Работа од дома – ДА или НЕ?

Последниве неколку години актуелни се freelance работниците кои не се врзани само со едно определно работно место или проект, ниту со типичен канцелариски простор или локација за работа. Тоа значи дека жонглираат повеќе „тезги“ истовремено и најчесто работат од дома.

Rabota-od-doma-da-ili-ne-01.jpg

Колку и да звучи интересно и возбудливо, како и секоја друга работа така и оваа на надворешен соработник или народски кажано – хонорарец, има предности и недостатоци.

Да се работи од дома или не, прашање е сега... да видиме кои се плусевите и минусите во врска со оваа тема:

Предности

Сами го креирате своето работно време

Тоа значи дека не мора да станувате рано по секоја цена доколку не сте ранобудник, односно да работите до доцните вечерни часови или обратно. Може да работите со часови без пауза или да направите 10 паузи, изборот е ваш сé додека работата е навреме завршена.


Нема утрински метеж

Хаотичен сообраќај, бучава, метеж. Луѓе кои се туркаат во вас, автомобили кои непрестајно свират, автобуси кои претекнуваат. Утрински хаос. Звучи одлично да се избегне сето ова, нели?


Нема задолжителен кодекс на облекување

Во превод – работите во пижами. Или во најстарата развлечена маица и долна облека. Уживате во слободата и комодитетот. Плус, заштедувате огромни суми на облека и чевли за на работа.


Никој не ви стои над глава

Вие и само вие ги креирате правилата според кои се однесувате додека работите од дома. Немате шеф кој ви „виси“ над главата секоја можна минутка или ви го мери времето за пауза.


Заштедувате многу пари

Веќе споменавме, штедите на облека и обувки, а слободно дополнете го списокот со бензин или месечна карта за слободно возење, храна и пијалаци.

Јадењето дома сепак не може да ве чини колку еден сендвич, пица или салати кои ги купувате надвор.

Доколку сте во брак или имате деца сте во предност

Овој тип на работа е особено корисен доколку имате семејство кое чека на вас. Може да завршите неколку дополнителни обврски дома доколку сте добро организирани, без да трошите време наваму-натаму.


Како и за секоја друга работа во животот, така и оваа има две страни на паричката.

Недостатоците

Немате самодисциплина

Да не се лажеме – потребна е огромна самодисциплина доколку работите од дома. Во спротивно, лесно може да го преспиете денот и да ја оставите работата за утредента... и за денот по него... итн.


Постојано се потпирате на самомотивација

Немате никој во блиското опкружување кој ве прашува до каде сте и како напредува работата. Впрочем, немате никој кој ве поттикнува или мотивира за успех, освен самите себе. А тоа понекогаш може да биде меч со две острици.


Немате колеги и колешки

Некој на ова воздивнува и врти со очите, а во себе си помислува: „Море камо да ги немав“. Но, не е секогаш така.

Понекогаш е добро да се има колеги, особено ако станува збор за интересни и квалитетни луѓе. Размената на енергија и идеи е непроценлива, а докажано е дека така станувате попродуктивни отколку кога работе целосно сами.


Не можете да избегате од канцеларијата

... бидејќи сте веќе во неа! Ова од една страна е благослов, а од друга проклетство. Може да се доведете во ситуација на клаустрофобичност во која чувствувате како целиот простор околу вас ве гуши и да почнете да си го мразите сопствениот дом само затоа што ви асоцира на работа.


Работодавачот не може да го процени целиот ваш труд

Едно е кога работодавачот ве има пред очи. Тогаш може да го види целиот ваш труд и ентузијазам кој го вложувате во работата и да извлече поинаков заклучок за вас.

Кога работите од дома тој пред него го има само финалниот резултат и никогаш нема да знае колку мака и труд сте вложиле во изработката.


Се преработувате

Ова е многу чест случај кај луѓето кои работат од дома. Дел од нив имаат грижа на совест дека не работат доволно бидејќи прават почесто паузи, па се обидуваат да надоместат.

Во тој случај буквално се забораваат и работат многу повеќе од регуларните 8 работни часа.

Во моментот кога ќе им дојде некоја идеа или ќе се сетат на нешто интересно, вообичаено веднаш седнуваат да го сработат, наместо другите кои ја запишуваат идејата и ја оставаат за утредента кога ќе дојдат на работа.


Неколку совети за оние кои работат од дома:

Како што можеме да забележиме, работата од дома како и секоја друга има свои предности и недостатоци. Оние кои ги искусиле двете ситуации тврдат дека само е потребна специјална самодисциплина кога се работи од дома.

Самодисциплина во маица и шорцеви, но сепак – дисциплина.

Она што треба да се запрашате е – дали овој тип на работа ми одговара на мене како личност и на мојот карактер? Дали сум поефективен и поуспешен кога работам од дома или обратно? И нормално – како заработувам повеќе?

Она што е важно да го запаметите е:

  • Редовно треба да се среќавате со работодавачите без разлика дали е тоа во физички канцелариски простор или на Скајп. Контактите со нив треба да се редовни.
  • Третирајте го просторот за работа како канцелариски простор, иако сте дома. Поставете си работно време. Обидете се да започнувате и завшрувате од прилика во точна временска рамка.
  • Однесувајте се како да сте на работа. Тоа подразбира да сте облечени колку што е можно попристојно и да правите пауза како што би правеле и кога би биле на нормално работно место.

Само на тој начин може да бидете реално продуктивни и успешни.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Дадов отказ за да ја работам работата од соништата и сега немам за сметки - дали сум лоша мајка?“ „Мене мојата работа ми ја грее душата, но имаме деца, кредит за стан, одговорнос...
Фрустрирани сте и не ви се работи, а отказот не е најдоброто решение? Совети како да бидете посреќни... Ако не сте задоволни со вашата работа, но не сте во позиција да си дадете отказ,...
Како најлесно да се справите со нарцисоидни шефови и колеги? Не ги игнорирајте. Восхитувајте се на тоа колку добро изгледаат или, пак, барем ...
Секс и врска со колега од работа – Кои се позитивните, а кои негативните страни? Еден ден, ако останете со скршено срце, тоа не смее да влијае врз вашето работењ...
Совети за вработени мајки: Како да направите баланс за да не „прегорите“? Немојте да чувствувате вина кога одите на работа и го оставате детето и задолжит...
Како да се справите со љубомората кон колегите на работа? Понекогаш, сè што треба е да погледнете на работите од поинаков агол. Наместо да...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg