Инспиративна жена: Марија Крстевска – сопственичка на 3 бизниси, посветена мајка, вљубеничка во патувања и спорт
Кои се вашите тајни за продуктивен ден? Може ли навистина секогаш да се постигне сè?
Нема некоја тајна или магија, искрено мислам дека сè е до главата и до начинот на кој го поставуваш денот.
Секако дека има добри, лоши и прекрасни денови, не сме роботи. Но, мислам дека мислата и енергијата со која го започнуваш денот многу влијаат на тоа како ќе ти помине.
Јас едноставно не можам да си дозволам да кажам „денес не ми е ден“ и да се откажам од сè.
Ме чекаат работа, деца, обврски и луѓе што сметаат на мене. Затоа, некогаш едноставно мораш да се собереш, да оттурнеш лошо расположение и да продолжиш понатаму.
Искрено, мислам дека кога човек е добро организиран и кога го сака тоа што го работи, може многу работи да постигне.
Можеби не секој ден сè ќе биде совршено, но на крај најважно е чувството дека денот ти бил исполнет и убав, а тоа чувство навистина нема цена.
А, кои се вашите тајни за успех во сопствен бизнис? Сте имале ли разочарувања и како сте ги надминале?
Јас често знам да кажам дека дишам со мојот бизнис. Толку искрено го сакам и навистина е дел од мене.
Па, ако треба да издвојам што е најважно за успех, тогаш тоа се љубовта кон работата, креативноста, новите идеи, но најмногу од сè, посветеноста и трудот што секојдневно се вложуваат.
Разочарувања секако дека имало и сигурно ќе има. Имало моменти што ме погодиле и емотивно, како на пример затворање на продавници во кои бил вложен огромен труд и енергија.
Но, со тек на време сфатив дека понекогаш мора да донесеш тешки одлуки за доброто на компанијата и за нејзиниот понатамошен раст.

На почетоците, тие разочарувања многу повеќе ме погодуваа, бидејќи бизнисот за мене беше нешто сосема ново и не ги разбирав сите процеси и предизвици.
Јас како жена често ги доживувам работите и емотивно, па ми требаше време да научам како подобро да балансирам.
Но, овие 12 години работа навистина многу ме научија. Научив подобро да балансирам и да не се замарам со секоја ситница и секој проблем.
Денес многу појасно гледам на работите и знам дека најважен е долгорочниот раст и стабилноста на бизнисот.

Еден совет кој го давате како мајка, но и бизнис жена, што би им бил од корист на многу жени?
Од нас жените денес навистина се бара многу. Имаме толку многу улоги и секојдневно се трудиме да постигнеме сè.
Мислам дека токму тоа е нашата женска супермоќ и затоа искрено многу ги сакам и почитувам жените.
Но, исто така мислам дека е многу важно жената никогаш да не се изгуби себеси во сите тие улоги што ги има во животот.
Да, треба да бидеме добри мајки, сопруги и посветени на работата, но подеднакво важно е да најдеме време и за себе, за своето здравје, мир и среќа.
Би им порачала на жените повеќе да веруваат во себе и во своите способности. Многу често сме посилни и поспособни отколку што мислиме.
И најважно, да не си правиме притисок дека мора секој ден сè да ни биде совршено. Има и тешки денови и тоа е сосема нормално.
Најважно е да сме мирни, среќни и задоволни со себе.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
M. M. | Црнобело
