Последната свеќа од роденденската торта

Годините изминуваат брзо, додекa да трепнеш во својот видик имаш нови обврски, нови предизвици, секогаш потешки и покомплицирани од она што си го знаел претходно.

poslednata-sveka-od-rodendenskata-torta-01

Како секоја измината година да беше совладување на некое ниво кое само носеше потешка стаза. Сето тоа се повторуваше, а почетокот на едно такво повторување беа свеќите на роденденската торта. Како предзнак за она што следи.

Додека нивниот збир беше едноцифрен збор, никогаш не обрнував внимание, но кога почнаа да се редат на тортата и пополека снемуваше место за сите нив, почнав да станувам свесен за играта наречена живот.

Секоја година се надградував, како тоа да беше награда за успешно поминато ниво.

Растев со еден тврдоглав карактер и никогаш не се грижев за прашината која се креваше зад мене. Еднаш се сеќавам, дедо ми ми кажа дека зад добриот коњ се крева прашина и јас научив да живеам со тоа како да беше некој природен феномен.

Мојот стил на облекување го засновав врз мои верувања и се она што беше поврзано со мене беше базирано на мои верувања без ничие влијание. Никогаш не се погрижив себеси да се ставам во рамките на ограниченото, во рамките на правилното.

На некој начин многу порано, пред другите да дознаат јас сфатив дека секој е несовршен на својот совршен начин.

Секогаш пред да застанам до роденденската торта, замижував и се сеќавав на сите погрешни потези од таа година, ги рекреирав сите настани во мојата глава и оние кои требало и оние кои не требало да се случат и оние кои не се случиле. Размислував за сите грешки и се обидував да најдам резолуција која истите ќе ги промени.

Најчесто успевав, а некои грешки се повторуваа со години. Како да немав решение за нив.

Земав здив и пред да дувнам, во обид да ги изгаснам сите, секогаш запирав, оставав една свеќа да биде за сите останати, а не за мене.

Додека растев мајка ми ми велеше никогаш да не бидам себичен, бидејќи оној кој е саможивен и себичен на крајот на животот останува сосема сам. Не сакав да останам сам. Пред да ги дувнам свеќите секогаш дував една помалку за мене, а онаа која остануваше беше една искрена желба за сите околу.

Колку и да звучеше тоа наивно, во тие неколку секунди низ главата ми поминуваа многу слики, како што некои велат сликите кои се јавуваат пред целосно да го напуштиш овој свет. За тие слики не можев да кажам, но бев сигурен за моите.

Секогаш помислував на самохраната мајка од вториот кат и посакував нејзиното дете да биде среќно дете, сите мои блиски да најдам мир, хармонија и блаженство. Никогаш да не бидат опкружени од тага и да не бидат повредени од постапките на животот.

Размислував за сите неухранети да најдат доволна сила да преживеат, за сите места да најдат еден компромис кој ќе ги избави од војна и ќе им донесе светлина во нивните пеплосани животи. Колку и да делуваше едноставен, за мене ритуалот на дување на роденденските свеќи беше посебен и воопшто не беше едноставен.

Штом ќе го испуштев воздухот од градите чувствував како да го повикувам универзумот да го слушне мојот глас, оној кој се наоѓаше во главата и го повикуваше да ги изврши сите тие работи кои што изгледаа невозможни. Како едно олеснување кое вршеше прочистување на сите дотогашни гревови. Како да се ослободував од стегите кои ги чувствував.

Со гаснењето на последната свеќа на роденденската торта, јас се чувствував среќно. Знаејќи дека сум го повикал универзумот да ги исполни сите мои желби, за мене и за сите околу. На тој начин бев сигурен дека барем за момент, духовно, помагам на другите, а себеси си обезбедував внатрешен мир кој ми беше потребен за да се справам со секојдневието.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...
„Го пронајдов стариот дневник за готвење на мојата баба – пиварки, орасници, торта со ореви“  Порано вкусот на тестото кое било испечено во старата печка на дрва, ореви...
„Домашно подготвените торти на мајка ми и денес ме прават горд - фотки од моите стари албуми“ Секогаш имав интересни желби за тоа како сакам да ми изгледа тортата, па најчест...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg