„Детето ти е слабо, го храните ли“ и „Детето ти е дебело“ – фрази што секоја мајка ги мрази

За секоја мајка нејзиното дете е најубаво. Без разлика дали е слабо или е дебело. Нема мајка што не се грижи дали нејзиното дете јаде, што јаде и колку јаде, а обвинувањата дека не внимавала - болат.

Majka-deteto-ti-e-debelo-slabo-zoshto-od-mali-noze-im-nametnuvame-na-decata-standardi-za-izgled-01.jpg

Во текот на летниот период, особено со високите температури, децата (па и ние возрасните) губат апетит, а кај мајките веднаш почнува да работи алармот: „Леле ништо не јадело, леле ќе му се слоши...“

Па ќе се појави и некоја повозрасна, попаметна да соли памет: „Како така ништо не јаде, мора да јаде, ќе му ослаби крвта, ќе се разболи“... А забораваат дека на 40 степени никому не му се јаде, а најмалку на децата.

Сите родители знаат како е со храната и со малите деца. Ви се чини некогаш дека имаат два вида на желудник, едниот е за здрава храна и тој е екстремно мал, може да собере само неколку залчиња и другиот е за слатки, чоколада и сладолед – е тој се зголемува по потреба. Некогаш и не ми се верува колку многу слатки може да изедат.

Но, како и за сè друго, така и за изгледот на децата може да се најде некој паметен па да ви мудрува: „Леле детето ти се здебелило“, „Леле што му даваш да јаде“, „Леле како си дозволила детето толку да ти се здебели“... А тоа, задолжително откако дошле на гости и секако на децата им донеле чоколадо или сладолед, лижавчиња. Еден не дошол до сега и да донесе некоја праска, кајсија, лубеница...

Majka-deteto-ti-e-debelo-slabo-zoshto-od-mali-noze-im-nametnuvame-na-decata-standardi-za-izgled-02.jpg

Пред неколку месеци имавме проблеми со инфекција на увото и ќерка ми која дотогаш искрено немаше никаков проблем со храната и си беше полничка веднаш престана да јаде. Не јадеше неколку дена и ослабе нагло, се гледаше дека е мошне исцрпена и не се чувствува добро. Една пријателка се дрзна па дури и ми рече:

„Леле, колку ти ослабело девојчето. Сега ваква линија да држите!“

Не одговорив ништо. Се насмевнав и на шега реков: „Да сега е супер“, ама потајно знам дека се јадев и ми беше тешко. Како што реков, за секоја мајка најважно е прво детето да биде здраво – Ако требало да се разболи за да ослаби, тогаш воопшто не ни сакам да биде слаба.

Особено се интересни оние неинформираните, па истуреното стомаче на малите (кај кои сè уште се формираат внатрешните органи) го толкуваат како дебелина. „Леле буце, леле види му го мешето“.

Искрено, додека растев и како тинејџерка отсекогаш сум била онаква како што сега се денес популарните „плус-сајз“ модели. Со повеќе облини и со стомаче за денешни стандарди бев „пополнета“. Но, во тој период кога главни идоли беа Бритни Спирс и Кристина Агилера, кога масовно се промовираше витко (анорексично) тело облечено во фармерки со низок струк, јас бев „дебела“. Иако навидум не покажував дека ме погодуваат туѓите коментари и сè маскирав со вишок самодоверба, сепак тој период оставил лузни и врз мене.

Majka-deteto-ti-e-debelo-slabo-zoshto-od-mali-noze-im-nametnuvame-na-decata-standardi-za-izgled-03.jpg

Сега кога сум мајка и кога ќе слушнам како „историјата“ се повторува и некој се обидува уште од мали нозе да му наметне стандарди за изглед на моето дете, се лутам. Да, навистина се лутам. Не велам дека не треба да се води грижа уште од мали нозе, напротив за децата треба да се промовира здрава исхрана, но традицијата си останала – одиш кај некого на гости купи чоколада за децата. А да не зборуваме за Нова Година – е тогаш, ми е вистинскиот кошмар – чинам 15 дена сум стражар пред елката внимавам на лампионите, внимавам на пакетчињата, ќе ги скријам, ќе ги најдат или ќе плачат додека не ги вратам под елката...

Ама да не почнувам други теми. Темата ми е за тоа, зошто чувствуваме потреба уште од мали нозе на децата да им наметнеме некакви стандарди за убавина и да ги научиме што е нормално, а што не е. Нели е поубаво да ги учиме што е здраво, а што не е?

И секако, коментарите од типот „леле детето ти е дебело“ или „му давате ли нешто на ова дете да јаде“ – чувајте си ги за себеси. И ние како мајки сме свесни кога децата ни се здебелиле или ослабеле, а само ние си знаеме каква битка водиме и колку некогаш треба да си креативен за да го натераш детето да јаде или да го научиш дека прекумерното јадење нездрава храна е штетно.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело/ фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg