На одмор со Нина Ред на Миконос: „Нема пауза од забави, сите шетаат дотерани, а за секаде се потребни резервации“
„Овде навистина владее ноќниот живот, има посебен дух. Ме воодушевува модата, сите се дотерани, дури и повозрасни. Гиро ќе најдете од 10 евра па нагоре, пијалак од 10-15 евра, лежалките варираат од 30-50 евра, а некаде дополнително мора да се потроши минимум 80 евра консумација“ - вели за CRNOBELO.com Нина Ред за одморот на Миконос.

Инфлуенсерката Нина Ред, и ова лето, како и минатото, се одлучи да го посети Миконос, грчкиот остров кој никогаш не спие и каде забавата трае до раните утрински часови и почнува одново.
Таа на Инстаграм постојано објавуваше фотки и видеа од стајлингот, забавите и уживањето во одморот, или како што таа го нарекува замор, бидејќи забавата никогаш не престанува.
Миконос како дестинација ја воодушевува заради културата и модата, па токму на тоа и самата најмногу се фокусирала.

За CRNOBELO.com таа раскажува повеќе за островот, како го доживува, местата кои вреди да се посетат, начинот на транспорт и цените...
Бевме сместени во непосредна близина на строгиот центар каде се случува ноќниот живот. Хотелот ни беше на 5 минути до сите ресторани, барови, кафулиња, брендови, локални продавници, но затоа за популарните плажи ни требаа сигурно некои 15 минути возење со АТВ.

Имаше денови кога посетувавме плажи, но и денови кога седевме на базенот во хотелот. Мој предлог (зависно што преферираат луѓето) е при резервирање, да одберат сместување што е во близина на центарот, по можност со базен, бидејќи ќе им биде од голема корист за денови кога ќе сакаат да одморат од ноќниот живот.

Миконос е едно од популарните летни места за забава кои мора да ги посетите и навремено да се организирате за нив, вклучително и патот.
Ние букиравме 2-3 месеци однапред, дојдовме со возило до Солун и оттука до Миконос.
Што се однесува до транспортот таму, појдено од искуството од претходната година, веспата не е за нас, па затоа зедовме АТВ, што е далеку подобро за контрола и безбедност во сообраќајот, особено што има угорници, удолници и огромни гужви.

Миконос е дефинитивно место за вистинска забава, но нуди и можности за оние кои сакаат помирно да го поминат одморот, односно да го прошетаат центарот и да поминат време на помирни плажи, има сè за сечиј вкус.
Но, ќе нагласам, Миконос живее од 21 часот, па сè до раните утрински часови.

Поради огромната посетеност, мора да се прават резервации за плажите и баровите. За цените не би дискутирала, но би кажала, зависно каде сакате да посетите и колку е извикана плажата, мора да издвоите одредена сума за две лежалки, без храна и пијалак.
Пример, варираат од 30 евра за лежалки на Nammos, без минимална сума за консумација, па сè до 50 евра лежалка со 80 евра минимум консумација на Кануа.

Ова пак, сè зависи дали сте со поголемо друштво и на која плажа, може воопшто да не го почувствувате тој момент ако трошокот го делите.
Инаку, плажите се песочни, водата кристално чиста, тиркизна, но мора да се има предвид и за дневните забави на плажите. Никаде нема стоп од забави овде.

