Пусто турско трае 507 години со сапуниците со кои ги труете децата

Историјата вели дека турското ропство на нашите простори траело 5 века. Додадете уште добри 7 години од модерната историја и математиката ќе излезе точна, цели 507 години „пусто турско“. Разликата е во тоа што за првото сме немале избор, а второво сами си го бараме. И премиера и репете-реприза.

Pusto-tursko-trae-507-godini-so-sapunicite-so-koi-gi-truete-decata-01.jpg

Турски сапуници за појадок, ручек, вечера и добра ноќ.

Секој има право на сопствен избор и веќе 100 пати сме ја слушнале онаа преџвакана „До вкус е“. Не е - до тебе е. Немаш вкус и тоа е реалноста.

Ајде ти што немаш вкус, ама зошто правиш и твоето дете да нема, односно да го следи твојот невкус, никогаш нема да ми стане јасно.

Зошто мора да го труеш со Онури, Ајшиња, Омери и Елифи? Немате ли попаметна работа како да му го исполните времето на детето, а воедно и своето?

Внукичката на мојата најдобра другарка наскоро ќе полни 7 годинки и е една преслатко, умно и забавно девојче. Оди на балет, сака да црта, да чита, да ги гледа омилените цртани филмови на денешницата. Но, пред неколку денови дошла дома со солзи во очињата и молби да се пушти под итно извесна Елиф, затоа што сите другарчиња ја гледале и ја коментирале, а девојчево нема поим што се случува, затоа што мајка ѝ не ѝ дозволува да гледа турски серии.

Толку била потресена и тажна додека објаснувала како сите другарчиња ѝ се смееле. Само затоа што не ги следи авантурите на мадам Елиф.

Дали сте нормални? Еве прашувам, иако одговорот веќе го знам. Зошто ги труете децата со глупави содржини? Што точно ќе научат од турските серии, многу сакам да знам. Јазикот сигурно нема (како барем шпанскиот на времето), затоа што сите се со пресмешна и неуспешна синхронизација.

Второ, толку ли немате идеја што да правите со сопствените деца и како да им го пополните времето? Толку ли е тешко да ги изнесете во природа, да спортувате со нив, да цртате и читате и боите, да гледате цртани и интересни документарни содржини, да ги поттикнувате на дискусии, да им пуштате добра музика?

Толку ли е навистина тешко да се потрудите за квалитетен физички и умствен развој на најмилите, за оние кои тврдите дека ќе дадете и срце и душа и бубрег? Ама сé што им давате се неквалитетни шунд содржини кои ги затапуваат. И нула од вашето време.

Многу е полесно да го седнеш пред телевизор да се труе со турски сапуници, отколку да го играш и занимаваш. Тешко е, навистина.

Трето, некоја од тие будалаштини започнувала во 23 часот навечер на телевизија. Кои мали дечиња седат до толку доцна невечер за да ја гледаат серијава? Како им се дозволува, не можам да сфатам.

Па кога слушнав како турските серии ги учеле децата на одредени вредности, како семеен ручек, послушност кон главата на семејството... кои црни семејни вредности, турската серија ли треба да ви каже дека е нормално семејството да руча заедно?!

Сите одат напред, само ние се движиме назад. Тврдоглаво и упорно со главата во ѕид и со вечниот неаргументиран аргумент – До вкус е.

Пак ќе кажам – до вас е. Гледате лоши глупави содржини и во ред е, возрасни сте, може да одлучувате сами за себе. Но, немојте да ги труете дечињата. Не учат ништо паметно. Напротив, бедно и срамно е нивното однесување и имитирање на одредени ликови од тие сапуници или спотовите на актуелните турбо фолкерки. Како може за ништо да немате филтер?

Па кога ќе слушнам – детето си е мое, ќе му правам што сакам. Навистина е така, нема потреба да му ги шириш видиците или не дај боже да го научиш нешто ново и паметно.

Нема потреба да создадеш единка која утре на некој начин ќе придонесе за поубаво, поквалитетно и посреќно општество. Личност која самокритично ќе размислува, ќе има став и најважно од сé – вкус. Ќе создадеш уште една безвкусна личност, клон на себеси. Мора да си многу горд родител.

А вие учителките и воспитувачките што исто така ве мрзи да им се посветите на децата и нивното образование, па им пуштате сериички за да го пополните времето наменето за учење и игра, размислете уште еднаш дали сте ја одбрале вистинската професија за вас.

И еве го најинтересниот момент, се навредувате кога некој ви кажува дека она што го гледате е неквалитетно и затапува, жолчно се браните како секој има право да прави што сака, ама затоа девојчето што не ја гледа турската серија е омаловажувано, навредувано, исмејувано од страна на другарчињата затоа што не ја следи.

Па, нели секој имаше право на свој избор без осуда?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(O)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg