Психолози откриваат како да се расправате со партнерот, а да не си ја уништите врската (низ илустрации)
Направете пауза
Ако за време на расправијата ве совлада лутината, подобро е да направите пауза, да замолчите, зашто во спротивно може да се каете за она што сте си го кажале еден на друг.
Според Џон Готман, треба да знаете дека е време за пауза ако имате проблеми да слушнете што зборува вашиот партнер, ако не сте во можност прецизно да ги изразите вашите мисли и чувства, ако пулсот ви е забрзан, забите и тупаниците ви се стегнати.
Во овој момент е најлошо да ја треснете вратата - наместо тоа запрете и замолчете. Подобро е да кажете дека ви треба пауза и дека сакате подоцна да го продолжите разговорот.
Ова ќе му даде до знаење на партнерот дека не го напуштате или отфрлате, туку дека сакате да се справите со сопствените чувства.
Не пробувајте да бидете победник во караницата
Во семејните расправии не мора да има победник и губитник. А потребата да бидете во право по секоја цена е нешто што на крајот не му користи никому.
Наместо да го наметнувате вашето мислење, обидете се да ја слушнете и другата страна, да поставувате прашања, да дискутирате за чувствата - ова ќе ви помогне да најдете компромис.
Зборувајте за себе
Ако зборувате само за тоа што партнерот рекол или направил погрешно во расправија, дури и ако навистина го кажал или направил тоа, ќе звучи како обвинување.
Наместо тоа, зборувајте за себе и за тоа како се чувствувате вие и знајте дека секое брачно несогласување вклучува две лица.
Правилно изразете ја лутината
Некои луѓе се разлутуваат само затоа што не се согласуваат со нешто, а други ја акумулираат својата огорченост и потоа експлодираат од лутина.
Дури и ако го повишите тонот, нема да имате никаква предност во расправијата.
Не е во ред ни постојано да ја потиснувате лутината и да правите отстапки за да избегнете кавга, зашто натрупаните проблеми еден ден ќе излезат на површина.
Но, можете да научите правилно да ја изразувате лутината - мирно да кажете дека сте лути, а потоа да зборувате за причините без да го критикувате или омаловажувате вашиот партнер.
Разговарајте за вашите разлики откако ќе се „оладите“
Кога сме под силни емоции, тешко е да се држиме до какви било правила при расправиите. Затоа е подобро бурата да помине, а потоа да седнете и мирно да разговарате за она за што не се согласувате.
Обидете се да разберете што ве погодило толку многу, која е причината за реакцијата на вашиот партнер и дали има нешто подлабоко зад она што предизвика караница?!
Според психолозите, 69% од проблемите кај паровите остануваат вечно и тешко се решаваат целосно, бидејќи и меѓу нив секогаш ќе постојат различни цели, преференции, но и воспитувањето и минатите искуства.
Но, какви и да се вашите ставови запомнете ја најважната работа: пред вас е личноста што ја сакате и за неа вреди да се борите.
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





