот.

Колку и да сакаше да ми помогнеш синко, ти не можеш, гледај јас да ти помогнам за да не дај Боже се најдеш во истата ситуација.”

Стана и се упати по текот на реката, а јас стоев мислејќи за градбите и рушевините во мојот живот. За луѓето кои сум ги повредил и ме повредиле. За патеките кои ги бирав во животот и зошто ги бирав токму нив, дали тоа можев да го наречам судбина?

Размислував за богатствата кои не знам или не сум знаел да ги согледам. Беше тоа тешка тема за размислување, беше само утро, си помислив што ли ќе донесе денот. 

Си велев колку е суров животот, да сакаш да одиш дома, а таму да нема никој. Имав солзи на очите, не од сожалување, туку од соживување.

Си мислев зошто толку често грешиме? 

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Поучна кинеска приказна: Секое добро не е за добро и секое лошо не е за лошо Сè што се случува околу нас е комплексен процес. Невозможно е однапред да знаете...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg