„Ајкула ми ја одгриза ногата – учев одново да одам со протеза, сега сум професионален пливач“
„Додека да се свестам што се случува, ајкулата ми го одгриза стапалото и дел од ногата. Крвавев многу. Викавме за помош но никој не нè слушна“, раскажува Али Трувит од САД чија нога морала да биде ампутирана. На почетокот се плашела од вода, но само една година подоцна ѝ се вратила на својата најголема страст – пливањето – и освоила сребро на Параолимписките игри.

Али Трувит од САД отсекогаш била амбициозна девојка со големи планови за нејзината иднина.
За себе вели дека пораснала во костим за капење и пливањето ѝ била најголемата страст.
Откако завршила средно, се запишала на колеџ каде што почнала да се натпреварува во пливање. Потоа планирала да се запише на економски факултет, а сакала да работи и во здравствениот сектор.
Но, само два дена по дипломирањето, животот на тогаш 23-годишната Али драстично се променил.
За да прослави за дипломирањето, Али отишла на Туркс и Кајкос со неколку пријатели од пливачкиот тим.
Со нејзина блиска пријателка, Софи, отишле да нуркаат, кога ги нападнала ајкула.
„Бевме во водата и одеднаш, од никаде се појави ајкула која почна да нè напаѓа. Пробуваше да се удри во нас со огромна сила“, се присетува Али.
Додека двете девојки пробувале да се одбранат, Али забележала дека ајкулата ѝ ја гризнала ногата.
„Додека да се свестам што се случува, ајкулата ми го одгриза стапалото и дел од ногата. Крвавев многу. Викнавме за помош, но никој не нè слушна.
Па, со Софи веднаш донесовме одлука да пливаме до бродот кој беше на 60-тина метри од нас. Ајкулата нè бркаше“, раскажува Али.
Луѓето на бродот им помогнале да се качат, а бидејќи Софи само што завршила медицински факултет, знаела како да реагира, па веднаш ѝ ја стегнала ногата за да го запре крвавењето.
„Многу често мислам на тој момент. И таа беше нападната од ајкула, но ме гледаше како крвавам, па веднаш делуваше. Софи беше херој. Ми го спаси животот“.
Али веднаш била пренесена на брегот, па во болница на Туркс и Кајкос каде што поминала неколку часа што ги опишува како „многу долги и болни“.
Оттаму, со хеликоптер ја пренеле во болница во Мајами каде што ѝ направиле итна операција. Неколку денови подоцна, ја однеле во Њујорк за уште една операција.
На нејзиниот 23-ти роденден, лекарите донеле одлука дека ќе треба да ѝ ја ампутираат ногата.
