„Бев на одмор во гратче на 50km од Барселона, со лет од Скопје за 2.5 часа – какви ми се впечатоците?“
Неверојатно широка плажа до каде што ви гледаат очите, светилник, Шпанци кои танцуваат, каталонски дух, ова мало гратче совршено поврзано со возови со низа дестинации на брегот Koста Брава, гратче кое се наоѓа на половина пат меѓу Барселона и Жирона е совршена летна дестинација. Превкусна храна, сангрија, ќошиња со историја и цени пониски од Грција...

Годинава на тема летен одмор имав на ум само едно – мора да биде Шпанија. Некако бев жедна за тој шпански дух, нивната игривост, динамика и нормално сангрија и паеља.
Претходната посета на оваа земја ми беше на Тенерифе во 2019-та година и овојпат немав конкретна локација на ум, само земја – Шпанија!

Гуглајќи понуди, гледајќи буџет и пред сè, покрај убава плажа, местото да е живо навечер, дојдов до идеја да одам во гратчето Калеља.
И сите познаници ме прашаа каде е тоа, не сме чуле за него.

Па, вака, со директен лет од околу 2.5 часа стигнав од Скопје до Барселона, па со трансфер со автобус од околу еден час стигнав во Калеља, гратче во Каталонија.

И сето тоа семејно со детенце од 1.5 година и помина совршено.
Покрај со автобуси, патувањето вклучуваше и користење на локален превоз, односно низа возови, но така модерени и со место за бебешка количка, што сè помина во најдобар ред.

Инаку, Калеља се наоѓа околу 50 километри североисточно од Барселона, во областа Коста дел Маресме (непосредно пред да почне познатиот брег Коста Брава).

Калеља има околу 18.000 жители, но во лето бројката се зголемува многу поради туристите.

Поради близината до Барселона (1 час со воз), често се избира од туристи што сакаат комбинација на одмор и градски тури, а јас сум токму таков вид на турист. И не погрешив со изборот!

Одлично беше поврзана, па од неа лесно пристигнав и уживав во многу места.
Ја посетив и магичната Жирона, каде шарените куќи, калдрмисани улички и живописни мостови направија да се вљубам за миг во овој град.

Со улични музичари и местенца каде се снимале сцени за „Game of Тhrones“, Жирона за мене е „must“ за посета и помагична и од Барселона.

Добро, знам колку е прекрасна Барселона, но чекањето ред за да се сликам кај езерцето пред катедралата Саграда фамилија, на Гауди, за мене малку ја руши магијата на патувањето (знам и во Фиренца е така и во Рим е така, но едноставно јас сакам „wanderlust“ – да се изгубам по уличките на помалите места, спонтано да откривам работи, да видам што прават локалци, помалите места едноставно ми се во срцето).
