Кумановец за тешката преселба во Норвешка: „Кога дојдов, немав пари за кревет, спиев со јакна под глава, но успеав со пот“
„Веќе еднаш зборував за животот во Норвешка во интервју за CRNOBELO.com, но се соочив со коментари полни со омраза. Јас за животот тука зборувам од искуство, не од муабет низ маало. Сум бил на дното – буквално. Сум почнал од нула, без врски, без познанства. И не сум плачел. Не сум барал да ме жалат. Сум станал и сум се изградил сам...“, вели Милош Младеновски (32) од Куманово.

Милош Младеновски (32) од Куманово, дизајнер (UX/UI ) по професија , веќе 7 години Норвешка ја нарекува свој дом.
Тој живее во Осло и вели дека иако почетокот бил тежок, оваа држава му дала многу можности и успеал да напредува низ годините, но и да се навикне на ритамот на животот таму.
Милош во интервју за CRNOBELO.com зборуваше за животот таму, но откако се соочил со низа критики дека не ја дава реалната слика за животот во туѓина, поточно во Норвешка, тој споделува уште детали за животот таму.
Прочитајте и Милош Младеновски: „Растев во сиромаштија во Куманово, татко ми работеше во Авганистан, морав да купам карта во еден правец за Норвешка“
Искуството од Норвешка на Милош:
„Веќе еднаш зборував за животот во Норвешка во интервју за CRNOBELO.com, но се соочив со коментари полни со омраза.
Луѓе мудрувале од удобноста на својата фотелја, но јас тоа го земам како потврда дека сум на вистинскиот пат.

Јас за животот тука зборувам од искуство, не од муабет низ маало.
Сум бил на дното – буквално.
Кога дојдов во Берген, немав пари за кревет, спиев со јакна под глава. Немав кој да ми помогне.
Сум почнал од нула, без врски, без познанства. И не сум плачел. Не сум барал да ме жалат. Сум станал и сум се изградил сам.
Тоа е разликата меѓу мене и 90% од тие што плукаат по секој којшто отишол да работи и да се труди во странство.

Некои велат: „Ех, таму во Норвешка робувате, паштети јадете …“ – чисти глупости. Тоа го зборуваат луѓе што никогаш не излегле надвор од своето родно место.
Реалноста е друга: кај мене во фирмата со договор е забрането да се работи прекувремено.
Работно време е 7.5 часа, 30 минути одмор. На други места ако работиш после 18:30 – ти плаќаат +40% од сатнината.
После 21:00? Дупло. Значи ако земаш 30 евра на час, после 21:00 тоа се 60 евра. Тоа е систем. Тоа е вреднување на трудот.
Сите тие што фрлаат омраза се луѓе што никогаш не ја напуштиле својата комфорт зона. Луѓе што немаат храброст да ризикуваат.
Лесно е да кажуваш глупости додека седиш на кауч со пиво во рака. Тешко е да отидеш сам во непозната држава, без јазик, без врски, и да изградиш живот, да достигнеш некоја цел. Тоа е машки потег. Тоа е сила.

Да ве прашам нешто: мислите дека во 2010 ми беше луксуз да вадам бугарски пасош?
Со 250 евра плата да платам 2000 за него? Мислите дека е лесно да ја оставиш фамилијата, пријателите, сè познато и да одиш со билет во еден правец?
Не е лесно. Тоа е најтешката одлука што можеш да ја направиш. Ама тоа е цената за слободата и успехот.
И пак ќе ви кажам: успехот не е крајната дестинација. Успех е секој ден кога правиш чекор напред.
Ако ти седиш и пишуваш коментари полни со омраза, го губиш времето на глупости, ти одиш назад додека времето оди напред. Тоа е разликата.

Македонија vs. Норвешка – реалност, не приказни
Во Македонија, политичарите се тепаат кој ќе лапне повеќе, а народот се тепа кој ќе биде по-љубоморен на соседот.
Секој гледа кој колку успеал, и сите спремни за омаловажување. Еден на друг си ги вадиме очите. И после ќе ми кажувате: „Зошто младите бегаат?“ Па, еве ви зошто.
Во Норвешка? Тука системот функционира. Се развиваат како луди.
Открија фосфат вреден 24 трилиони долари. Ќе бидат уште побогати.
И пак, имаат проблеми, нормално – нема совршена држава.
Ама барем тука, ако имаш право на бенефиции, државата ќе те научи како да ги земеш.
Норвешка плаќа курсеви за странци како да си ги земат парите што им следуваат бидејќи не смеат да ги држат во фонд или да ги вратат назад. Кај нас? Сите знаеме каде завршуваат тие пари – во џеб на „газдите“ и „политичарите“.