Беше алкохоличар, си го одзеде животот поради деменција - факти за Робин Вилијамс, холивудскиот актер со големо срце
Беше зависник од кокаин и алкохол
Кон крајот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите, познатиот актер беше зависен од кокаин, а имаше и проблеми со алкохолизам. Но, смртта на неговиот пријател, актерот Џон Белуши, го натерала да се откаже од пороците.
Џон Белуши почина од предозирање во 1982 година, и тоа откако бил на забава со Робин Вилијамс.
„Дали тоа беше знак дека треба да престанам? Да, голем знак. Неговата смрт ме натера да се отрезнам“.
Во 2003 година актерот повторно почна да пие, а три години подоцна самиот се пријави во центар за рехабилитација, изјавувајќи дека е алкохоличар.
Следните неколку години актерот отворено зборуваше дека му е тешко да се држи понастрана од алкохол, но поради смртта на пријателот, никогаш повторно не пробал кокаин.
„Ниту еднаш не помислив да се вратам на тоа. Да водам безначајни разговори до полноќ, да се будам чувствувајќи се како вампир – не“.
Еднаш неделно му се јавувал на Стивен Спилберг додека режисерот го снимал Shindler’s List
Ремек-делото на Спилберг – Schindler’s List – е трагичен филм кој ја раскажува приказната на Оскар Шиндлер. Оскар бил бизнисмен кој за време на Втората светска војна вработувал евреи и така ги спасувал од логорите.
Додека траело снимањето, режисерот се чувствувал ужасно и бил на раб на депресија, па Робин Вилијамс му се јавувал еднаш неделно за да го расположи.
„Робин знаеше низ што минувам, па еднаш неделно ми се јавуваше и по телефон ми изведуваше стенд-ап шоуа“, изјави режисерот во 2018 година.
Му помагал и на Кристофер Ривс по несреќата што го парализира
Кристофер Ривс, најпознат по улогата на Супермен, остана парализиран од вратот надолу по несреќа со јавање.
По несреќата, Ривс бил во ужасна ментална состојба, но Робин Вилијамс го дал најдоброто од себе да го расположи.
Додека Ривс чекал да му направат ризична операција на мозокот и ’рбетот, Робин Вилијамс влегол во неговата соба облечен во болнички мантил и се преправал дека е проктолог - специјалист за болести на дебелото црево и аналниот отвор - и му кажувал безобразни шеги.
По смртта на Ривс, неговото семејство изјави:
„По несреќата на татко ни, посетата на Робин беше првпат кога тој вистински се насмеа. Тато ни рече ’Мојот стар пријател ми помогна да сфатам дека некако, сепак ќе бидам во ред‘“.
Имаше депресија и си го одзеде животот
Актерот неколкупати имаше прозборено за неговата депресија, па откако си го одзеде животот во 2014 година, јавноста шпекулираше дека тоа а причината.
Но, лекарите и неговата сопруга споделија дека за неговото самоубиство се виновни неколку фактори покрај депресијата.
Според сопругата Сузан, актерот почнал да покажува симптоми на деменција отколку една година пред смртта и состојбата само му се влошувала.
Три месеци пред смртта, пак, бил дијагностициран со Паркинсонова болест, но и уште едно нарушување кое дополнително му ја влошило депресијата.
Состојбата му била толку лоша, што лекарите сметаат дека не би живеел повеќе од три години.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





