„Петко“ и жената која не сака ситкоми

Размислувам од денешен аспект зошто долго имав одбивачки и потценувачки однос кон ситкомите (и сличните форми).

petko-i-zhenata-koja-ne-saka-sitkomi-01.jpg

Карикатуралност, предвидливи реплики, ликови банализирани до ниво на нивните стереотипи, она ужасно (сега веројатно не така често) смеење во позадина.

Но, пред сѐ, банализирањето на вредностите, потценување во начинот на кој се третираат и претставуваат комлексни емотивни, политички и социјални теми е уште еден израз на сведување на политичкото на леплив пи-ар кој во суштина го омаловажува оној кому се обраќа. Како таков е навредлив и за мене секогаш бил исклучително одбивен.

Истото е случај и со суперславните „Пријатели“ или „Современо семејство“. Јасна ми е нивната политичка и идеолошка моќ. Со право се третираат за „серии после кои научивме што се може да биде семејство.

И сето тоа еден пи-ар експерт ќе го презентира како генијално срочена еманципаторска порака, но тука доминантен останува потценувачкиот однос кон публиката и банализирањето на комплексноста на темите. Со тоа „not my cup of tea“.

И тогаш случајно наидов на Vicious. Ама тоа е „друг бог“.

Иан Меккелен и Дерек Џејкоби во „бадемантил“ како феноменално британски галантно разменуваат навреди. Амбивалентен однос за кој е кој се крие длабока љубов.

И тука некаде почнав да прифаќам дека веројатно мојата одбивност и отфрлање e во еден дел и резултат на генерализирање.

Но, банализирањето (кое авторите неуспешно се обидуваат да го скријат зад терминот „поедноставување“) на комплексните емотивни, семејни и социјални прашања во сериите, филмовите и книгите за деца е дополнително штетно.

Бидејќи децата интензивно чувствуваат сѐ што се случува околу нив. Ги чувствуваат и најситните динамики во односите кои им за важни како на пример тие меѓу родителите, врсниците, деликатни семејни прашања итн. Дури и тогаш кога се прават ѓаволски напори за нешто да се скрие. Веројатно тогаш и чувствуваат најсилно.

Но, не реагираат или реагираат на начин кој се чини нелогичен поради недостатокот на механизми во потполност да ја разберат, да ја артикулираат, да се справат со ситуацијата и да ги рационализираат своите емоции и причините зад нив. Немаат заштитен механизам, немоќни се психолошки да се одбранат од емотивните последици.

Од тие причини е исклучително важно како комплексни прашања и теми им се презентираат на возраст кога се така кршливи и отворени за влијание. Бидејќи им се ставаат „идеолошки очила“ низ кои и приоѓаат на реалноста, заглавени се во политика и идеолошка алатка за конституирање на субјект.

А тука сериите и филмовите кои ги гледаат секојдневно играат многу важна улога. Бидејќи „Филмот е ултимативна перверзна уметност. Не само што ви го дава она што го сакате, туку и ве учи како да го посакувате“ (Славој Жижек)

А добрите филмови и серии (не зависно дали за деца или возрасни) кај нас сè уште се мало чудо. И тука не мислам на гледливи, комични или симпатични. Не „добри“ со пола уста и однапред симнат критериуми бидејќи тоа „види, имај предвид дека сепак е наш филм и …“ или „за наш е ок“ или „види буџетот“.

И тука во игра влегува серијалот „Петко“.

Како еден од ретките изблици на нешто навистина квалитетно, кое успева да истрае околу 12 години да си најде публика, да ѝ се обрати на начин и јазик кој може да го разбере и да го засака, да се обиде да ја научи како да се размислува, е мало богатство.

Децата серијалот го сакаат, што е исклучително битно.

Но земајќи предвид дека станува збор за деца на возраст кога се отворени „да гледаат што и да им дадеш“ битно е што „Петко“ е онаков каков што е – сличен на ситком (кратки реплики, музика, „шарено весело и гледливо“) но, без банализирање и релативирање на важни и комплексни прашања.

petko-i-zhenata-koja-ne-saka-sitkomi02.jpg

Наредната сезона, чии сценарија имав можност да ги прочитам, ги учи децата да не се прилагодуваат на ништо помалку од контекст на хумани, еманципаторски и либерални вредности како еднаквост, пријателство, солидарност, одговорност, отвореност и љубопитство во однос на различности, недискриминација, инклузивност, мултикултурност.

Понатаму низ различните епизоди се отвораат и многу современи теми како булинг (и сајбер булинг) и справување со нив, лажни и емоционално манипулативни вести, темата на разводот и детето заглавено во несогласувањата меѓу родителите, еднаквите можности за момчињата и девојчињата, љубомората и чувството на отфрленост кое резултираат со еден уништен костум итн…и конечно, она пред кое независно од возраста сите сме исправени, чувството на вина и одговорност во рамки на деликатните меѓучовечки односи.

Новите сценарија прават мал отклон од претходните во смисла на комплексниот приод кон овие прашања притоа без директни едукативни пораки туку низ релации, случки и јазик кои на децата им се блиски и јасно. И конечно и најважно беа плакнење на приказните од нивата комплексност и емотивна тежина во оние случаи кога се такви.

Популарна серија може да стане супстанцијален елемент од воншколско образование, нешто на кое наредните генерации ќе се потсетуваат како на убав момент од детството, а уште побитно е инструмент за градење на индивидуалниот интегритет (осамостојување и однос кон себе), вредносна структура и однос кон околината (семејство, пријатели, потесна и поширока заедница) и социјален интегритет и повратно осознавање на самите себеси во рамки на заедницата.

И се ова за серија која во голема мера има елементи од сит-ком го кажувам од позиција на некој кој понатаму ќе задржи извесна дистанца и предрасуда кон ситкомите.

Значи, сериозно е добра.

Со среќа,

Лени Фрчкоска

Би можело да ве интересира:

Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Писмо до жената на која светот ѝ се руши: „Знам дека нешто лошо ти се случило, но едно запомни“ „Знам дека нешто лошо ти се случило. Но, запомни, толку многу жени пред тебе мин...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Баба Рога, самовили, страшни кловнови: Со што сè нè плашеа како деца? Пред неколку вечери, нешто пред полноќ, се возев во градски автобус, минувајќи г...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg