Неочекувани, но пријатни изненадувања што ги носи староста, според повозрасни дами
„Едноставно, веќе не се грижам за ништо. Не ми се верува колку време сум трошела за безначајни работи како мојата фризура, петте килограми плус или влакното што ми пораснало на брадата“.

Кога безбројните продукти за подмладување и разните корекции и третмани стануваат норма, изгледа како сè повеќе да се плашиме од годините.
Повеќето, особено жените, пробуваат да го задржат младешкиот изглед што е можно подолго, најмногу бидејќи несвесно се споредуваат со ѕвезди кои изгледаат и по две децении помладо.
Но, стареењето си има добра страна и некогаш треба да се гледа и како привилегија.
На форумот на BuzzFeed неколку повозрасни дами споделуваат на што ги научиле годините, но и што е она што пријатно ги изненадило.
Нивните договори во продолжение:
„Не пробувам да ги импресионирам другите. Како што стареете, ќе научите дека да бидете свои, среќни и да имате мир е многу поважно од она што го мислат другите за вас“.
„Слободата! Слободата од тоа да не се грижите што другите мислат за вас“.
„Едноставно, веќе не се грижам за ништо. Не ми се верува колку време сум трошела за безначајни работи како мојата облека, мојата фризура, петте килограми плус и влакното што ми пораснало на брадата“.

„Веќе не им судам на луѓето. Сега сфаќам дека сите водат невидливи битки“.
„Седата коса – си ја сакам. Изгледам како да имам шатирана сребрена коса“.
„Генерално сум многу посамоуверена и не се грижам за туѓото мислење“.
„Поважно ми е како се чувствуваат луѓето поради мене, наместо што мислат за мене. Не сакам да бидам лоша личност, но сосема во ред е ако не му се допаѓам на некој“.

„Веќе не сум толку привлечна за мажите и искрено вистинско ослободување е кога веќе не ми свиркаат и довикнуваат на улица“.
„Научив што навистина сакам од животот. Во 20-тите и 30-тите бев опседната со тоа што се очекуваше од мене. Сега не ми е грижа. Сфаќам колку е убаво да бидам своја и ги охрабрувам и другите да го прават тоа“.
„Кога пробувам нешто ново, го правам само за мене“.

„Мислам дека многу ми се промени ставот кон мојот изглед. Уште сакам да изгледам добро, но истовремено јасно ми е дека е во ред и ако некогаш не изгледам добро“.
„Навистина уживам во стареењето. Не носам шминка освен ако не сакам и на никој не му е гајле. Никој не ме прашува кога ќе се венчам или кога ќе родам дете.
Луѓето не ја критикуваат секоја моја одлука, јадам што сакам, спијам колку сакам и ако сакам, цела вечер гледам телевизија.
Единствениот проблем е што има повозрасни дами на моја возраст што мислат дека не се однесувам соодветно на моите години“.
„Повеќе си верувам. Имам нова дефиниција за успех и имам други вредности. Се чувствувам многу поудобно во мојата кожа, без разлика што е малку висната“.
Спирова С. | Црнобело