„Поминав 11 години во затвор за ’убиството‘ на моето новороденче – келнерка што не ја познавав докажа дека сум невина“
„Три дена откако се роди ќерка ми, забележав некаква испакнатина на челото, како згрутчување на крвта. Ја однесовме во болница, медицинска сестра ја зеде, но неколку часа подоцна, докторот ни кажа дека починала“, раскажува жена која неправедно била осудена за смртта на нејзината новородена ќерка.

Ешли Џордан и партнер Алберт Дебелбот се соочиле со незамислива трагедија кога нивната ќерка починала само три дена по раѓањето.
Како оваа траума да не била доволна, Ешли и Алберт биле обвинети за убиството на новороденчето и добиле доживотни казни затвор.
11 години подоцна, кога веќе почнале да губат надеж, жена која не ја ни познавале успеала да ја докаже нивната невиност.
Ешли, која денес има 41 година, сега е на слобода, а за The Sun ја раскажува својата потресна приказна:
Ешли отсекогаш сакала да стане мајка, а забременила во октомври 2007 година.
Бебето се родило три недели порано, во мај 2008 година, и иако породувањето било комплицирано, лекарите утврдиле дека е во добра здравствена состојба, па Ешли и Алберт ја однеле дома по само ден-два.
Но, само неколку часа подоцна Ешли забележала нешто чудно.
„Имаше некаква испакнатина на челото. Изгледаше како згрутчување на крвта. Му се јавив на докторот и ми рече дека можеби е жолтица.
Но, тогаш ќерка ми почна да има проблеми со дишењето, па веднаш отидовме во болница. Додека да стигнеме, бев во хистерија“.
Медицинска сестра го зела бебето и Ешли вели дека тоа е последен пат што го виделе.
„Неколку часа подоцна, дојде доктор кој ни кажа дека ќерка ни починала. Само седев, без зборови, гледав во празен простор. Алберт беше на подот, плачеше“.
Бидејќи немало објаснување за смртта, локални детективи почнале да ги испрашуваат Ешли и Алберт. Но, тогаш сметале дека ова е формалност и не ни помислувале дека тие ќе станат главни осомничени.
Детективите го пребарале нивниот дом, а по неколку денови му била направена и аутопсија на бебето.
По аутопсијата, Ешли и Алберт биле повикани во полиција, ги разделиле и им кажале дека се обвинети за убиство.
Ги уапсиле и ги однеле во притвор без можност за плаќање кауција, а овде чекале 18 месеци додека да почне судењето.
Иако Ешли и Алберт никогаш во животот немале проблеми со законот, докторката што ја правеле аутопсијата утврдила дека бебето имало сериозни повреди на главата вклучувајќи скршеница на черепот, оток на мозокот и крвавење.
Заклучила дека смртта не била случајна и дека такви повреди може да се добијат само со удар.
Сепак, изјавата на докторката била единствениот доказ и одбраната воопшто не повикала медицински експерти. Не било покажано ни медицинското досие на бебето и сите се потпирале само на зборовите на докторката.
На поротата, пак, ѝ било кажано дека дури и да не веруваат дека Ешли и Алберт ја убиле ќерка им, сепак да ги гледаат како виновници.
