Инспиративна жена: Марија Крстевска – сопственичка на 3 бизниси, посветена мајка, вљубеничка во патувања и спорт
Имате впечатлив моден стил, но како вие го опишувате сопствениот стил? Имате ли некоја модна формула?
Како и секоја жена, претпоставувам дека сакам убаво да изгледам, да сум средена и убаво облечена, но најважно од сè ми е јас да се чувствувам убаво во тоа што го носам.
Денес точно знам што сакам, што ми стои добро и во што најубаво се чувствувам.
Јас сум од оние жени кои кога ќе видат нешто што им се допаѓа, веднаш го купуваат. Не размислувам премногу и не се оптоварувам, едноставно му наоѓам место во плакарот и подоцна го комбинирам на свој начин.
Немам некоја конкретна модна формула, но би рекла дека мојот стил е едноставен, женствен и удобен.

Преку ден сум најчесто во casual варијанта: патики, џинс и многу ретко шминка. Сакам да ми е удобно и отсекогаш повеќе сум го сакала тој природен изглед кај една жена.
Навечер сакам малку повеќе да се дотерам, но и тогаш повеќе сакам шик и младешки изглед отколку класична елеганција.
Сакам добри панталони, добри чевли и чанти и едноставни, но убаво искомбинирани парчиња.
Кратки здолништа и фустани никогаш не биле нешто во кое сум се пронашла, па навистина ретко може да ме видите во такво издание.
Кои ви се омилени модни додатоци? Дали можеби сте колекционер на некои модни додатоци или имате нешто без што не одите никаде?
Не би рекла дека сум колекционер, но дефинитивно не можам да одолеам на убава чанта, добри чевли и впечатливи обетки.
Тоа се деталите што секогаш знаат да го комплетираат целиот изглед, дури и кога комбинацијата е многу едноставна.

Имате ли некои ритуали за убавина и нега?
Секако. Искрено, кај мене негата и убавината се дел од секојдневието и тоа е нешто што навистина го сакам, а воедно и работам во таа индустрија.
Негата на кожата и косата ми се апсолутен „must“. Утринската и вечерната „skincare“ рутина ми се дел од секој ден и навистина уживам во тие моменти.
Освен негата на лицето, многу внимание посветувам и на негата на телото и косата.
Редовно правам третмани за регенерација и биоревитализација на кожата, бидејќи сум решена природно да стареам. Немам ботокс ниту филери, па затоа навистина многу внимавам на негата.
Искрено, грижата за себе за мене не е само козметика, тоа е цел начин на живот. Тука спаѓаат и секојдневното вежбање, добриот сон и здравата исхрана, на која навистина внимавам.

Наоѓате ли време за патувања?
Едно од моите омилени хобија дефинитивно се патувањата. Навистина многу често патувам, без разлика дали станува збор за службени патувања или патувања за уживање.
Искрено, уживам во секоја форма на патување, и кога сум сама, и кога патуваме јас и сопругот, семејно, со друштво или со другарки.
Патувањата навистина ми се мелем за душата. Ми носат нова енергија, инспирација и едноставно ме исклучуваат од сè останато, па навистина успевам целосно да се одморам.

Сепак, најомилени ми се патувањата со семејството. Тоа се моменти резервирани само за нас четворица, кога сме целосно посветени едни на други и создаваме спомени што остануваат засекогаш.
Искрено, тие моменти најмногу ми значат и многу често ги практикуваме.

Која е најдобрата лекција што сте ја научиле на потешкиот начин во животот, која би им ја пренеле и на сопствените деца?
Лекции во животот учиме секој ден. Животот е постојано падни-стани и токму така растеме.
Искрено, не гледам на работите како на нешто што сум го научила „на потежок начин“, туку повеќе како искуства што ме изградиле како личност.
Ако треба да издвојам една најважна лекција, тогаш тоа е дека навистина можеш сè кога искрено го сакаш тоа што го работиш и кога си подготвен целосно да се посветиш.
Јас мојот бизнис го започнав од нула и го градев чекор по чекор, со многу труд, посветеност, љубов и верба.
Но, исто така научив и дека никој не може апсолутно сè сам. Поддршката од семејството, партнерот и луѓето околу тебе е многу важна, и не треба да се плашиме да побараме помош кога ни е потребна.
Токму тоа би сакала да им го пренесам и на моите деца, да веруваат во себе, да работат со љубов и посветеност, да се добри луѓе, но и да знаат колку е важно да имаш луѓе покрај себе што те сакаат и поддржуваат.
