Дора Попова: Кога некој ви вели дека само еднаш љубел - ве лаже

„Љубовта може да се случи безброј пати. Кога некој ви вели дека само еднаш љубел, ве лаже. Тој човек всушност, не љубел ниту еднаш, туку само се фиксирал за некоја личност“, изјавува Дора Попова, автор на романот „Превртена љубов“.

dora popova kolku covekot poveke se zapoznava sebesi tolku povekje moze da gi razbere i da gi pocuvstvuva drugite 1

Многумина ве знаат како психолог, социотерапевт и писател. Сопственичка на Центар за применета психологија „Дора“, и она на што бевте посветени во изминатиот период беше „Мотивационата работилница за развој на креативноста“. Преку кои методи и постапки се потрудивте да ја разбудите креативноста кај учесниците?

Работилницата се случи на 10.02. Таа беше моја прва самостојна работилница и за мене беше прекрасно искуство, а и за мојата публика од која добив позитивен фидбек.

Работилницата беше во форма на интерактивно предавање кое траеше три часа со повремени вежби, креирани од мене лично и кои верувам дека ги поттикнаа учесниците да размислуваат надвор од кутијата, иако морам да признаам дека повеќето од присутните слушатели, се вистински креативци во нивните животи.

Инаку за развој на креативноста на ниво на ум постојат многу техники и методи, но вистинската креативност не доаѓа од умот, туку од срцето. Процесот на креативноста е многу позитивен, здрав и адаптибилен за личноста од секој аспект во животот и не е само врзан за нејзината професија или работа, како што најчесто се сфаќа.

Преку креативноста, човекот добива можност на прифатлив начин да ги изрази оние емоции што во себе му се потиснати како социјално непожелни и неприфатливи. Сепак таквата креативност е експресивна и е повеќе како терапија, додека креативноста од повисоко ниво со себе носи и далеку повисока свесност, па затоа и процесот е посложен.   

dora popova kolku covekot poveke se zapoznava sebesi tolku povekje moze da gi razbere i da gi pocuvstvuva drugite 5

Свесни сме дека голем број на луѓе ја потиснуваат креативноста и се предаваат на друг вид минливи задоволства. Колку е важно човекот да внесе креативност во своето постоење?

Целосно се согласувам дека луѓето многу повеќе се склони кон “ниски страсти“ отколку кон творештво и создавање. Меѓутоа, таква е природата на човечкиот ум и тука нема ништо невообичаено. Минливите задоволства како што ги нарековте, се лесни за консумирање, тие се еден вид на “брза храна“ за егото кое постојано има потреба да биде сито, а кое за жал брзо се изгладнува.

За вистинската креативност да се оствари, потребно е богатство во духот и способност за љубов. Работата на себе е неминовен процес доколку личноста сака да ја развива креативноста, која е од клучно значење за квалитетен живот, бидејќи низ работата на себе, таа осознава со што ја блокира својата креативност.

Инаку таа го олеснува животот, пронаоѓа безброј перспективи и внесува смеа и хумор во сите активности кои човекот ги изведува во своето секојдневие. Таа е уживање самата по себе и кога човекот би успеал да му верува многу повеќе на своето креативно дете, наместо на сомнежот, алчноста, стравот и лутината, мислам дека светот би бил многу поубаво место за живеење, од тоа што е сега.     

dora popova kolku covekot poveke se zapoznava sebesi tolku povekje moze da gi razbere i da gi pocuvstvuva drugite 6

Колку младите во Македонија се свесни за своите способности и се предаваат на креативен чин?

Искрено, не сум го истражувала ова прашање нешто особено, но мислам дека сè уште недостасува храброст и поголема самодоверба. Живееме во општество во коешто луѓето имаат колективна навика да размислуваат песимистички, а песимизмот ја убива креативноста во целост.

Пред некој ден прочитав резултати од една анкета каде што младите навеле дека повеќе преферираат да работат административна, државна работа и да “играат на сигурно“, отколку да отворат свој сопствен бизнис, бидејќи не гледаат просперитет од тоа во земја како нашата.

Не дека човек не може да биде креативен и во тој избор на работа, напротив, сметам дека во нашите државни институции веќе редно време е нешто да почне да се менува и да се внесе поголема ведрина и креативност  со цел луѓето да бидат повеќе продуктивни, бидејќи сепак се на јавни функции, а со тоа имаат одговорност кон граѓаните.

Меѓутоа за жал во заднина на таквиот избор стои апатичната поговорка ,,клати врата, земи плата“. Луѓето не се навикнати на трпение, на давање и на вложување. Секој се надева да добие нешто инстант и гратис.

Вистинската љубов ја раѓа креативноста, а таа е секогаш бавна и релаксирана. Не се ни занимава нешто многу со добивката, но исправно и чесно го наплаќа тоа што го заслужила.

Една наша позната поетеса еднаш ми рече: За убавите работи да се случат е потребно време. Цветот кој брзо процветува, брзо и овенува. Ова е една од поубавите реченици што сум ги слушнала во последно време и мислам дека вреди да се запомни.

dora popova kolku covekot poveke se zapoznava sebesi tolku povekje moze da gi razbere i da gi pocuvstvuva drugite 4

Би сакал да се навратам и на вашиот роман „Превртена љубов“, кој беше издаден минатата година во издание на „Матица македонска“. Колку вашето патување во Америка преку програмата work & travel ви помогна да ја создадете приказната или барем делумно да се инспирирате за неа?

Секоја земја на светот е ветена за оној што знае како да го живее животот, но јас сметам дека Америка со право го задржува приматот на овој епитет. Ми се чини дека таму човек и ништо да не прави, пак ќе го дише адреналинот од воздухот кој на крај сигурно ќе го натера нешто да прави. И мислам дека токму тој адреналин ја создаде мојата приказна за бурниот живот на Лорена, иако по некое време ја истошти целосно.

Во Америка бев само еднаш, и тоа како студентка, додека повеќето мои врсници и познаници беа уште најмалку трипати (некои дури и останаа). Но од тој прв пат, навистина се инспирирав, па се разбира дека дел од настаните во романот се вистинити, како на пример тоа дека работев во продавница за чоколади и луксузна продавница за накит.

Вистинити се и конфликтите кои ги имав со моите шефови, а најпосле и чувствата кои се изразени. Но, вртоглавите љубовни авантури на Лорена се само зачин во приказната за да ја доловат поентата за тоа колку човек (во случајов жена) може да биде мазохистичен/на, да оди против себе и да се изживува врз самиот/та себе (а со тоа и врз другите), само за да ги задоволи каприците на својот ум, кои немаат никаква врска со автентичните потреби на личноста.        

dora popova kolku covekot poveke se zapoznava sebesi tolku povekje moze da gi razbere i da gi pocuvstvuva drugite 3

Освен што имате една модерна и возбудлива приказна што ги привлекува читателите, голем дел од книгата е посветена на внатрешната состојба на ликовите. Како успеавте да ги пренесете сите тие емоции кои ликовите ги направија живи?

Па, на крајот на краиштата, тоа е уметноста на мојата професија и работа, зарем не? Секогаш кога пишувам уживам многу повеќе во психологизацијата на ликовите, отколку во самото дејство.

Еднаш добив критика дека пишувам многу транспарентно и дека на читателот му сервирам сè на тацна, но јас ја сакам таквата отвореност, иако затскриеноста може да биде повозбудлива, бидејќи остава простор за разни толкувања и размили.

Кај отвореноста не постои таа опција. Во тој случај вистината е една и е таква каква што е. На тој начин на читателот му е лесно да се идентификува со главниот лик и да стапи во контакт со оние делови од себе кои не знаел како да ги изрази, или кои не ги допрел никогаш. Инаку мотивот го црпам од внатрешните конфликти и неврози на личноста, бидејќи во тоа триење лежи потенцијалот за трансформација, растење и за развој на креативноста.

Мојот учител вели дека секое зло е неосвестено добро. Гневот е превртена љубов. Кога сè би било во ред, не би постоеле интересните мотивациони приказни за луѓето кои доживеале неверојатни промени. А, за да ги оживеам моите ликови, свесно го употребив моето какво-такво себеспознание и општо знаењето од психологијата. Велам “какво-такво“ бидејќи сè уште сум светлосни години далеку од некакво просветление.

Колку подлабоко влегувам во себе, сфаќам дека знам многу малку. Но, колку човек повеќе се запознава себеси, толку повеќе може да ги разбере и да ги почувствува другите луѓе. Затоа има една поговорка која вели: Се што е човечко, не ми е страно.

И за крај, дали љубовта може да се случи двапати?

Љубовта може да се случи безброј пати. Кога некој ви вели дека само еднаш љубел, ве лаже. Тој човек всушност, не љубел ниту еднаш, туку само се фиксирал за некоја личност.

Таква е и приказната за мојата Лорена. Таа не сака никој. Се храни од минливите задоволства и страсти на егото и затоа нејзината љубов е едноставно превртена.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Миро Кацаров за љубовта со Ивана: „Ни се случи љубов на прв поглед, по неколку месеци веќе почнавме ... „Ивана знае дека јас сум блесав и будала на свој начин, па не беше шокирана од з...
Елена Ристеска: „Има многу злоба меѓу народот, се штитам така што никој не знае каде сум и што права... „Почесто плачам од радост, отколку од тага. Емотивна сум за блиски луѓе, за...
Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Ламбе Алабаковски: „Во Бигорски си го наоѓам мирот, со Врчак сакаме да снимиме нов дует“ „Магдалена е многу добра мајка и сопруга. Таа во 2000 година со семејството се п...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg