Босанците ги трошат парите за еден ден, на „Швабите“ сè мора да им е под конец: Хрватка ги опишува туристите на Јадранот

Дада Батиниќ од Макарска, на Фејсбук ги сподели искуствата што локалните жители ги имаат со странските туристи, а нејзината духовита објава многу брзо стана хит на оваа социјална мрежа, со повеќе од 9.000 лајкови и 4.000 споделувања.

anglichanite-i-chesite-se-po-alkoholot-a-na-shvabite-se-mora-da-im-e-pod-konec-humoristichno-pismo-na-edna-hrvatka-za-turistite-na-jadranot-01.jpg

Објавата беше преведена на англиски и објавена на порталот Reddit.

Ние ја пренесуваме во целост:

Италијанците секогаш прашуваат дали зборуваш англиски, но не го разбираат твојот одговор, каков и да е, бидејќи тие не зборуваат англиски. Реченицата „Спик инглиш“? кај нив се пренесува од колено на колено и сите слушнале за неа. Се „влечат“ низ куќите како мрсул по марамче и секогаш нешто им треба, обично нешто што го немаат дома. Сè кажуваат на глас и се караат уште пред да одговориш. Кога ќе си отидат, тој апартман веќе не можеш да го изнајмиш на други бидејќи треба да го чистиш, дератизираш, а најдобро е да го запалиш! Нема цевки, пепелник, а немаш ни живци и воопшто да пишуваш за Италијанците.

Босанците ми се најмили гости, секогаш во автомобил со нив носат барем еден човек повеќе отколку што собира. Не ми е јасно како поминуваат на граница. Штом се паркираат, излегуваат толку многу насмеани, да не ти се верува дека патувале 5, 6, 7, 8 саати по најголеми жештини. По пат, велат, застанале во Јабланица, донеле нешто печено, па во Благај, донеле благи-урмашици, а во Метковиќ купиле мармалад од праски, мислеле да го носат дома, ама им се допаѓаш, па ти го даваат и тоа.

Те гушкаат и те бакнуваат, иако се гледате првпат. Резервирале апартман за седум дена, а парите ги трошат утрото следниот ден. Несреќни и никакви се спремаат за да си одат дома, ќе го земат и роднината за назад, го оставиле сабајлето на плажа, дошол само за еден ден. Бидејќи ти влегле под кожа, им даваш пет денови гратис. Исто и на роднината. Тие плачат од среќа, ти липаш. Те прашуваат што ти е, ни сам не знаеш.

Оттогаш сте најдобри пријатели, па зимно време одиш ти кај нив. Повеќе јадеш во тие седум дена, отколку дома кај тебе цела година. Кога ќе се вратиш, цело време те прашуваат како си, а ти нив ги прашуваш само кога мислиш да им  одиш на гости. Кога му раскажуваш за нив на друштвото, ги спомнуваш како инсекти што ти доаѓаат на лето, па од нив не можеш да заработиш, а кога тие им раскажуваат на своите за тебе, сите мислат како ти си супер, па ти праќаат барање за пријателство на Фејсбук. Сфаќаш дека имаш ограничен далматински менталитет и си се гадиш сам себе во период од 1.10 до 1.6.

Ако „Швабата“ рекла дека ќе стигнат во сабота во 10:00, и да е затворен патот поради бура, и да му умре мајка, ќе се нацрта точно во 10:00. Кон нив се однесуваш како и тие кон тебе, службено, како да си дошол по документи во општина. Малку ладно се гледате, малку не се разбирате, ти се плашиш дали нешто ти фали, а нив им смета и кога ќе ги прашаш „како сте“? После тоа веќе не ги ни гледаш, не ги ни слушаш.

Пари како да немаат, не трошат ни вода, ни струја, единствено што секој ден носат нов туристички флаер. Ти го почитуваш куќниот ред заради нив,  гласот на телевизорот ти е пуштен на 20, а на татко ти му се закануваш дека ќе го ставиш во старечки дом ако случајно го стави на 30. Мобилниот не ти ѕвони, туку ти е на вибрации, а и на лото да си добил, само тивко ќе си се израдуваш. Кога ќе си отидат, станот им го даваш само на Американци за да се избалансира енергијата.

Американците нон-стоп брборат, и ти одат на живци уште на автобуската. Ниедна реченица кај нив нема без најмалку два „значи“ или „па“, па ти станува јасно како наш човек успева во странство. Првпат слушнале за Хрватска додека играле некоја друштвена игра. Се собрале шест души, па еден покажал на карта каде ќе оди цело друштво на одмор оваа година пред факултет. Прстот му застанал и на соседна земја, но за разлика од БиХ и Србија, „Кроејша“ има море. За Неум исто никогаш не слушнале. Во авионот „изгуглале“ сé за нашата историја од седми век наваму, виделе какви се кај нас курвите и храната и се чудат како знаеме што е ви-фи.

Полјаците не се сигурни дали Макарска е градот во кој сакале да дојдат, ниту знаат како стигнале до тебе. Те прашуваат сешто, не слушаат ништо. Прашуваат кога се оди на планина. Им викаш дека најдобро е пред да засили сонцето, никако на пладне, одат напладне. Им викаш дека продавницата им е на 50 метри лево, одат десно до излезот на градот. Те прашуваат каде е нудистичката плажа, не за да се бањаат таму, туку да не се збунат, па да отидат по грешка. Ги упатуваш кон јавната плажа на 5 минути од куќата. Кога ќе се вратат, ти покажуваат фотки од кози и меѓу козите го препознаваш Андрија Бакујина што живее во Велико Брдо, на десет километри од овде.

