А, со учениците што се фрлаат низ прозорци, што правиме?

Додека растеш, сосема нормално е да сакаш да се вклопиш со остатокот од средината. Да не си изоставен, отфрлен, исмеан.

a-so-ucenicite-sto-se-frlaat-niz-prozorci-sto-pravime-001.jpg

И кога мојот аргумент за нешто што е купено или направено беше дека „сите прават така“, од дома постојано го добивав истиот одговор, чиниш снимен како на некоја лента: „А ако се фрлат сите од мостот, ќе се фрлиш и ти?“

Да, тогаш тој одговор те нервира и ти оди на живци. Но, како што созреваш сфаќаш дека споредбата е сосема на место. Ќе се фрлиш од мостот само затоа што сите го прават тоа? Секако дека нема. Зошто? Затоа што е непромислено, глупаво и погрешно.

Оваа лекција очигледно никој не ја споделил со децата од скопското основно училиште, каде што деновиве била фрлена ученичка низ прозорецот од страна на своите другари.

Да биде бељата поголема, еден од наставниците дал изјава дека, сепак, не станува збор за никакво насилство, туку за игра помеѓу учениците која се одвивала неколку недели наназад.

Уф, ни олесна. Нема насилство, одлично. Тоа се само 14 годишни (внимавајте, ЧЕТИРИНАЕСЕТ, не 4 годишни деца од градинка) кои си немаат попаметна работа и обврски, туку си измислиле игра да кренат некого за раце и нозе и да го фрлат низ прозорецот.

И ова не го забележал никој? Две недели се играла играва и во време на мобилни телефони и интернет, каде што сите со секого сме вмрежени и буквално ниту една тајна не може да остане зачувана, оваа игра не ја забележал никој? Ниту наставник, ниту еден родител? Секоја чест.

Наставникот нагласува дека класот е прекрасен, децата се со одличен успех и примерно поведение и дека многу се дружат. Се прашувам, што остана тогаш од класовите кое се неодлични, со непримерно поведение и не се дружат меѓусебно?

Дали можеби играат руски рулет за време на големиот одмор?

Не знаеш за плачење или за смеа е работата. Си го праќаш детето здраво и право на училиште и ти се јавуваат дека е фрлено низ прозорецот, но не грижи се, сè е тоа дел од мала, невина, детска игра.

Која детска игра на 14 години бре луѓе? Според начинот на кој децата од 14 години се облекуваат и како се однесуваат, не би рекла дека се деца. Напротив, изгледаат далеку повозрасно за годините.

Немале попаметна идеја како да си го пополнат времето, па решиле да се „џиткаат“ низ прозорци. Нема простор за читање книги, за секции, за спорт, за танц, за јазици, за компјутери, за што веќе не, милион и една активност со која подобро може да си ги пополнат времето, ама милите тие, најубави на мама и тато, најпримерен клас повремено се фрлаат низ прозорци.

Каде да ја побараме вината? Во наставниците кои не забележале ништо и очигледно се толку заинтересирани за учениците? Во повисоките редови на хиерархијата која очигледно е дека не ги санкционира доволно овие бизарни испади и наместо да ја образува и воспитува младината, таа дополнително ја дотолчува со лоши одлуки во облик на недоволна дисциплинираност и дозволено самоволие?

Во децата, кои очигледно имаат тела на 14-годишни, а мозок на 4-годишни и сè уште не знаат како да се однесуваат, одлучуваат и да се носат со реалноста, која им е измешана со виртуелниот свет, сјајот на Инстаграм блогерките, влогерите на YouTube?

Или конечно, во родителите кои добиваат заслужена единица во дневникот по предметот наречен воспитување на сопственото дете.

Кога на цели 14 години не си го воспитал детето да разликува добро од лошо и паметно од глупаво, што остана да се каже за вас, модерна генерацијо на родителствување, толку загрижени за иднината на своите чеда? Какви ли сте вие како родители кога сте успеале да израснете вакви деца?

Во мое време оваа „детска“ игра ќе се осудеше најстрого што може. Ништо чудно децата да ги избркаа од училиштето. И родителот ќе си дојдеше со наведната глава, и без збор, засрамено ќе го собереше детето и многу веројатно е дека ќе му удреше добар ќотек дома. 

Денес тоа се смета за страшно, незамисливо. Родителот ќе дојде, ќе го собере потресеното дете и полн самодоверба и ароганција ќе се закани со тужба до училиштето за нивната негрижа и неагилност за децата. Не дека нема простор за тужба.

Ама некој и вам да ви поднесе тужба за истата таа негрижа и неагилност за сопствените деца нема да е лошо. Треба искрено да се засрамите и да си ги преиспитате постапките–каде сте згрешиле како родители.

И целото наше општество треба да си го стави прстот на чело и да размисли на што личи младината која е креатор на иднината. Следствено на ова, целата иднина нам ни е фрлена низ прозорец.

И да, голема работа е. И не, не се само деца. И да, срамно е. И не, не креваме паника кога наводно нема простор за истата. Болно и срамно.

Секако, не сите деца се во еден ист кош. Искрено, се надевам дека таму некаде постои, макар и мала група, која ете, НЕМА ДА СКОКНЕ ОД МОСТОТ.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Мојот живот пред децата vs. по децата и зошто не би го менувала за ништо на светот?“ Пред децата, мојата романтична љубов кон партнерот мислев дека е најдлабоката љу...
„Не сакам да имам деца – мојата цел е да спијам, да одам во шопинг и да одам на маникир“ „Дали децата се целта во животот и дали ако имате деца нема воопшто да имате вре...
Луѓе постари од 40 години откриваат: „Зошто не зажалив што немам деца?“ „Со партнерот ја имаме целата слобода што ја сакаме. Можеме да патуваме кога сак...
Мајка од Кина го пронашла киднапираниот син по 32 години - Бил продаден на пар без деца за 760 евра Ли Џингзи од Кина поминала повеќе од три децении во потрага по својот син, Мао Ј...
Бон-тон правила што секој родител треба да му ги каже на своето дете Научете ги децата дека не е во ред да прекинуваат некој додека разговара. Од поч...
Синот ми се загуби во зоолошка во Скопје - совети како најлесно да го најдете детето во толпа Детето ви ја пуштило раката и побегнало, а наместо да дојде кај вас додека избез...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg