Немој да се предаваш, нема бегање од оваа кожа - Тука сме каде што сме и ќе бидеме каде што треба да бидеме


Немој да се предаваш, нема бегање од оваа кожа - Тука сме каде што сме и ќе бидеме каде што треба да бидеме

Отворам новчаник, таму ѕиркаат последните денари кои останаа за да се истурка месецот, а има уште доста до крајот. Навикнат бев на преживување, ми се чини сите во Македонија беа навикнати да преживуваат наместо да живеат.

nemoj-da-se-predavash-nema-beganje-od-ovaa-kozha-tuka-sme-kade-shto-sme-i-kje-bideme-kade-shto-treba-da-bideme-01.jpeg

Сакав да купам цигари, во главата си помислив, „За отровот кој нема да ги пара твоите гради денес, ќе бидеш благодарен утре кога ќе можеш да си купиш топла кифла за доручек” и ја поминувам трафиката со тажен поглед за пустата желба да си олеснам на душата.

Душата растргната, помеѓу да се најде нова работа, да се преселам на друго место, да си одам од тука, како сè тоа да се среди, ќе успеам ли?

Имам некој немир кој ме јаде однатре, некоја тежина која ни сам себеси не можам да си ја објаснам. Во ранецот имав сендвич кој го направив со последите намирници кои ги најдов во фрижидерот утрово.

Ќе треба нешто да купам и да израчунам како со 500-ка ќе ги истерам последните две недели. Нема излегување тоа е и повеќе од јасно. Можеби и ќе побарам некоја викенд работа како екстра заработка, ако имаат потреба.

Телото ми е уморно од размислување, ми се чини главата ќе ми прсне. На весникот со огласи за работа кругови од последното утринско кафе, го направив со пола лажица иако никогаш не го пијам такво, мора да има за утре. Кафе ќе има, а работа – никаде!

Го допирам највисокиот стадиум на депресија борејќи се со сопствените демони. Знаете, ние мажите не сакавме да признаеме што ни се случува. Не смеевме да бидеме слаби пред очите на другите, така налагаа правилата.

Не дека тоа не се случуваше и со жените, ама ние мажите мораше да бидеме карпи кои нема да дозволат да надзирне знак на слабост.

Досега познавав тројца кои се самоубија поради потиснувањата во себеси, а многу од останатите играа на тенката граница со предозирање. Во опојните недозволени супстанци го бараа лекот за својата мака. Како да тоа ќе решеше сè...

Зошто луѓето не зборуваа за своите проблеми?

Немаше ли на кого да се обратат или им беше страв да бидат отворени пред другите затоа што светот многу ги повредил и живееја со помислата дека некој би се сител на нивната мака?

Можеби од друга страна човек ќе помисли дури и да ги кажат своите маки има луѓе кои не слушаат или не сакаат да слушнат, а ќе ронат најголеми солзи на нивните погреби.

Зошто обожававме да се сетиме на работите кога веќе е предоцна за сè?

Сретнав бездомник, беше прегладнет. Го заменив мојот сендвич за три цигари од неговата нова кутија. Празен стомак во замена за отруени гради. Не ми беше важно само сакав да се смирам. Да издишам неколку дима, со надеж дека како што исчезнува чадот ќе исчезнат моите проблеми.

Немав кому да се јавам. Сите беа зафатени со своите проблеми, не сакав да им додевам. Како што веќе кажав, изгубив многу блиски, душата сама плачеше однатре и сè потешко ми беше да најдам мотивација со секој нареден ден. Но не се предавав. Кукавички е да се предадеш.

Она што не можев да разберам - зошто тие се предадоа? Што ги натера да заминат од овој свет на таков себичен начин? Постоеше ли проблем кој беше вреден живот?

Завртев неколку бројки на телефонот, ѝ се јавив неа. Иако не бевме ништо знаев дека ќе дојде. Нејзината желба за пишување бараше очајни состојби како мојата. Знаев ќе ме ислуша, ќе каже нешто.

Од мојата сопствена кожа знаев дека пуштањето на зборовите надвор од телото е потребно да за се ослободиш од товарот. Токму тоа ми беше потребно, ослободување.

Зошто да ги држиме зборовите во себе и да не мачат, кога можеме да прашаме, да кажеме, да побараме, зарем имаше потреба да комплицираме?

Додека чадот од последната цигара продира во таванот, а таа ме гледа заинтересирано што имам да кажам, јас ѝ велам - „Ќе биде добро знаеш, колку и да изгледа безнадежно, мора да биде добро”.

Таа ме гледа во очи и ми вели - „Да ти кажам нешто искрено, некој на твое место сто пати би се откажал. Би избрал полесен пат или едноставно би се предал на животот. Колку и да звучи оксиморонски, јас тебе ти завидувам”.

Немам што да ја почестам, само мојата искрена кисела насмевка и вербата во подобро утре. Нема бегање од оваа кожа. Тука сме каде што сме и ќе бидеме каде што треба да бидеме. Бегањето од проблемите не помага, баш напротив треба да се судриме макар и да нè распаднат на парчиња.

Ние не сме кукавици, без разлика колку безнадежно изгледа, секогаш се отвора нова врата. Затоа треба секогаш да го бараш излезот кон вратата која води надвор, ако седиш во ќошот на сопствената темнина, логично е и таа да те проголта.

Немој да се предаваш, немој!

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Тато, како да го преживеам сето ова без тебе - без твоите крилја за да... Колку треба за да се преживее во овој свет кој е премногу глув за да нè слу...
Можеш ти жено сè што ќе посакаш, само немој да венееш покрај лошиот ма... Што сè постигнува една жена, знае само таа, иако често и не е свесна за своите м...
Типичен Балканец - ги знае сите сложени комбинации за спортска, но не ... „Знаеш што си бара жената одвреме-навреме? Ќотек си бара. Превоспитување, во слу...