Лудиот атентат на братот на Ким Џонг Ун: Жени го намачкале со отров, без да знаат дека се најмени за убиство
Сепак, Ким Џонг Ун веројатно не се откажал бидејќи се претпоставува дека тој е одговорен за убиството на неговиот полубрат, иако Северна Кореја негира каква било поврзаност.
Ким Џонг Нам бил убиен на 13-ти февруари 2017 година, на Меѓународниот аеродром во Куала Лумпур, Малезија.
Две жени му се приближиле на аеродромот, му намачкале нешто на лицето избегале. Ким Џонг Нам веднаш побарал помош кај вработен на аеродромот, споделувајќи дека некој му ставил некаква сусптанца на лицето.
Но, додека да го однесат до клиниката на аеродромот, состојбата почнала драстично да му се влошува.
Ким починал 20-тина минути подоцна, додека го носеле кон болница.
Очекувано, атентатот брзо привлече внимание, особено бидејќи целиот настан бил снимен и со безбедносните камери на аеродромот.
Набрзо потоа се дозна дека Ким Џонг Нам бил намачкан со нервниот агенс VX – хемиско оружје кое од 1993 година е забрането за употреба.
Во Малезија веднаш почнала истрага и по само неколку денови, двете жени одговорни за нападот биле уапсени.
И, овде приказната станува уште почудна.
Жените кои го убиле Ким Џон Нам биле Сити Аисја од Индонезија и Доан Ти Хуонг од Виетнам.
Двете изјавиле дека воопшто не знаеле кој е Ким Џонг Нам, ниту, пак, дека на лицето ќе му стават токсична супстанца.
Според нивните сведоштва, со месеци пред убиството, жените бил најмени за да снимаат „пренк“ видеа за јапонско Јутјуб шоу.
„Пренковите“, односно шегите се состоеле од тоа што на луѓе на улица им мачкале крем или нешто слично на лицето, а потоа бегале.
Но, со ова, жените всушност биле тренирани за моментот кога ќе треба да се соочат со Ким Џонг Нам.
Мажите што ги најмиле им го организирале превозот до Малезија и тие биле уверени дека инцидентот на аеродромот е само уште еден скеч за шоуто.
Кратко по убиството, пак, неколку лица од Северна Кореја побегнале од Малезија, па одовде сомнежите дека зад атентатот сепак стоел полубратот на Ким Џонг Нам, односно лидерот на Северна Кореја.
Околу еден месец по атентатот, Сити Аисја од Индонезија била ослободена од обвиненијата.
На другата жена, Виетнамката, ѝ бил побуден договор – да признае вина и да прифати пониска казна, наместо да биде погубена за убиство.
Таа се согласила и добила три години зад решетки, но беше ослободена порано, по околу една година.
На прашањето како двете жени самите не умреле од опасниот агенс, одговорот е дека брзо испарува штом ќе се изложи на воздух, а и тие на себе имале мало количество.
Исто така, може да се спречи неговото штетно влијание ако се измие во рок од 15-тина минути.
Очекувано, атентатот беше причина за тензии помеѓу Северна Кореја и Малезија и ситуацијата ескалира со тоа што двете земји ги избркаа амбасадорите.
Сепак, оттогаш ситуацијата е малку подобрена меѓу нив, но Северна Кореја уште стои на ставот дека никаков удел во смртта на Ким Џон Нам.
Спирова С. | Црнобело