„Дебела си за бикини“ – Македонија, земја во која знаеме сѐ, освен да си ја гледаме својата работа

Македонија е држава во којашто сите знаеме сè, ама не научивме едно многу битно нешто – да си ја гледаме сопствената работа.

Debela-si-za-bikini-01.jpg

По објавата на социјалните мрежи која предизвика најмногу внимание последниве неколку дена, дека не секој задник е создаден за танга, се крена лавина од коментари. 

Она што луѓето не го сфаќаат, прво, е дека никој не е совршен. Сите имаме маани. Издвојте само еден пример, без разлика дали станува збор за маж или жена, кој во вашите очи е „совршен“.

И верувајте дека тој или таа не се гледаат со истите очи. Самите тие се во состојба да си најдат маани на сопствениот изглед. Апсолутно никој не е совршен и тоа е сосема во ред. Тоа е нормално, тоа е човечко.

Второ, убавината е во очите на набљудувачот. Мене нешто ми е убаво, тебе не ти е. И обратно. А за вкусовите можеме да расправаме, ама нема да се сложиме.

Што е повторно – сосема нормално. Не сме сите скроени од истиот калап и фала богу што не е така. Како би изгледал светот ако сите сме клонирани, еднојајчени војничиња?

Трето, убавината покрај тоа што е субјективна, е и минлива. Таа избледува и оној што мисли да се потпира само на неа до крајот на животот, ќе доживее длабоко и горчливо разочарување.

Убавината без ум, без добрина, без шарм, харизма и воспитување е како да чекорите со патерици. Во секој момент може да ви се лизнат од рацете и да паднете на земјата. А кога ќе треснете на неа, со сознанието дека убавината не е сè во животот, немојте да се чудите.

Четврто, многу повеќе сакаме да гледаме во туѓиот двор, наместо во сопствениот. Тоа е затоа што лесно е да се истакнуваат туѓите недостатоци, а тешко да се согледаат сопствените.

Ваквиот начин на однесување најчесто потекнува од одредени фрустрации, од немоќта да се соочиш со сопствените демони, па удри кон „послабиот“. Или подебелиот во случајов. Или по оној со криви нозе, или наклапушени уши. Многу лесно е да се најдат маани на другите. Многу тешко е да се признаат сопствените.

И петто, оние коишто коментираат нечиј физички изглед и користат толку подли зборови треба да си го стават прстот на челото и да сфатат дека не станува збор за некоја специјална, недостижна вештина. Буквално секој може да го стори тоа ако му се сака. Не зборуваме за поединци, туку за сите луѓе кои припаѓаат во оваа група.

Најлесно е да кажеш нешто лошо, нешто злобно. Треба да имаш срце и доблест да кажеш нешто убаво, да пофалиш некого, да дадеш комплимент, да му го разубавиш денот. Да го мотивираш, да го охрабриш. Лесно е да се плука. Тешко е да се замолчи устата кога нема да каже ништо убаво.

За крај, Еленор Рузвелт кажала исклучително паметна мисла: „Големите умови разговараат за идеи. Просечните умови дискутираат за настани. Малите умови зборуваат за луѓе“.

Па не бидете личност со мал ум.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобелo

Би можело да ве интересира:

16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Луѓето ќе ви зборуваат за вашето дете, но не ги слушајте... Јасно и гласно ќе ви кажат дека не треба да го лулате бебето за да заспие, а пот...
„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg