Со комбе низ Европа - авантурите на Александар и Кристиаан (фото)

Приказната за Александар Атанасов – Нинџа од Кавадарци и Кристиаан Башоски – Крис, роден во Холандија, а кој на 12 години со семејството се преселил во Пештани, ќе ве воодушеви.

so kombe niz evropa avanturite na aleksandar i kristijan 12

Приказната за Александар Атанасов – Нинџа од Кавадарци, кој три години работел во автомобилска индустрија пред да реши да си го смени животот, и Кристиаан Башоски – Крис, роден во Холандија, кој на 12 години со семејството се преселил во Пештани каде започнале фамилијарен бизнис, е една од ретките стории во Македонија кои засведочува една незаборавна авантура и потреба за лично проширување. 

Пред две години, Кристиаан со Fiat Ducato 2.8 , патувал од Скопје за Битола и на патарината кај Градско му се скинала сајлата за кумплуг. Еден заеднички пријател му се јавил на Александар за да го однесат комбето на поправка.

Го средиле како што треба и Александар му дофрлил дека комбето би било многу јако ако се преобрази во кампер. По две недели Кристиаан се вратил со кревет и 40-инчен телевизор во комбето.

Отогаш станале пријатели, од каде произлегла идејата за заедничко патување. Александар дал отказ на работата и заминал во Пештани да работи во фирмата на Кристиаан, која работи со туристи од Холандија. Токму таму, Александар ја запознал Натали, сестра му на Кристиаан, која подоцна му станала девојка.

so kombe niz evropa avanturite na aleksandar i kristijan 15

„Кога веќе го имавме комбето“, раскажува Александар. „Ни беше потребно да формираме заеднички буџет. Јас го продадов мојот Honda Transalp и бев подготвен да внесам новитет во моето постоење“.

Кристиаан тргнал за Кавадарци, по пристигнувањето се паркирал пред една железара и со Александар во наредните два дена работеле на финалниот изглед на комбето.

„Најголем страв ми е да остарам и да сфатам дека не сум живеел, па затоа сакав да извлечам колку што е можно повеќе од годините во кои се наоѓав. Планот ни беше да патуваме каде што ќе ни текне во наредните три месеци“, открива Кристиаан. „Според нашиот буџет, ако јадеме од Lidl и спиеме во комбето ќе имаме пари за 90 дена. Нашето мото за време на патувањето беше: Avoid tolls! Моравме да ги избегнуваме патарините за да заштедиме пари“.

so kombe niz evropa avanturite na aleksandar i kristijan 4

Александар и Кристиаан на 23 октомври од Скопје тргнале на патувањето и благодарение на гугл-мапите се упатиле спрема Косово, Црна Гора, Албанија, Хрватска и Словенија. Додека се наоѓале на некоја планина во Словенија со денови не биле избањани. Временските услови им се погодиле така што дождот бил доволен за телесно да се исчистат под отворено небо на температура од 4 степени.

Првата работа како дел од нивната дневна рутина било барање на тоалет. Најчесто ја користеле пространата природа или оделе во локали каде што имало и интернет. Потоа купувале прехранбени продукти и возењето започнувало.

Нивното патување продолжило во Австрија и Италија, каде секојдневно гледале Game of Thrones и тоа на интересни локации кои потсетувале на оние од серијата. Во Италија налетале на напуштен замок, скриен во шума каде што се паркирале пред стемнување. Преку ѕидините успеале да влезат во внатрешноста на заборавеното здание и да ги истражат подземните тунели. Адреналинската случка им овозможила да се почувствуваат како да се дел од некоја епска фантастика.

so kombe niz evropa avanturite na aleksandar i kristijan 6

Нивното комбе Fiat Ducato 2.8 преку Монако, Франција и Шпанија, ги спровело во Португалија.

„Југот на Португалија ни остави најголем впечаток“, раскажуваат патниците задоволни од сончевите денови. „Се чувствувавме навистина слободно. Може да се кампува и да се пали огин скоро насекаде. Голем број на кампери зимата ја поминуваат таму, сурфаат и речиси секој зборува англиски“.

so kombe niz evropa avanturite na aleksandar i kristijan 3

За Александар и Кристиаан не постои место што не би го посетиле уште еднаш, но како кампери би ја избегнале северна Италија затоа што бесплатното кампување е речиси невозможно. Бензинските пумпи надвор од автопатот немаат тоалети и интернет и се е во приватна сопственост.

По престојот во Португалија за рекордни три дена стигнале во Белгија и на крај завршиле во Холандија.

so kombe niz evropa avanturite na aleksandar i kristijan 7

„Во Холандија дојде и Натали, мојата девојка, сестра на Кристиаан и нивните родители каде што заедно ја поминавме Божиќната вечер“, раскажува Александар.

„Потоа се разделивме. Јас со Натали заминав во Брисел кај братучетка ми, па во Англија, а Крис остана во Амстердам со пријатели од Македонија и Холандија. Кога Натали си замина за Њујорк, јас се вратив во Амстердам за да направиме ребаланс на буџетот. Излезе дека немаме пари да се вратиме дома“.

so kombe niz evropa avanturite na aleksandar i kristijan 1

Кристиаан се вработил во супермаркет, а Александар во продавница за сувенири каде работел по 12 часа дневно. Си купиле по еден украден велосипед за по 20 евра, започнале нов живот, со нови ликови и пријатели.

„Во Амстердам има толку многу туристи што мислиш дека си поврзан со целиот свет и дека ништо не пропушташ“, се присетува Александар. „Колегите од работа ми беа од Пакистан, Индија, Авганистан, Мароко и во две недели дознав многу информации за локалната и светска политика од прва рака“.

„Најубавото чувство од целото патување е чувството на слобода“, откриваат Александар и Кристиаан. „Чувство кога ќе станеш од спиење без да знаеш како ќе започне, ќе се одвива и ќе заврши денот. Кога немаш претстава каде ќе преспиеш, кого ќе запознаеш и дали воопшто ќе се поместиш од местото каде што си се разбудил. Излезете од комфор зоната и откривајте. Тоа е она што го бараме од животот“.

so kombe niz evropa avanturite na aleksandar i kristijan 8

Откако успеале да заработат доволно пари за да се вратат во Македонија, Александар и Кристиаан во најголемо невреме возеле низ Германија, Австрија и Словенија. Ги поминале Хрватска и Србија и на граничниот премин Табановце им се скинала сајлата на кумплугот. Без никакви дополнителни компликации, успешно се вратиле во своите домови. 

Двајцата пријатели велат дека во Австрија и Германија полицијата е најстрога. Често ги стопирале поради изгледот на комбето и секогаш ги испрашувале дали носеле марихуана или друг вид наркотици.

so kombe niz evropa avanturite na aleksandar i kristijan 9

„Луѓето најчесто нè прашуваат дали во текот на патувањето се разделивме, скаравме или си здодеавме еден на друг“, споделуваат тие. „Но, немаше такви ситуации. Единствено е што сопатникот треба да сака да патува и да не хрчи. Или и двајцата да хрчат. Нема зошто да се караш кога си на одмор, зошто едноставно си на одмор“.

Патувањата на Александар и Кристиаан нема да престанат тука. Имаат толку многу дестинации што сакаат да ги посетат во светот. На нивните инстаграм профили @aleksan.atanasov и @christiaan_basoski споделуваат дел од авантурите со кои се соочуваат секојдневно. 

so kombe niz evropa avanturite na aleksandar i kristijan 11

„Патувањето доволно нè промени“, додаваат двајцата. „Почнавме да ја учиме животната школа и сега кога сме дома повторно сме во движење. Спиеме во различни градови, кај пријатели, по викендици. Уживаме сами да правиме храна и продолжимве да ја избегнуваме комфор зоната. Сакаме од секој ден да го извлечеме максимумот и во секој ден да бидеме ние“.

so kombe niz evropa avanturite na aleksandar i kristijan 2

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

8 работи на кои не треба да трошите пари на вашиот одмор (кога престојувате во хотел) Не вреди да давате многу пари за полуксузна соба – во повеќето хотели, нема голе...
Места во Македонија кои ми недостигаат: Селото во кое израснав, манастирот кој ми носи мир Кога подолго време не живееш во родната земја често ќе се најдеш во ситуацијата ...
Ивана од Скопје: „Работев како фотограф на брод, крстарев низ француските Кариби - што ме воодушеви ...  Досега имам посетено многу поморски градови, пристаништа, популарни монден...
Викенд предлози: Подзаборавени села во Македонија што треба да ги посетите (раскажуваат историја) Колку и да ја истражуваме нашата земја никогаш не може да се заситиме од волшебн...
Забава до зори во Белград, богата гурманска понуда во Ниш - кои српски градови се идеални за city br... Од запад кон исток, север кон југ, низ различни региони, рамнини и планини... Ср...
Каде да летувате во Хрватска ако сакате песочни плажи? За Хрватска, првата помисла за плажите најчесто е карпести и камени плажи со кри...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg