Инфлуенсерката Софија Јанева за одморот со мало дете: „Чекањето на грчка граница со Матео (1) беше тест на трпение“
„Да почнеме од патот до Грција со чекањето на граници беше вистински тест за трпение. Имаше плачење, вриштење, досада... при крај се прашувавме дали ова патување воопшто беше добра идеја, но некако издржавме“, искрено споделува Софија Јанева за одморот со сопругот и синот Матео (1).

Инфлуенсерката Софија Јанева беше на одмор во Грција со сопругот, синот Матео (1), нејзината мајка и уште некои пријатели.
Таа вели дека одморот на моменти бил вистински предизвик и не чувствувала како да е на одмор, но вредело за сите креирани заеднички спомени.

Нејзината исповед за гужвите на грчка граница, но и целиот престој:
„Одмор со тодлер не е одмор. Тоа е родителство на поубава локација.
Ако сте родители, веројатно знаете дека зборот „ОДМОР“ добива сосема ново значење кога во равенката ќе додадете тодлер.

Наместо лежалки, коктели и попладневни дремки покрај море, добивате трчање по плажа, постојано вадење камчиња и песок од уста, преговарање околу крема за сончање и кардио кое не сте ни знаеле дека ви треба.
Сепак, овој одмор ќе си го памтиме засекогаш.

Да почнеме од патот до Грција со чекањето на граници беше вистински тест за трпение. Имаше плачење, вриштење, досада... при крај се прашувавме дали ова патување воопшто беше добра идеја, но некако издржавме.
Штом стигнавме и го видовме морето сите коцки си дојдоа на свое место.

Матео максимално уживаше! А кога велам максимално, мислам на она чисто, детско уживање кое не може да се одглуми. Она кога очите буквално му светат од возбуда!

Базенот беше неговото омилено место на светот. Од отворање очи наутро до последниот момент пред спиење, единствената агенда беше: базенче или плажа.
На плажа си најде нова работа со полно работно време: копање.
Со лопатки, кофи, раце, нозе… не беше важно. Песокот требаше да се премести од едно место на друго и тоа беше сериозна задача.
