Модни лекции од Џеки Кенеди и клучни стилски парчиња – жената која не следеше трендови, туку ги создаваше
Покажи го малку вратот и клучната коска, со вкус. Кога се двоумите комбинирајте црна и бела но со стил. Не се плаши да пробаш силни бои како оние по кои таа ќе биде запаметена. Модни лекции од кралицата на софистицираниот стил – Џеки Кенеди + кои беа нејзините клучни модни парчиња?

Модни лекции од Џеки Кенеди и клучни стилски парчиња – жената која не следеше трендови, туку ги создаваше
Џеки Кенеди, освен што беше позната како прва дама на САД во времето на сопругот Џек Кенеди, таа засекогаш ќе биде запамтена и како модна икона.
Џеки важеше за симбол на елеганција, софистицираност и ненаметлива префинетост, дама која никогаш не следеше трендови, туку самата ги создаваше.
Таа негуваше безвременски елегантен стил, комбинирајќи класични кроеви со модерни детали, кои беа нејзин личен печат.
Нејзиниот стил ден-денес е инспирација за многу дами ширум светот, кои ги следат нејзините модни правила и научиле лекции за стил од неа.
Нејзините модни изданија дефинираа една ера и оставија неизбришива трага во историјата на модата.
Но, вистината е дека освен што бирале соодветни аутфити за секоја пригода, тајната лежеше и во тоа што таа секогаш ја носеше облеката со доза на самодоверба и став кој не поминува незабележано.
Клучни елементи во нејзиниот стил и модни парчиња кои ја дефинираа:
Костими со здолништа и фустани со А крој
Овие модни парчиња беа составен дел од нејзината гардероба, одлично прилегаа на нејзиното тело, а делуваа женствено и одмерено соодветно на пригодите.
Шешири
Џеки ги популаризираше рамните шешири кои станаа нејзин заштитен знак и задолжителен моден додаток речиси за секоја формална комбинација.
Големи очила за сонце
Освен што одлично се вклопуваа во нејзиниот моден стил, таа ги користеше големите и темни очила за сонце и како штит од папараците.
Бисерни ланчиња и бели ракавици
Бисерните ланчиња во неколку слоева беа нејзин омилен моден додаток, а на формалните настани ретко се појавуваше без елегантните бели ракавици, кои додаваа доза на холивудски гламур, но и безвременска софистицираност.
Облека во силни бои
Иако претежно се држеше до неутрални тонови, сепак таа не се плашеше од силни бои како црвена, жолта или розова, независно дали станува збор за костим или за лежерен фустан.
Неколку модни правила по кои таа се водеше, а може да ви бидат стилска лекција:
1. Покажи го малку вратот и клучната коска – таа секогаш го правеше тоа со вкус, носејќи фустани со спуштени раменици.
2. Не се плаши да пробаш силни бои – Џеки ќе биде запаметена по овие аутфити, но при избор на облека во впечатлива боја, накитот и шминката секогаш се едноставни.
3. Фатете ги фустаните со впечатлив колан на половината – така таа лесно создаваше фигура на песочен часовник.
4. Кога се двоумите, комбинирајте ги класичните црна и бела – за обичната комбинација да биде стилска, Џеки секогаш бираше добар крој и квалитетен материјал.
5. Понекогаш одберете графички принтови – геометриски фигури, цветни, пруги, апстрактни фигури – Џеки обожаваше принтови.
6. Држи се до едноставното, но со стил – нејзините аутфити изгледаат како да нема вложено труд, но се многу внимателно одбрани.
Јагода-розовото одело – крај на една ера
Еден од највпечатливите и најзапомнетите аутфити ќе остане оделото во боја на јагода, што таа го носеше за време на атентатот на нејзиниот сопруг.
М. М. | Црнобело