Секогаш кога ќе ги погледнеш, се смешкаат некако глупаво и во себе си мислиш дека треба да бидат сместени во некој центар за социјална заштита. Ти го кршат пола инвентар, те обвинуваат дека си им пребарувал по работите бидејќи не можат да си го најдат отворачот за конзерви. Ја затнале машината за садови бидејќи пикнале садови со големи остатоци од храна. Кога ќе си одат, малку размислуваш за Хитлер.

На Англичаните сè им е екселент, освен што коментираат со презир за сè што ќе видат и допрат. Сарделите се одлични, ама зарем немате fish and chips? Со младите е полесно, слушнале за Дубровник и Зрче, па им објаснуваш дека ти си измеѓу. Веднаш другиот ден ќе одат таму или ваму, зависно од автобуската линија.  Мораш за сé да им наплатиш однапред, затоа што „локаат“, паѓаат од балкон истата вечер и наредните два дена ги поминуваат во болница. Одиш еднаш на посета, носиш кило лимони и сок. Англичанецот уште е во кома, па го враќаш дома тоа што си го донел. Си потрошил, ама не ти е жал.

Австралијците уплаќаат десет дена, ама бидејќи првата вечер одат во пивница, наредните девет дена не ги гледаш. Доаѓаат во станот дури на десеттиот ден, во истата маичка и истите шорцеви од првиот ден. Панично го бараат пасошот, доцнат за на аеродром. Те гушкаат и те бакнуваат, и со соседот со кој не зборуваш исто, го виделе дека им става вода на цвеќињата. Се довикуваат со сите, на сите им мавтаат. Им мавташ и ти, заедно со соседот (професионалци сте), а штом свртат на првата уличка, го оставаш соседот и пиеш малку вода со шеќер за да не те колне. За Австралијците не треба да се секираш дека нема да стигнат на аеродром, тие секогаш досега имале среќа. Секогаш се погодува да има метеж во сообраќајот, па и да доцнеле три часа или три дена, секогаш стигнуваат навреме.

Французите, штом стигнат, запишуваат за што ќе се жалат за да им се вратат парите. Веднаш им враќаш 100 евра само за да не те гњават за секоја ситница. За нивни пари изнајмуваш апартман кај тетка ти и се враќаш откако ќе си отидат.

Чесите ги ставаат работите во станот, местат церада на автомобилот и нема шанси да седнат зад волан до крај на одморот, иако ја шетаат цела Ривиера. Ја знаат секоја самопослуга во градот, ги знаат сите бесплатни настани, културни знаменитости, се шетаат по плажи и планини... Откако ќе видат сè, седнуваат да испијат една кригла пиво. Како што жените од Чешка сакаат да ги покажат градите, така мажите сакаат да покажат колку испиле. Како што жените, бидејќи се разведени, ќе се сексаат со некој наш спасител на плажа, така мажите „локаат“ пиво, под изговор дека мораат да одат до тоалет во кафичот.

Кај мажите, и понатаму добро котира фудбалерска фризура, а жените се шишаат кратко, да не знаеш дали се шишани или исчупани. За да не се мислат дали ќе изгорат или не, се „пржат“ уште првиот ден, па се фалат кој е најцрвен од сите. Жал ти е кога си одат бидејќи сте се зближиле и во нив нема ништо лошо. И онака ќерка им ќе се ожени за твој роднина, па ќе се гледате.

Херцеговацот не резервира ништо зашто уште кога била војната купил стан во Макарска. Бидејќи не сака многу да оди пешки, гледа да ги паркира првите две тркала од Мерцедесот во плиткото. Кога ќе излезе од автомобилот, седнува во најблискиот кафич и пие, додека жената ги вади работите од багажникот. Вади маски, пераи, децата, чадори, ракавици... Пола од тоа децата веќе ставиле на нив. Кога децата се во вода, мајка им седи под чадор и ги пази како Baywatch, иако не знае да плива. Децата се погласни од скутерите на вода и цела плажа гледа што можат. А го можат следново: да го затворат носот со рака и да ја стиснат устата да им помодри, па да ја стават главата во вода. И така некои сто пати, ама со истиот жар и викање. Единствен начин да ги смириш е да викнеш „пајак“.

Австриецот, како Словенецот, ако дојде, доаѓа на точак или со автомобил со која пренесува пет-шест точаци на покрив. Не одат на море, туку ги гледаш на стазата на планината кајшто одиш да копаш компири. Возиш Голф тројка TDI и до врвот на „Св. Јуре“ е мртква трка. Пробуваш да го тргнеш од стазата ама го крева точакот на задната гума и си ја удираш колата од камен. Стигнува прв горе, а од пола литар вода што ја носел му останале неколку голтки. Ти ги дава тебе бидејќи тебе во автомобилот не ти работи климата.

П.С. Секоја сличност со вистински личности е случајна. Можно е на пример, Херцеговецот да нема стан, туку куќа...итн.“

М. В. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg