Го уапсија во Северна Кореја, се врати со оштетување на мозокот: Трагичната судбина на студентот Ото од САД
Младиот студент од САД отишол на 5-дненво патување во Северна Кореја, но пред да ја напушти земјата, бил уапсен бидејќи наводно украл владин постер со пропаганда. Кога надлежните успеаја да го вратат дома цела година подоцна, Ото имаше оштетување на мозокот и беше во вегетативна состојба.

Можеби се сеќавате на случајот со Американецот Ото Вармбиер кој во 2016-та доби 15-годишна казна во логор во Северна Кореја.
Додека беше затворен во изолираната земја, 21-годишниот студен се здоби со оштетување на мозокот и почина пред да успее да ја раскаже својата страна на приказната.
Што знаеме за трагичната судбина на младиот студент?
Роден во Охајо, во 1994 година, Ото Вармбиер бил мошне интелигентен дечко на кој му предвидувале блескава иднина уште од најрана возраст.
Бил меѓу најдобрите ученици од својата генерација, а истовремено се покажал и како добар спортист.
По завршувањето на средно, се запишал на Универзитетот во Вирџинија, а како што подоцна ќе кажат неговите пријатели, студиите и семејството му биле двете најважни нешта во животот.
Додека студирал на Универзитетот во Вирџинија, тогаш 21-годишниот Ото Вармбиер изразил желба да ја посети Северна Кореја.
Очекувано, родителите пробале да го премислат, а добил и предупредување од Стејт департментот дека ваквото патување е премногу ризично.
Кон крајот на 2015-та, Ото се подготвувал да помине еден семестар во Хонгконг, но пред тоа сакал да оди на авантура.
Слушнал за кинеска туристичка агенција која нудела „евтини патувања до дестинации на кои вашата мајка не сака да одите“.
Една од понудите била „новогодишна тура“ до Северна Кореја, па игнорирајќи ги предупредувањата на блиските, Ото уплатил.
Патувањето требало да трае пет дена, односно четири ноќи, а Ото полетал кон Пјонгјанг на крајот на декември 2015-та.
Како што имаат раскажувано и други туристи кои ја посетиле Северна Кореја, и на Ото и неговите сопатници им биле одземени фотоапаратите и смартфоните веднаш штом пристигнале.
Ги пребарале и за други предмети кои се забранети во Северна Кореја.
Ото бил сместен во хотелска соба со турист од Англија – Дени Гратон.
„Од мигот кога се запознавме, се зближивме. Ото беше многу интелигентен и личност која им се допаѓа на сите“, сподели Британецот за BBC.
Нова година ја прославиле на плоштадот во Пјонгјанг, а веднаш потоа целата група, заедно со Ото, се вратила во хотелот.
Некои отишле во барот на хотелот, додека Британецот Дени отишол во кугланата во склоп на хотелот.
Кога се вратил во нивната соба околу 4:30 часот наутро, Ото веќе бил заспан.
Подоцна Дени има изјавено дека не знаел каде бил Ото барем два часа пред да се врати во собата.
Првиот ден од годината поминал добро, а на 2-ри јануари Ото и неговата група се подготвиле да си одат дома.
Но, пред да се качат во авионот, Ото бил повикан настрана.