На одмор со Маја Кикириткова во хрватски камп: „Поскапо е од кампување во Грција, но има топла вода и за миење садови“
„Првата година отидовме на камп кај пријатели во Љубаништа, со нас немавме буквално ништо. Сопругот Александар 7 дена имаше висока температура и секој ден одеше во Охрид на инфузија. Јас практично бев сама со децата, но за мене тоа беше најопуштениот одмор што некогаш сум го имала. Тоа беше клучниот момент да сфатиме дека за децата, најдобро е летување во камп“, вели Маја Кикириткова и открива детали за годинешното кампување во Ровињ.

Маја Кикириткова со сопругот и двете деца, Лазар (7) и Ева (5), годинава како место за одмор одбра камп во Ровињ, Хрватска.
Таа се одлучи за кампот „Campsite Polari“, кој се наоѓа во мирно заливче веднаш јужно од Ровињ.
Воодушевена е од хигиената и условите, но вели дека цените се повисоки од оние за кампување во Грција.
Целото семејство кампува трета година по ред и велат дека тие се од оние „Еднаш камп, засекогаш камп“.

Имаат кровен шатор врз автомобилот и годинава опремата ја комплетирале и со софа за седење.

Маја Кикириткова за кaмпувањето во Хрватска споделува детали за CRNOBELO.com:
„Веќе трета година по ред како кампуваме.
Првата година отидовме кај пријатели во Љубаништа, со нас немаше буквално ништо, онака пробно, да видиме како ќе ни биде.

Сопругот Александар 7 дена, колку и што бевме таму, имаше висока температура и секој ден одеше во Охрид на инфузија.
Јас практично бев сама со децата, но за мене тоа беше најопуштениот одмор што некогаш сум го имала. Тоа беше клучниот момент да сфатиме дека за нас, за децата, најдобро е летување во камп.

Следната година купивме кровен шатор, цел месец бевме на одмор (Грција и Љубаништа).

Се докажа токму истото, децата уживаа, најдоа многу другарчиња.
Кампот има посебна магија, нема dress code, по цели денови си во костими за капење, сè што е потребно се 2-3 маици, 2 пара шорцови и пижами.

Нема брзање за на појадок, секој станува кога сака, плажата е тука, нема палење автомобил, напнатост, ниту дали нешто си заборавил за на плажа.

Децата кога и да ги прашаме дали сакаат камп или хотел, едногласно одговараат камп.
Годинава сме во Ровињ, Хрватска. Претходно 5 дена бевме во Арменистис, Грција.
И за двата кампа резервиравме уште во јануари.


