Инспиративна жена: Марија Крстевска – сопственичка на 3 бизниси, посветена мајка, вљубеничка во патувања и спорт
- Детали
- четврток, 04 јуни 2026
„Кога останав бремена, барав бебешка опрема и сфатив дека многу работи нема кај нас. Сите пари што ги добивме од свадбата ги вложивме во нашиот бизнис и така започна приказната на Bebe Home. Денот ми почнува во 5 часот наутро, редовно правам третмани за регенерација на кожата, бидејќи сум решена природно да стареам. Немам ботокс, ниту филери“ - вели за CRNOBELO.com Марија Крстевска (43) сопственичка на Bebe Home, Coslovemetics и Cosdew.

Марија Крстевска (43) од Скопје е сопственик на Bebe Home, Coslovemetics и Cosdew.
Таа е успешна бизнис дама, која умешно балансира помеѓу работата и семејството, со оглед на тоа што е сопруга и мајка на 2 деца: Мартин (12) и Ирина (9).
Покрај сите работни и семејни обврски, таа успева да најде време и за себе, да се негува, да ужива во модни комбинации по свој стил, да патува, но и да спортува.
Марија е вистинска инспирација и доказ дека кога се сака, може да се постигне многу повеќе отколку што мислиме дека сме способни, само е потребна добра организација, желба и мотивација, но секако и поддршка.
За тоа како е да се биде мајка и успешна бизнис дама, но и да се постигне сè во меѓувреме, Марија за CRNOBELO.com открива...
Колку е тешко истовремено да се биде мајка, но и успешна жена на кариерно поле, со сопствен бизнис? Како ви изгледа еден ден – од будење до легнување?
Мене овој период од животот ми е омилен. Искрено, апсолутно ништо не ми е тешко. Децата се моја најголема љубов и одговорност, исто како и работата.
Секако дека не правам сè сама, кога ми е потребна помош, ја барам и ја добивам. Особено сме благодарни на бабите и дедовците, кои многу ни помагаат околу децата, особено поради нашите чести службени патувања.
Да, деновите ми се навистина исполнети и динамични, но кога го работиш тоа што го сакаш, ништо не e тешко. Имам навистина набиена агенда.
Легнувам рано и уште порано станувам, најдоцна до 5 часот наутро сум веќе будна. Тоа е моето омилено време од денот, кога во мир и тишина го пијам првото кафе.
Потоа следува подготовката околу децата, ранци, училиште и сè што е потребно за денот. Најдоцна до 6:30 часот сум веќе на работа во Coslovemetics.
Активно работам до околу 14 часот, а потоа следува време за мене, вежбам прогресив реформер пилатес, кој прави да се чувствувам убаво, исполнето и во баланс со себе.
Кога ќе се вратам дома, тоа е нашиот семеен момент. Се собираме сите на ручек и си го прераскажуваме денот. Особено ми е убаво сега кога децата се поголеми и навистина уживаме во нашите разговори.
Потоа следуваат нивните спортски активности и подготовките за училиште. Искрено, сум благодарна што имам деца кои се многу самостојни, исполнителни и одлични ученици, па најголемиот дел од обврските сами си ги завршуваат.

Попладнето и вечерта повторно се посветени на работата, бидејќи кога имаш приватен бизнис, работното време не завршува во 16 часот.
Но, и покрај сè, најдоцна до 22 часот сум веќе во кревет, бидејќи станувам многу рано и се трудам да украдам што е можно повеќе сон за енергија за утрешниот ден.
За време на викендите задолжително практикуваме и време само за нас, со сопругот сакаме вечерни излегувања, ручек и дружење со нашите пријатели.

Како успеавте да се охрабрите да отворите свој бизнис, какви беа почетоците?
Уф, мојот пат до тоа што сум денес е навистина интересен. Јас сум правник по професија, завршив Правен факултет, положив правосуден испит и работев во адвокатско друштво, а потоа и во банка како правник.
Токму во периодот кога останав бремена со моето прво дете, почнав многу да се интересирам за бебешка опрема, колички, релаксатори, седишта и сè што му беше потребно на едно бебе.
Истражувајќи што е најдобро, сфатив дека многу од тие производи кај нас едноставно ги немаше.
Додека купувавме од соседните земји за нашето дете, се роди и бизнис идејата, да отвориме продавница токму со такви производи и кај нас.
Сите пари што ги добивме од свадбата ги вложивме во нашиот бизнис и така започна приказната на Bebe Home. Го напуштив работното место во банка и започнав нешто сосема ново и непознато, но силно верував во идејата.

По неколку години успешно работење со Bebe Home, се роди и идејата за Coslovemetics, инспирирана од мојата лична борба со акни.
Пробувајќи корејска козметика, сфатив колку овој сегмент недостасува кај нас и така започна уште една прекрасна приказна. Денес слободно можам да кажам дека Coslovemetics е водечка компанија за корејска козметика во Македонија.
Но, тука не застануваме. По неколку години работа во козметичката индустрија, дојдовме и до моментот да создадеме сопствен козметички бренд Cosdew, кој е целосно произведен во Јужна Кореја, во фабрики кои произведуваат и за светски познати брендови.
Во моментов очекуваме нови производи и многу сме возбудени за ова ново поглавје, бидејќи имаме големи планови брендот да расте и надвор од границите на Македонија.
Искрено, целиот овој пат го изодев додека децата беа мали и никогаш не сум почувствувала дека нешто ми недостига.
Јас и сопругот функционираме како тим, кај нас нема „машки“ и „женски“ обврски, сè правиме заедно. Огромна улога имаат и бабите и дедовците, на кои сме им бескрајно благодарни, бидејќи без нивната помош многу работи немаше да бидат возможни.
Сега децата се веќе поголеми, па и обврските се поинакви. Децата уште од мали се дел од нашето секојдневие и растат заедно со бизнисите.
Секој слободен момент го користиме да дојдат со нас, да видат како изгледа работата и да научат нешто ново.
Искрено, не чувствувам дека сум направила некаква жртва. Едноставно научив добро да балансирам и досега успешно ми оди на сите полиња.
Секако дека има и тешки моменти, но искрено уживаме во овој период од животот.

Имате ли некое хоби или можеби скриена пасија? Наоѓате ли време за себе? Како го поминувате слободното време и што е она што ви го храни духот?
Спортот е многу важен дел од нашето семејство. Мојот сопруг е поранешен професионален пливач и сквошер, а јас рекреативно се занимавам со спорт и редовно вежбам пилатес, како што веќе напоменав.
И децата се многу активни, Ирина тренира фудбал, а Мартин тенис.
Нашиот омилен период од годината дефинитивно е зимата, бидејќи сите сме големи љубители на скијањето.
Секоја година задолжително одиме на скијање со нашето друштво, а секогаш организираме и уште едно семејно скијање, дали тоа ќе биде Италија, Австрија, Франција…

Тоа се денови кога буквално по цел ден сме на скии и навистина уживаме.
Најинтересно ми е што децата веќе скијаат подобро и од мене, па сега јас се трудам да ги следам нив, ха-ха.
Искрено, токму спортот, патувањата и времето поминато со семејството се она што најмногу ми го храни духот и ми носат мир, енергија и чувство на исполнетост.

