Нека биде подобар човек од мене

Нека биде подобар, понежен, нека те љуби побавно, нека те гушка посилно. Нека биде од мене подобар човек. Повеќе внимание нека ти подарува, поубави букети нека ти нижи од своите рајски градини. Ноќите нека ти ги посветува, деновите нека ти ги разубавува. Подобар нека ти биде. Не бидејќи навистина е. Туку бидејќи јас не бев.

neka-bide-podobar-covek-od-mene-01.jpg

Нека ти го надокнадува сето она што јас го пропуштив. Ќе биде нежен, ќе биде внимателен, јас не се сомневам. Ќе ти го подари сето она што го заслужуваш. Единствена ќе му бидеш. Животот ќе го замени за тебе, среќата ќе ја потроши за твоите насмевки. Ќе ја купува твојата љубов со празни дланки пополнувајќи ги празнините меѓу твоите прсти.

Не грижи се. Тој нема да биде како мене. Тој нема да те повреди. Нема да те замени. За него ќе бидеш незаменлива.

Труди се драга околу него. Труди се така како што за мене залудно се трудеше. Ќе ти се исплати овој пат. Стискај ја посилно неговата дланка додека поминуваш пред мене. Од инат, ако од ништо друго. Од гордост, ако не од љубов. Прави го да се чувствува како да е најсакан на овој свет.

neka-bide-podobar-covek-od-mene-02.jpg

Тој нема да биде како мене. Тој нема да ја изгуби девојката која сè би дала за да го има покрај неа. Тој ќе знае што има кога те има тебе. Ќе знае како да те бакнува, ќе знае како да те претставува. Тој ќе се гордее со тебе, нема да те крие. Ќе те цени и почитува. Тој ќе го направи сето она што јас за тебе не го направив.

Должен ќе му бидам. Живот ќе му должам. Ќе те насмее за сто животи. Никогаш нема да те изневери. Ќе ти ги бриши солзите дури и тогаш кога сеќавањата плачат за мене. Тој ќе биде полн со љубов и разбирање.

И не, нема да биде посебен, туку ти ќе бидеш посебна за него.

Нека црта насмевки на лицето на кое јас цртав солзи. Машкоста моја никогаш нема да признае, ама го мразам тој човек. Го мразам тој кој е подобар зашто јас сум лош. Ама нека биде тој човекот на твојот живот. Нека биде само твој. Биди само негова. Ако можеш и срцето подари му го, ако сè уште во него не се заглавени сеќавањата на мене.

Премолчи ме мене. Избриши ме мене. Нека ти биде тој вреден бидејќи јас ни пет пари не вредев. Сè нека ти биде што јас не бев. Ама нека се плаши..Нека стравува.

 Проклет да е, тој никогаш нема да те сака толку колку што те сакам јас. Нема да ти биде тоа што ти бев јас. Никогаш!

И кога навечер легнуваш покрај него и во сон моето име го изустуваш, нека те гушка. Нека те гушка толку силно за да може да го скрши твоето минато.

Автор: Кристина Цонкинска

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg