Не постои оправдување, ниту причина да добиеш шамар

Таа ги проверува неговите пораки, повици и мејлови кога тој не гледа. Ја мириса кошулата. Бара било какви траги, за да го оправда својот сомнеж.

ne-postoi-opravduvanje-nitu-pricina-da-dobiesh-shamar-01.jpg

Тој бараше од неа да се фотографира кога ќе стигне дома. Мораше да разговара со него со часови додека не одлучи да заспие. Додека беше во диско ѝ пристигнаа барем 30 пораки.

Дечкото не ѝ дозволуваше да излегува со пријателките, па дури ни на кафе. Одредуваше што ќе облече. Понекогаш ѝ велеше дека е евтина и треба да е среќна што токму тој ја сака.

Понекогаш и ќе ѝ удреше шамар. Веруваше дека тоа го заслужила. Успеваше да ѝ ја сруши самодовербата до степен каде не би можело пониско.

Таа и понатаму го сакаше.

Јас тоа би го нарекла болест.

Да дозволиш некој да те казнува, физички и емотивно, само затоа што постоиш и затоа што си му го дозволила тоа, не е нормално. Не постои ниту оправдување, ниту причина, ниту повод. Не зборувам за жените кои се жртви на насилство од кое не можат да се извлечат.

Зборувам за поголемиот број, оние кои се подготвени да го прегрнат насилството. Оние кои уживаат да бидат контролирани, обезвреднети и кои мислат дека подобро не заслужиле.

Налетав пред неколку дена на исповед на учесничка во ријалити шоу, за насилството кое го претрпела. Љубопитноста ме натера да го изгледам до крај, иако не требаше долго пред девојката да изјави: „Секоја малку поубава девојка некогаш била жртва на насилство. Тоа е нормално.“

„Јас сум згодна девојка и се подразбира дека понекогаш дечкото ќе ме удри,“ е новото ИН, новото нормално. Модерно е да се „палиш“ на опасни момци, да флертуваш со криминалот бидејќи тоа те дефинира како посакувана.

Како тоа љубовта и насилството одеднаш почнаа дa oдат во иста реченица? Како можеш да веруваш дека некој те шамара од љубов? Како мислиш дека таа раскрвавена усна те прави поубава? И како сето тоа си го објаснуваш на себе?

Зошто сакаш да живееш живот кој се сведува на проверување на неговиот телефон и неговите џебови?

Иако некои моќни жени години наназад работеле на тоа јас и ти денес да можеме рамноправно да стоиме покрај него, да носиме панталони и да имаме поголема плата од него, постојат несреќни жени кои се подготвени да го отфрлат она што емпанципацијата и движењата за правата на жените го има донесено веќе стотици години наназад.

И не само тоа. Подготвени се да го приграбат и пропагираат како нормално.

Постојат жени кои не работат, бидејќи нивните мажи се премногу љубоморни за да им дозволат да одат на работа. Постојат жени кои не смеат да се јават на друг маж, бидејќи следува ќотек. Постојат жени кои ова го трпат, мижат и се прават дека е нормално.

Таквите жени на своите ќерки, сестри и пријателки од околината им испраќаат порака дека е во ред да си жртва. Зошто? Поради семејството, поради имиџ, поради мир во куќа? Каков е тој мир во куќа кога немаш право да бидеш убава, само затоа што така ќе ги провоцираш другите мажи?

Каков е тој мир во кој мора да го задушиш секое свое задоволство, како не би имала скршен нос?

За насилството над жените да престане, жените сами мора да сфатат дека не е и никогаш нема да биде во ред да бидат жртви. Не постои причина, ниту оправдување да добиеш шамар.

Не постои никој кој денес може да ти забрани да облечеш здолниште, да си направиш фризура и да отидеш со другарките на кафе.

Вака напишано звучи банално, зарем не? Кој би ти бранел...

А ти бранат, знаеш и сама. Ти бранат да бидеш човек!

Извор

Би можело да ве интересира:

„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Чудотворни места во Македонија за жени кои не можат да забременат - Сливничкиот манастир, „трудното ... Многу легенди, митови и вистински приказни се раскажуваат и пренесуваат од ...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
За мене Скопје е... мирисот на липи во јуни Скопје е токму ова – мирисот на липа во јуни. Благата арома ги надразнува сетила...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg