„Бев на викенд во Кутмичевица, а сопственикот Насто ме трогна со љубовта кон родното Вевчани и локалот, што го работи 20 години“
„И се разбудив совршено наспана на чист вевчански воздух, денот го започнав со домашно ајварче и мармалад, направено од вредните и љубезни домаќини во „Кутмичевица“, уживав во прекрасните Вевчански Извори и уште еднаш си реков: „Македонијо, убава си“ и да, Вевчани е еден од нашите најголеми бисери.... Традиција, топлина, љубов, историја - едноставно полно срце“.

Моја викенд дестинација беше Вевчани, и ова не е првпат да го посетам ова наше село, гордост на Вевчанци, но и на цела Македонија, но е првпат да заспијам и да се разбудам таму и да го доживеам на еден сосема поинаков начин.

Дефинитивно е едно од моите омилени места во Македонија! А Вевчанци? Иако се само околу 2.500 постојани жители таму, тие се пример како се сака своето родно место, а нишката на гордост дека се родени токму во Вевчани која е проткајана во секој еден од нив – ми е омилена.
Токму таков е Насто Богоески, горд Вевчанец и сопственик на култниот етно ресторан „Кутмичевица“, кој е пример како со љубов и посветеност се гради бизнис кој трае веќе 20 години.

Имав можност да бидам дел од прославата по повод 20 години постоење на ова место, кое настанало во старата семејна куќа, каде Насто живеел до свои 15-16 години.
Тој ми раскажа дека некогаш ова место изгледало сосема поинаку и сите биле скептични кога одлучил дека таму, на 300-400 метри од Вевчанските Извори во сокаче од калдрма ќе направи ресторан.

И денес во тој ресторан одѕвонуваат чекорите на неговите внучиња, на помладата генерација полека ѝ ги доверува тајните на угостителството и ги слави годишнините од брак со својата сопруга со децении, со која заедно го изградиле овој сон, иако на почетокот и таа била скептична.

Иако двајцата доаѓаат од сосема поинакви професионални светови (тој како пензиониран правник во полицијата, таа како специјалист по медицинска биохемија), совршено се вклопиле во оваа приказна. Насто секојдневно се грижи за набавка на свежи и квалитетни производи, додека сопругата, заедно со својот стручен, посветен и искусен тим во кујната, има клучна улога во креирањето и постојаното унапредување на понудата со автентични, традиционални и внимателно подготвени рецепти. Тимската работа, љубовта кон готвењето и посветеноста на секој вработен се она што ѝ даваат посебен печат на целокупната гастрономска приказна.

И, како прекрасни домаќини, дома ме испратија со шишенце од нивната домашна мастика и домашен мармалад. И не само ова, сè што можат на менито тие гледаат да е домашно и приготвено лично од нив, а на помош имаат и други роднини, но и вработените, кои речиси сите се од локалното население.

Насто е горд што овој бизнис е на листата на „slow food гостилници“ и ги задоволува сите критериуми за вкусови, традиција и квалитетни состојки. Плус, е на листата на топ 100 зелени места, за која исто така има високи критериуми.
И да се вратам на мојот престој таму.

Засега од сместувачки капацитет, имаат само две соби, но во иднина планираат да го прошират својот бизнис.
И јас се разбудив токму во една таква, со камени ѕидови кои историја раскажуваат, со котле на оган, со стари везови, со пегла каква што користеле нашите предци.

