Време на инстант-бракови и инстант-разводи

Многу сакам инстант-кафе. Се прави брзо, го пиеш сé уште мамурен и нерасонет без трошка размислување, а откако си се освестил веќе го нема. Епа браковите денес се нешто многу слично на инстант-кафето - црни, горчливи и краткотрајни.

Vreme-na-instant-brakovi-i-instant-razvodi-01.jpg

Кога по 15 минути повторно ти се задремува се прашуваш зошто воопшто си го пиел кафето. И со бракот е слично. Кога добиваш желба да им праќаш пораки на згодни моми на Фејсбук, а си веќе женет, се прашувам зошто ти бил потребен бракот.

Еве ја трагедијата на денешницата – мажи и жени кои се веќе во брак и постoјано бараат некои заобиколени патчиња до забава и возбуда која очигледно ја немаат во секојдневието, а толку очајно им недостига.

Видете, нема ништо трагично во тоа да се забавуваш, да сакаш да го „испробуваш теренот“, да менуваш сексуални партнери, да живееш безгрижно. Се додека си сингл, нема ама баш ништо погрешно во тоа.

Но, ако не планираш еднаш конечно да созрееш, да се скрасиш покрај човек или жена која ќе те љуби силно, а ти како некој најголем токмак нема да знаеш да возвратиш ниту на половина од таа љубов, немој да се будалиш и да ги трошиш твоите со беспотребно земање и отплаќање кредити.

Ова како за почеток, од сосема практични причини. Дочекале душички синот да им се жени, ќерката да ја даваат. Радост преголема, ќе препукне срцето. Само што немаат поим дека израснале суштество кое нема тронка чувство за верност, припадност, љубов. Немаат поим што значи да правиш компромис, да жртвуваш нешто, да ставиш некој друг на прво место. Немаат ни најмала идеја како да се справат со првата пречка на патот, било да се огромни сметки или некој здравствен проблем.

Еднаш одамна еден постар човек случајно ми кажа нешто што во моментот и ми немаше многу смисла и логика. „Бракот е само за паметни луѓе“.

Си викам, секој втор денес се ожени, каква врска има ова. Но, кога ќе подразмислиш, навистина е така. Успешен брак може да имаат само паметни луѓе.

Остатокот кои ја влечете институцијата брак низ калта, се поигрувате со него и партнерот не можам да ве разберам зошто воопшто сте се решиле на таков чекор.

Дали чувствувате притисок од страна на општеството кое од мали нозе диктира една те иста папагалска песна: заврши факултет, омажи се, роди дете, заврши факултет, омажи се, роди дете...

Дали мислите дека е толку трагично да бидете сами, отколку со некој/а само колку да се скрасите? Дали правите деца со идејата дека тие се спасот за бракот и вашата неизлечива полигамија?

Сериозно е нездраво вашето безобразно флертување на Фејсбук додека редите слики од последниот семеен одмор со жената и децата. Ама вие си ги сакате, тие немаат врска со вашите неверства. Никој не може да ве сфати, кутри напатени душички, сакате да седите на две или десет столчиња, што има погрешно во тоа? Вие сте жртва, вие сте несфатените, заробените, никој не ве разбира.

Сериозно е неумесно вашето вадење на бурмата и криење на истата во џебот додека се обидувате да импресионирате толпа малолетнички во локалното кафуле. Не знаете кого повеќе бламирате – себеси, семејството или жената и децата дома.

Сериозно немате потреба од потпис во матично и заветите пред Бога затоа што немате идеја што со себе, затоа што „ви дошло времето“, затоа што сите што ги знам се веќе се во брак, веројатно нема да останам сам/а или затоа што случајно сте направиле бебе.

Ниту последново не е доволно добра причина да се заробувате покрај некого за цел живот ако не ви е дојдено до тоа.

Па не ги стресувајте сите, особено вашите родители. Не им давајте лажни надежи, не им го комплицирајте животот. Ако не сте подготвени за брак и обврски, не го правете тоа. Не е ништо страшно, срамно, ниту трагично.

Срамно е да правиш циркузи, а си дал ветување за во добро и во зло.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg