Трикови со кои ќе го заштите домот од кражби (кога не сте дома), според експерти за безбедност
Ако живеете во куќа, важно е да ги осветлите темните места во дворот бидејќи во спротивно, можат да бидат идеални места за криење за крадците.

Едно од постресните нешта што може да ни се случи е некој да го ограби домот.
Покрај тоа што може да ни бидат украдени вредни работи за кои ќе ни требаат години повторно да ги набавиме, овде се и стресот и стравот кои доаѓаат со помислата дека некој ви влегол дома.
Крадци, за жал, секогаш ќе има, па на вас останува да го дадете најдоброто од себе за да си го заштите домот.
Неколку совети од експерти за безбедност:
Осветлете ги најтемните места во дворот
Ако живеете во куќа, важно е да знаете дека темните места во дворот се идеални за криење, па им ја олеснуваат работата на крадците.
Обрнете внимание и на растенијата пред влезните врати – ако има многу обраснати грмушки, и ова му дава можност на крадецот да се скрие.
За да не мора целиот двор постојано да ви биде осветлен, можете да купите светла кои се вклучуваат на сензор на движење.
Обично крадците се обесхрабруваат кога одеднаш ќе бидат осветлени.
Ако често отсуствувате од дома, вложете во светилки на тајмер
Ако честопати се случува да отсуствувате од дома на подолг период, тогаш добро би било да ставите светилки на тајмер, барем во некои простории.
Некогаш крадците набљудуваат некој дом подолг период пред го ограбат. Ако имате светилки со тајмер, тогаш ќе мислат дека има некој дома и нема да се осмелат да влезат.
Немојте да правите „аматерски“ пропусти
Немојте да чувате резервен клуч на скришно место надвор од домот.
Крадците се свесни за ваквите скришни места и само ќе им ја олесните работата.
Многу подобро е еден резервен клуч да оставите кај личност на којашто ѝ верувате, на пример некој сосед.
Не објавувајте фотки од патувања додека не се вратите дома
Ако сте на патување со целото семејство, избегнувајте да објавувате фотографии онлајн додека трае патување.
Ова е особено важно ако имате отворени профили на социјалните мрежи бидејќи не знаете кој сè може да ги види вашите објави.
Ако работите од дома, скријте ја домашната канцеларија
Лаптоп, компјутер, фотоапарат – без разлика што работите од дома, немојте да ги чувате предметите што ги користите покрај прозорец.
Генерално ова се вредни работи и ако некој крадец ги здогледа преку прозорец, секогаш постои ризик да се обиде да ги украде.
Скријте ги вредните предмети
Истото важи и за сите вредни предмети во домот.
Дури и ако сте дома, пред да си легнете, кренете го лаптопот, таблетот, скапиот накит и генерално сите вредни работи што можат да им го привлечат внимание на крадците.
Редовно проверувајте ги бравите и прозорците
Ако имате прозорец што не се затвора добро, немојте да го оставате така.
Или, ако забележите дека има некаков проблем со бравата на влезната врата, веднаш санирајте го.
Ако имате гаража, добро проверувајте ја и нејзината брава.
Спирова С. | Црнобело