Како да познаете лош (или насилен) партнер уште во првите шест месеци од врската?
„Ако има навика да ве грабне за рака и да ве повлече силно кога сака да го следите, тоа е знак дека постои можност во иднина да стане насилен“.

На многумина им се случило да почнат врска со личност која на почетокот изгледала како совршен партнер, за по неколку месеци, а можеби и повеќе од една година, да почне да си покажува вистинското лице.
Навистина е тешко да процените некој на самиот почеток од врската, особено ако претходно не сте се познавале долго.
Притоа, кога се во прашање нарцисоидни личности, социопати, па и насилници, тие знаат како да манипулираат и да ве наведат да верувате дека се совршен партнер.
Па, дури откако врската ќе стане сериозна, ќе почнете да живеете заедно, а можеби и ќе стапите во брак, да покажат какви навистина се.
Некогаш личноста можеби нема некое од овие растројства, но сепак да е лош и себичен партнер на кој нема да можете да се потпрете за ништо.
За таа цел, неколку психолози и експерти за врски за BuzzFeed споделуваат кои се знаците што ги издаваат уште во првите шест месеци од врската.

На кои „црвени знаменца“ треба да обрнете внимание?
„Избегнување на одговорноста за донесувањето одлуки, и мали и големи – од тоа што да јадете денес, до секој поголем предизвик во неговите претходни и сегашни врски со другите луѓе“.
„Неможноста да си ги регулира емоциите. Клучно е да најдете партнер кој може да ги идентификува своите мисли и емоции, може да ги регулира, да ве ислуша и да даде одговор, наместо само да реагира“.
„Мали, суптилни обиди да ве контролира, како чудни коментари за вашите пријатели, за на крај да побара да престанете да се дружите со нив.
Чуден однос со парите, како никогаш да не ви дозволува да платите, дури и кога инсистирате или да ве тера само вие да плаќате.
Избувливо однесување, а веднаш потоа извинување. Сето ова се знаци дека по неколку месеци (или години) ќе проба да воспостави многу поголема контрола над вас“.

„Едно од најголемите ’црвени знаменца‘ е кога едниот партнер не се чувствува удобно да ги споделува своите проблеми, потреби или желби во врската.
Ако веќе сте шест месеци во врска, треба да се чувствувате безбедно од емоционална гледна точка“.
„Голем предупредувачки знак се лошите вештини за комуникација, како и немањето желба да се комуницира.
Ако, на пример, вие сте личноста која секогаш му се јавува на партнерот или вие мора да ги почнувате сериозните разговори, тоа не е добар знак“.
„Ако маж ’случајно‘ ја стави неговата рака на вашиот врат. На пример, стоите еден до друг, тој ве прегрнува и ја става дланката на вашиот врат. Ова е знак дека во иднина може да биде насилен.
Исто така и ако има навика да ве грабне за рака и да ве повлече кога сака да го следите. Ова е уште еден знак дека не ја почитува вашата телесна автономност и можно е да биде насилен“.

„Посесивност. На почетокот може да ви изгледа слатко што новиот партнер постојано ви се јавува и сака да минувате време заедно. Но, ова може да се претвори во целосна контрола.
Бидете внимателни и одбивајте кога имате други планови. Добриот партнер ќе го разбере ова и ќе ви даде простор“.
„Бомбардирање со љубов. Ви купува многу подароци, ви дава многу внимание, постојано ви дели комплименти… На почетокот може да изгледа убаво, но со ова пробува да ве заслепи за неговото вистинско лице.
Гледајте го ова како ’груминг‘ на возрасна личност. Ако нешто ви изгледа премногу добро за да биде вистинито, можеби сте во право“.
„Обрнете внимание на тоа како почнала вашата врска. Ако партнерот го изневерил поранешниот партнер со вас, можно е и вас да ви биде неверен“.
„Ако не е достапен често. На пример, ако можете да го видите само во вторник и петок, тогаш можеби има и друга врска.
Истото важи и ако неговото семејство не се зближува со вас и ако тој го исклучува телефонот кога сте заедно“.
Спирова С. | Црнобело
