Викенд предлог: Станечки водопади


Викенд предлог: Станечки водопади

Станечки водопад или Станечки водопади на Козја Река (десна притока на Дурачка Река, која во градот Крива Паланка се влева во Крива Река), се наоѓаат во северниот дел на Осоговските Планини, кај с. Станци, 8 км јужно од Крива Паланка. До самото село Станци во долината на Дурачка Река, води асфалтен пат долг 5 км.

vikend-predlog-stanecki-vodopadi-01

Потоа се тргнува по патека која води покрај Козја Река и по околу 3 км или 30-тина минути пешачење се доаѓа до големиот Станечки водопад. Водопадот е на надморска височина од 1160 м и функционира во текот на целата година. Неговата височина изнесува 11 м, со што е најголем постојан водопад на Осоговските Планини (нешто помал е водопадот на Злетовска Река кај с. Јамиште). Во подножјето на овој ерозивен водопад, со вртложното движење на водата е создаден голем природен базен или џиновски лонец.

Од џиновскиот лонец речната вода слаповидно истекува кон помирниот дел на Козја Река, паѓајќи уште 3 м на релативно кратко растојание, така што водата вкупно се спушта 14 м. Инаку водопадот е релативно пристапен и се наоѓа во густа букова шума, што заедно со бистрата речна вода која се прелева кон околината му дава посебна убавина. Кон повисоките делови има уште неколку мали водопади кои го надополнуваат амбиентот. Освен водопадите, на овој простор има интересна појава на огромни карпести блокови, настанати со механичко распаѓање.

vikend-predlog-stanecki-vodopadi-2

Самата долина на Козја Река е тесна и на одредени места скоро вертикална со изглед на мал кањон, па искачувањето по неа е доста тешко. Кон исток, долината стрмно се издига кон билото на Калин Камен на околу 1800 м и понатаму кон Царев Врв, што може да биде интересна рута за планинарење. Сето наведено надополнето со свежата и пријатна клима, чистиот воздух, зеленилото, архаичните објекти на с. Станци и с. Дурачка Река, како и блискиот етно ресторан и рибник прават посетата на овој простор да биде извонредно доживување.

Ако прошетате до водопадите, направете убави фотографии бидејќи изгледа сме во дефицити со фотки од ова место.

Автор: д-р Ивица Милевски

Извор: http://www.igeografija.mk

Вие во секое време можете да ни праќате ваши статии со предлози за места кои вредат да се посетат во Македонија како и фотографии од истите на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите..

Повеќе викенд предлози може да погледнете овде.

Би можело да ве интересира:

Марков манастир – убавина зачувана со векови за совршено бегство од градската џунгла На само 20 km од Скопје ќе пронајдете место за совршен одмор и мир. Марков ...
Евгениј Хоуп препорачува дестинации низ Македонија за последниот викенд од октомври Скоро секој ден отворам временска прогноза и проверувам до кога ќе имаме пристој...
Викенд предлог: Истражете ја Малешевијата и убавините на Пехчевските водопади (фото) Малешевијата е една од најубавите области во Македонија, а Пехчево дефинитивно е...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg