7 ситуации кога работата ви го краде здравјето и полека ве убива

„Како ти е на работа?“ - Стресно, одговараш. Со еден збор ја објаснуваш целата ситуација.

7-situacii-koga-rabotata-vi-go-krade-zdravjeto-i-poleka-ve-ubiva-01.jpg

Некои велат дека работиш за да живееш, друг пак дека живееш за да работиш. Одреден број среќници кои ја пронашле идеалната работа тврдат дека кога го работиш она што го сакаш не го чувствуваш како работа, туку повеќе претставува задоволство, со бонус плата.

Но, побројни се оние на кои работата дефинитивно не им претставува никакво задоволство. Всушност, да не се парите, не би помислиле ниту во сон да појдат кон нивното работно место.

Стресот е нормален составен дел од пакетот наречен работа. Тој е присутен дури и доколку ја работите професијата од соништата.

Истражувањата покажале дека шансите да го завршите животот порано изнесуваат дури 34% доколку имате стресна професија.

Работниот стрес може да ви го отежни пред сé менталното здравје, но и општата психо-физичка состојба. Она што долго време го нагризува умот на крајот ќе се рефлектира и врз телото.

Ова се најчестите 7 ситуации во кои може да се најдете додека работата полека ве цеди и ви го краде здравјето:

Експлоатиран „р’мбач“

Ефективни 8 работни часа + уште неколку кога останувате после работното време или носите работа дома. Постојано сте зафатени, немате време да зборувате на телефон ни со најблиските доколку има нешто итно. Ручекот пред компјутер ви стана најнормално нешто.

Помеѓу 3 залаци успевате некако да проверите што тековно се случува во светот, додека обврските се трупаат. Најчесто не успевате да го завршите ручекот и редовно го фрлате остатокот.

Одвај наоѓате време за во тоалет. Други луѓе постојано ви го кројат распоредот. Не ги бирате задачите, ниту проектите од кои сте дел – тие ве бираат вас.

Тринаесетто прасе

Немате ниту еден пријател на работното место или барем колега од доверба. Се чувствувате како исфрлени на пуст остров. Немате помош од никого, не можете да се потпрете на никого.

Заробени сте помеѓу глутница хиени кои се интересираат само за својот напредок и газат врз сите околу нив да ја постигнат зацртаната цел.

Секогаш последни дознавате за сé што се случува во компанијата – од работни задолженија до приватни излегувања и прослави надвор од работното време.

Чергиче за бришење нозе

Вашата професија вклучува секојдневна комуникација со многу луѓе, било лице в лице или преку телефон. Како и да е, изгледа дека некој ја скроил работата за да се чувствувате понижено, мизерно и несреќно, додека клиентите се неподносливи со својата ароганција, надмоќ и супериорност.

Ви доаѓа да пцуете и врескате кога повеќе не можете да издржите. Секој ден чашата ви се полни, а не знаете точно како би изреагирале кога ќе се прелее.

Моментот кога шефот вели дека „купувачот/клиентот е секогаш во право“ ви доаѓа да му удрите една добра шлаканица.

Роб на технологијата

Ви дадоа службен лаптоп, мобилен телефон, таблет, а тоа подразбира дека мора да сте достапни 24/7. Залудно се обидувате да објасните дека викендов сестра ви се мажи или сте надвор од државата. Тоа не доаѓа предвид. Штом сте го прифатиле службениот телефон, тоа подразбира дека сте роб на компанијата.

Да е несреќата поголема врвното раководство ве има и на Фејсбук и иако никој од нив не може да види што точно се случува на вашиот профил, во секој момент можат да ви пратат порака и таму.

Исцеден лимон

Толку сте физички и психички уморни што мислите дека ни 5 одмори по ред нема да ви бидат доволни да ги наполните батериите. Веројатно имате само 2-4 слободни денови во месецот или имате професија која подразбира задолжителна работа за време на викендите.

Чувствувате константен притисок, се „клукате“ со апчиња за смирување и витамини за повеќе енергија. Не паметите кога последен пат сте врзале 3 слободни денови и апсолутно немате поим што значи тоа продолжен викенд. На граница на лудило сте особено кога ќе се пожалите од работата, а за возврат ќе добиете чуден поглед од типот – Како можеш да се жалиш на работата во вакво време?!

Пикадо на ѕидот

Шефот си зема за право да ве навредува. Ви дава невозможни рокови само затоа што така му се сака. Постојано упатува невкусни коментари. Негодува кога барате слободни денови или одмор. Само вас ве истакнува кога ненамерно ќе задоцните и секогаш има некоја „бистра“ забелешка поврзана со вас кога ја кажува најгласно што може.

Однесувањето преминува во мобинг додека чувствувате дека носите мета на грбот. Вие сте како обесено пикадо на ѕидот, а стрелите кои ги упатуваат кон вас се злонамерни и отровни.

Жртва на системот

Скоро секој ќе се пронајде во оваа категорија. Шефот си има свои миленици, а вие не сте еден од нив. Одделот за човечки ресурси нема слух за вашите поплаки. Ве обвинуваат дека сте премногу чувствителни и си ги земате работите при срце или премногу сериозно.

Задолжително ве прескокнуваат кога доаѓа време за некое службено патување или пак унапредување. Барате мало покачување на платата во знак на добра волја и професионалност, добивате одговор дека во буџетот нема доволно финансии за тој потфат.

Следниот ден се вработуваат две нови лица. Се чувствувате беспомошно, вистинска жртва на системот.


Имате ли да додадете уште нешто? Дали и вие се соочувате со стрес на работното место и во која (или кои) категории припаѓате?

(O)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Дадов отказ за да ја работам работата од соништата и сега немам за сметки - дали сум лоша мајка?“ „Мене мојата работа ми ја грее душата, но имаме деца, кредит за стан, одговорнос...
Фрустрирани сте и не ви се работи, а отказот не е најдоброто решение? Совети како да бидете посреќни... Ако не сте задоволни со вашата работа, но не сте во позиција да си дадете отказ,...
Секс и врска со колега од работа – Кои се позитивните, а кои негативните страни? Еден ден, ако останете со скршено срце, тоа не смее да влијае врз вашето работењ...
Како најлесно да се справите со нарцисоидни шефови и колеги? Не ги игнорирајте. Восхитувајте се на тоа колку добро изгледаат или, пак, барем ...
4 знаци дека работното место негативно ви влијае на менталното здравје, низ илустрации Во недела не можете да се одморите затоа што следниот ден е понеделник, од секој...
Совети за вработени мајки: Како да направите баланс за да не „прегорите“? Немојте да чувствувате вина кога одите на работа и го оставате детето и задолжит...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg