Од дневникот на една Македонка: „Ќе ви кажам што сè ме научи татко ми, ги запишував неговите мудрости“

Велат децата се како сунѓери. Впиваат сè што ќе им кажеш, иако некои работи во моментот кога ги слушнале им немаат смисла и само ќе го повторат нештото онака како што го слушнале. Среќа, па јас откако научив да поврзувам букви и реченици почнав да забележувам сè што ќе слушнев во мали импровизирани дневници.

chovekot-ne-treba-da-e-sovrshen-za-da-funkcionira-treba-samo-da-e-srekjen-od-zhivotnite-mudrosti-na-mojot-tatko-01.jpg

Најчесто пишував врз тетратките за рецепти на мојата мајка или телефонскиот именик на мојата баба.

Јас и мојот татко поминувавме многу време заедно кога бев дете. Тој многу сакаше да зборува, а јас да слушам. И сè што ќе слушнев од него, а во тоа време ми немаше смисла, го забележував мислејќи дека кога ќе пораснам и ќе бидам паметна ќе разберам што сака да ми каже. Не знаејќи дека во тој момент можеби татко ми ме учи на најважните животни лекции.

Пред извесно време ги пронајдов старите тетратки врз кои освен рецепти за кокосовки и бајадера, имаше и мои записи. И како да ми дојдоа записите од моето детство во животот токму кога ми беа потребни.

13.05.2004

Денес, јас и мојот татко решивме да купиме автомобил. Разгледуваме огласи и јас цело време дофрлувам како едниот е изгребан од десната страна, на другиот му е малку избледена бојата, третиот пак многу ми се допаѓа затоа што е темносин …

„Остави ти изгледот, тоа лесно се средува. Важно е моторот да е здрав“ – ми одговори татко ми.

„Така да ги бираш и луѓето, татич. Како и автомобилите. По моторот, а не по каросеријата. По срцето, а не по она што го гледаш на прв поглед.“

07.10.2006

Татко ми секое утро ѝ вари кафе на мојата мајка и ѝ остава две бисквити покрај филџанот. Вчера си се налутија многу еден на друг. Мојата мајка беше виновна. Не разговараа цел ден. Утринава татко ми повторно и свари кафе и ѝ остави бисквити на масата.

„Не си ѝ веќе лут?“ – го прашав.

„Многу сум ѝ сум лут, сè уште“ – ми врати.

„Па зошто ѝ вариш кафе?“ – го прашав повторно.

„Затоа што лутината и љубовта се две различни работи. Немој да ги мешаш ако сакаш оваа втората да потрае“ – ми одговори.

05.09.2009

Татко ми е еден од најдобрите, чесни луѓе на овој свет. Баш е „добрица“. Вредна, ненаметлива личност што си ја гледа само својата работа.

Денес до нас допре една невистина. Лага што еден негов пријател ја зборувал наоколу. Јас полудев, станав гневна, бесна, мислам дека можев шлаканица да му удрам на тој човек. А татко ми остана мирен како недопрен.

„Зар не си лут, тато?“ – го прашав.

„Ќе ти раскажам една приказна за еден цар и тројца сина…“ – ми рече.

„Си бил еден цар кој имал тројца сина. Пред да почине го поделил царството на три дела и им го подарил да продолжат да царуваат со него.

Првиот син на тоа рекол: ’Многу му сум благодарен на татко ми. Да не беше тој ќе бев ништо, ќе бев на улица, не би знаел од каде да почнам.‘

Вториот син рекол: ’Па и не направи бог знае што. Само ми го препиша она што ми следува.‘

Третиот син рекол: ’Што се замислува тој? Дека е цар и сега ќе нè поткупува? Тој мисли јас не можам сам да изградам империја? Хм! Само сака да се пофали дека без него ништо не би можеле … ‘

Виолета, тоа што другите ќе го помислат, речат или направат не зависи од тебе. Дури и да си најдобра на светот, некогаш – некаде – некому ќе му пречи и тоа. Замисли колкав товар од грбот си симнуваш во моментот кога престануваш да грижиш што ќе помислат или речат другите за тебе?“ – ми рече на крајот и се насмевна.

10.01.2012

„Татоооо, зошто носот ми е ваков? Зар не може да биде мал, совршен?“ – му се пожалив денес.

„Татич, луѓето треба да се среќни, а работите совршени. Кројката треба да е совршена за да се сошие фустанот, шрафовите да се совршено завртени за да е стабилен ормарот, температурата на рерната треба да е совршена за да се испече лебот… ама не и човекот. Човекот не треба да е совршен за да функционира, треба само да е среќен.“

18.02.2015

„Леле колку сум била глупава тато!“ – му реков денес на татко ми, со тажно, скиселено лице.

„Тоа е супер!“ – одговори тој.

„Прво, штом од оваа гледна точка себеси во минатото се гледаш како глупава значи дека си ја научила лекцијата и таа те направила ова што си денес, паметна.

Сите паметни некогаш биле глупави. И второ, самокритичноста е знак на интелигенција кај луѓето и на работа на себе. Зарем тоа не е причина за радост и насмевка?

Речи си го тоа со насмевка, а не со тежина: ’Леле колку сум била глупава!‘ – Веднаш звучи поразлично нели?“ – ми рече и се насмевна.

20.12.2018

Долго време го молев татко ми да ми ги даде клучевите од автомобилот, за да го повозам. Последниот пат кога секако ме одби, настана кавга и многу му се налутив. Толку многу што не зборувавме 7 дена.

И кога и да седевме во иста просторија јас бев толку гневна и намуртена што да ме допреше некој ќе се изгореше. Испуштав искри од лутина.

И на крај во цел тој бес, кришум додека тој беше на работа му ги украдов клучевите и гордо свртив круг околу градот.

Татко ми секако дозна и тој се налути овојпат. Остана истата тишина меѓу нас само што овојпат лутината беше во спротивна насока.

Се чувствував како цел мој товар што го носев да му го префрлив нему. Неговото лице беше стуткано и мрачно како моето пред неколку денови. А јас се чувствував некако ослободена, лесна, полесно дишев.

Му простив, ми помина.

Сфатив, дека единствениот човек кому му влијае лутината е на самиот себе. Те полни со негативни емоции. И колку повеќе трае, толку покомотно ѝ е и ќе ти тежи на градите додека не ја тргнеш.

Лутината не е начин да му покажеш на другиот дека згрешил, ниту пак е пат кон решавање на проблемот. Разговорот е. Тоа го научив.

09.08.2021

Разговаравме со мојот татко за еден „тазе“ млад брачен пар.

Па, да … Логично беше тие двајца да завршат заедно“ – му реков јас.

Татко ми се насмевна.

„Во љубовта и во коцката никогаш не се игра на логика, се игра на среќа“ – ми врати и ја погледна мајка ми.

Мудар е овој мој татко нели?

Прав Сократ.

Автор: Виолета Пашовска/ фото: freepik.com

Доколку сакате да ни раскажете некој сегмент од вашето секојдневие, да споделите животен предизвик или радост, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

Исповед на млада скопјанка: „Другарките ме заменија со нова девојка со 1.000 следбеници на Инстаграм... Jас лежерно во домашна атмосфера, отварам Инста и вечерно стори од нив три,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg