„Не ти личи – женско си!“ - Што како жена ме нервира во Македонија?

Времињата се сменија, календарот ја покажува годината 2019, ние сме одамна влезени во 21 век и многумина би рекле дека работите тргнаа на подобро за разлика од она што биле некогаш.

Ne-ti-lici-zensko-si-01.jpg

Ова секако ќе ви го кажат шовинистичките мажи на кои сè уште не им е јасно како тоа одите на кафе без да побарате дозвола од сопругот.

Ова ќе ви го потврдат и анти-феминистичките жени со радикални идеи – да се вратат договорените бракови и да се стави ред на нештата, бидејќи вака сме биле разлајани ку*ки што прават само безредие.

Да, да. Ова не се измислени приказни, ова се вистинити сведоштва од ликови кои имаат еднакво право на глас како мене и тебе читателу. Постојат жени што силно копнеат по договорен брак и по малку воспитно ќотече, бидејќи жените и онака многу „мрткаат“.

Поразително е кога ова доаѓа од устата на една жена, ова се ретките моменти кога се срамам од сопствениот пол.

Да, жените на денешницата се лути, агресивни и по малку „напорни“. Двата набројани примероци погоре ќе ви дадат илјада и една бесплатна дијагноза, но јас имам барем неколку идеи зошто е тешко да си жена, особено на Балканот, особено во Македонија… што ме нервира како жена во Македонија?

Навлегувањето во личниот простор

Да нема забуни, тука припаѓаат и физичкиот и интимниот простор. Најголемиот дел од мажите сметаат дека имаат право да ти се внесат во лицето доволно блиску, недостасува уште да те бакнат.

Во секој случај ќе го почувствувате нивниот здив и ококорените очи – во лифт, во автобус, додека чекате во редица во банка или супер маркет. Не е дека нема доволно простор, тие едноставно решиле дека сакаат да се стиснат до вас и точка.

Стана практично невозможно да прифатиш пијалак од некој дечко, без тоа (во негов сопствен превод) да значи покана за секс. Одеднаш дечкото е лут и навреден – „јас ти праќам пијачка, ти мене ќе ме понижуваш? Нема да дојдеш да се лапаме барем?“

Хммм, не, нема. Принудени сте да му вратите пијачка назад за да бидете на чисто или да му оставите пари за онаа што ви ја пратил.

Што се однесува до прашањата од приватниот и интимниот живот, тие едноставно се бесконечни и доаѓаат подеднакво од двата пола. „Уште ли си сама, аман само ти не можеш дечко да најдеш, сите најдоа, ти некако многу пребираш, кога ќе те мажиме, хе-хе, кога дечиња, мислиш ли да раѓаш, колку, само две? - Леле за греота, колку – само едно? Леле уште по за греота, штооо – не планираш да раѓаш, каков монструм си ти, ти не си жена, ти си змија, ќе умреш несреќна и сама, ќе нема кој да ти донесе леб и вода на смртна постела, па ти немај пак деца, ГЛУПАЧКА!“

Вознемирување на интернет

Денес секој има интернет и секој човек – млад, стар, паметен, глупав има пристап до компјутер и глувче. Е таму, е Господ. Таму има право да ви напише сè што ќе посака, без практично никакви реперкусии.

Непознати мажи се додворуваат на интернет, праќаат манијакални пораки, вршат анализа на вашиот физички изглед, но нудат и проценка на вашата психичка состојба.

Тие едноставно не прифаќаат НЕ за одговор. Во реалниот живот би биле еднакви на силувачи, тука се само сајбер-силувачи со големо его, ниско либидо и веројатност дека не допреле жена никогаш во животот.

Кога неколку пати културно ќе ги опоменете да престанат да ве вознемируваат и дека не сте заинтересирани и откако конечно ќе ги блокирате на сите социјални мрежи, ќе никне уште еден нов, анонимен профил FraerodPeleni1983 кој ќе ви изнапише дека сте најголемата гуска, да не се замислувате премногу, грди сте и никој, за сите пари на светот нема да посака да ве легне и дека ќе си умрете стара мома, јалова и сексуално незадоволена!

Само затоа што сте го одбиле овој фин, воспитан дечко на мама. Живејте со оваа грешка млади девојки, најдете сили некако да продолжите понатаму без да се удавите во кофа од сопствените солзи.

„Не ти личи, женско си…“

„Не кревај тешки кутии, не ги носи ќесите од пазар, не го фрлај ѓубрето, не ги прекрстувај нозете така, не се шишај многу кратко, не дозволувај да имаш толку подникнати влакна, не зборувај толку гласно, не излегувај до доцна навечер, немој да испиеш повеќе од една чаша вино, не зборувај отворено за својот сексуален живот, не може ти да држиш бормашина, не ставај премногу црвен кармин, не носи прекратки сукњи, како тоа не знаеш/не сакаш да зготвиш ништо, зарем не сакаш после факултетот да се омажиш, ајде со време злато, немој премногу со другарките, не може да излегуваш само со машки колеги, не може да имаш најдобар другар кога си мажена, не вака, не така, НЕ ТИ ЛИЧИ – ЖЕНСКО СИ!“

Еве новост – не постојат повеќе женски и машки работи. Постојат само работи во кои некого го бидува повеќе или има повеќе желба да ги прави.

Сите полови стереотипи во нормалниот свет одамна пропаднаа во вода, само ние уживаме да мислиме дека единствената прошетка во денот треба да ти е до чешмата сред село и трчаницата дома, бидејќи те чека нова тура од ѓерѓефот и гобленот за везење.

Луѓето чувствуваат дека имаат целосно право да ви кажат што да правите со својот женски живот, иако никој не ги прашал за мислење. Луѓето се полни предрасуди и осуди, тие нема да престанат, барем не во скоро време.

Списокот на работи поради кои жените се нервираат во Македонија е уште подолг (секако, со исклучоци), но ако земеме детално да ги набројуваме сите преостанати нешта ќе ни побеле косата. Онаа која не е пожелно да ја шишаме премногу кратко, бидејќи „не го личи женското со машка фризура“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
10 причини зошто добрите жени поминуваат најлошо во животот Добрата жена не знае да каже 'НЕ'. Добрата жена ќе подголтне и нема да се кара. ...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Добрата жена тешко се наоѓа, а лесно се губи - Мора да знаете како да ја сакате Кога жената ќе почувствува дека не ја почитуваат како што заслужува, таа заминув...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg