„Бев во Јужна Италија, со авионски лет од Скопје кој трае 1h, и посетив 6 магични гратчиња“
„Бев сместена во стариот град на Бари, оној најавтентичниот, каде што преку прозорците ѕиркав колку страстно Италијанците навиваат за својот омилен фудбалски тим, каде видов како лудо возат со своите Веспи по најтесните сокачиња... И ќе го помнам и дедото на хармоника во Алберобело и риболовците во Монополи и магичното огледало во Матера и најубавиот пејзаж, спој на природа и историја во Полињано а Маре... Со возови и автобуси го крстосував овој дел од Италија и да, Италија никогаш не разочарува“.

Случајно некој ми спомена „Има евтини авионски летови за Бари“, па се сетив дека гратчињата од регионот Пулија во јужниот дел на Италија неретко ми биле „wallpaper“.

Искрено, никогаш не сум имала идеја да ги посетам токму во зима, но ова ми беше најдобрата можна одлука.

Зошто? Среде јануари ме дочека многу сонце, малку туристи и магија на скриени сокачиња, токму како што си замислував гледајќи романтични италијански филмови.
Нема турканици, нема редици за фотографирање на најинстаграмџиските точки и има само едно чувство на восхит и на она добропознатото „Значи, Италија навистина е најубавата земја на светот“.

И добро, да бидам искрена, многумина ми кажаа дека сум имала среќа со временската прогноза, да нема ветер и температурите да се околу 10-15 степени, но, нели јас зборувам за своето искуство?
И затоа, регионот Пулија, среде зима, дефинитивно да! На враќање бев изненадена од остриот и студен скопски воздух што ме дочека.

Таму, освен слабиот дожд на последниот ден, кој му даде доза мистика на стариот град во Бари, кој ми беше на распоред за тој ден, сите други имаат пролетна нота.
Бев сместена во стариот град на Бари, оној најавтентичниот, каде што преку прозорците ѕиркав колку страстно Италијанците навиваат за својот омилен фудбалски тим, каде видов како лудо возат со своите Веспи по најтесните сокачиња, но и колку ја ценат религијата со сите тие икони.


Насекаде сијалички и уникатен италијански шарм... Одите по тесни улички, се губите, едноставно „wanderlust“.
Сето ова надополнето со аперол шприц и нивната највкусна кујна и Италија е во полн шарм.

Потоа, регионални возови, планирање маршрути, па каде е подобро да се користи автобус како јавен превоз.
И некои ќе речат „Зошто не изнајмите автомобил“?... Затоа што тоа за мене нема магија.


Нема да видам како живеат и функционираат локалците, од кои земји доаѓаат туристите, ниту ќе го запознаев дигиталниот номад од Полска кој си имал девојка од Монополи, ниту пак средовечната Канаѓанка која ја напуштила студената Канада и веќе 4-ти месец си живее во Остуни.

