Наш психолог за разводите во Македонија: „Мажите копнеат по ‘изумрен тип’ на жени, жените први бараат развод“
„Концептот за ПАТРИЈАРХАЛНАТА жена, која живее во функција на потребите на мажот, е речиси мртов, тоа се генерациите жени, кои се веќе во старост или пред изумирање. Современата жена бара да не лежиш пред ТВ кога ќе си дојдеш од работа и бара рамноправно учество во домаќинството како и таа“, вели психологот Дора Попова Узуновски.

Дора Попова Узуновски е психолог, гешталт терапевт и магистер на психолошки науки од областа на клиничката и советодавната психологија.
Таа на својот Фејсбук профил отворено говори на многу теми, а сега се фокусираше на темата зголемениот број на разводи како во Македонија, така и на глобално ниво.

Нејзината објава гласи:
„Работата со партнерските релации е дојдена до сериозна ескалација на глобално ниво. Не во Македонија, не на Балкан туку на глобално ниво.
Разговарам со колеги терапевти и психолози, и секаде е исто. Секој втор клиент или клиентка доаѓа со проблемов. Масовно е.
Многу е важно да разбереме дека архетипот на ПАТРИЈАРХАЛНАТА жена која живее во функција на потребите на мажот е речиси мртов и се наоѓа во МИНАТО СВРШЕНО ВРЕМЕ.

Последните остатоци од овој тип на жени кои се силно обожавани и преферирани од мажите се во генерациите жени, кои се веќе во старост или пред изумирање.
Тоа значи дека голем дел од мажите сè уште живеат во минатото и бесцелно го бараат идеалот на жртвата кој го гледале од нивните мајки во својата сопруга или девојка. Тоа е тешка фатаморгана.
И времето повеќе НАЗАД НЕ се враќа. Времето движи напред.
Иднината не предвидува место за ваков тип на жена. Жената повеќе не бара финансиски обезбедувач.
Бара посветеност, одговорност, да не лежиш пред ТВ кога ќе си дојдеш од работа, бара рамноправно учество во домаќинството како и таа.

