Имаат по 90 сантиметри, се во домот им е минијатурно: Како изгледа животот на најнискиот пар во светот?
Пауло и Катисија од Бразил се прогласени за најнискиот пар во светот, а во среќен брак се уште од 2016 година. Неодамна тие покажаа како изгледа нивниот дом кој е приспособен на нивните потреби – во канцеларијата имаат мало детско биро со мало столче, додека сите елементи во кујната им се поставени ниско за да можат да ги достигнат.

Пауло Габриел да Силва Барос и Катисија Лие Хошино од Бразил го држат Гинисовиот рекорд за најнискиот пар во светот.
40-годишниот Пауло и 36-годишната Катисија стапија во брак во 2016-та, а тогаш влегоа и во Гинис.
И двајцата се високи околу 90 сантиметри, а според Гинис, заедно имаат вкупно 1,8 метри.
Тие се запознале онлајн во 2006 година и оттогаш се неразделни.
„Можеби сме ниски, но имаме големи срца и многу љубов еден за друг како и за сите во нашите животи.
Нашите животи не се без предизвици, но среќни сме што ги надминуваме заедно“, има изјавено вљубениот пар.
Пабло има откриено дека се вљубил во саканата од мигот кога првпат ја видел, додека Катисија вели дека саканиот ѝ е прв дечко и прва љубов.
Што се однесува до предизвиците со коишто се соочуваат, еден од најголемите проблеми за парот било нивното нормално функционирање во нивниот дом.
Бидејќи и двајцата се со џуџест раст, воопшто не им е лесно да живеат опкружени со мебел и уреди дизајнирани за луѓе со просечна висина.
Па, тие направиле драстични промени, а неодамна ги отворија и вратите од нивниот дом за јавноста.
Тие живеат во куќа во Сао Паоло каде што скоро целиот мебел е направен според нивната висина.
„Сите кваки на вратите се поставени пониско. Ги спуштивме и прекинувачите за светлото“, открива парот.
Наместо шкафчиња со вратнички, во кујната тие имаат ниски фиоки во кои ги чуваат садовите, приборот и сите потребни предмети.
„Сè во кујната е ниско. Главно имаме фиоки, па кога ќе ги отвориме, имаме пристап до сè во нив“.
Кујнските апарати им се наредени на ниска работна маса, имаат и плиток мијалник со голема чешма, за што Пауло вели дека му е омилен детаљ од кујната.