Во Кина има „затвори“ за луѓе со прекумерна тежина: Никој не смее да си замине, вежбаат по 4 часа дневно
Во таканаречените „затвори“ за луѓе со прекумерна тежина во Кина, учесниците следат интензивни тренинзи, имаат строго одредени оброци и не смеат да ја напуштат установата бидејќи вратите постојано се заклучени. Интензивната програма трае 28 дена.

Вишокот килограми се проблем за многу луѓе и иако за повеќето решението е подобра исхрана и физичка активност, факт е дека не секој може да се натера да ги следи овие правила.
Затоа, пак, во Кина смислиле ново решение – „затвори“ за луѓе со прекумерна тежина.
Бидејќи дебелината станува почест проблем и во оваа земја, почнале да се отвораат установи за слабеење.
Луѓето кои одат во овие установи мора да следат напорни програми за вежбање и јадат само храна што им е дозволена.
Поради строгите правила, установите се нарекуваат „затвори“.
Покрај строгата диета, секој ден луѓето во овие установи вежбаат по неколку часа, и тоа на лента за трчање, интензивни кардио вежби, вежби во теретана…
Притоа, не можат да се откажат бидејќи вратите на установата се затворени и никој не смее да замине додека не му заврши програмата.
Жена од Австралија која моментално е во ваква установа реши да сподели како навистина изгледа секојдневието во „затворот“.
28-годишната девојка вели дека платила помалку 1.000 долари за 28 денови во установата, а нејзиниот престој почнал на почетокот од декември.
Сподели дека вежбаат по четири часа дневно, а утрото го почнуваат со аеробик.
Потоа вежбаат кардио имаат уште неколку интензивни тренинзи, додека денот го завршуваат со статичен велосипед во просторија која наликува на дискотека.
Храната им е строго ограничена и никој не може да јаде колку што сака. На пример, девојката за појадок добива едно парче леб, домат, краставица и четири варени јајца.
Ручекот е малку пообилен, но повторно е здрава храна, како зеленчук и морски плодови.
Што се однесува до напуштање на установата, девојката вели дека никој не смее да си замине освен ако нема навистина добра причина за тоа, како на пример болен член на семејството.
Луѓето кои доаѓаат во установата со себе не смеат да понесат апсолутно никаква храна – доколку пробаат, ќе им биде одземена.
Секако, има и време за одмор – нешто пред 20 часот завршуваат со тренинзи и додека да си легнат, имаат слободно време.
Недела им е слободен ден, но вечерта сепак имаат помалку интензивен тренинг.
Сите луѓе во установата имаат свој личен простор, односно кревет, биро и гардеробер. Имаат заеднички тоалети и тушеви.
Девојката вели дека примаат луѓето од целиот свет, а истакнува и дека целата мака навистина вреди.
Таа успеала да ослаби околу 2 килограми за една недела, а до крајот на втората недела ослабела четири килограми.
„Запознав многу пријатели, сите се навистина добри и никој не суди бидејќи сите имаме една цел – да ослабиме“, вели девојката.
Спирова С. | Црнобело
